Достапни линкови

Спасовски и Ременски не положија заклетва за новата Влада


Со 72 гласа за и девет воздржани Собранието вечерва ја избра преодната Влада, на седницата на која не беа присутни двајцата министри на СДСМ, Оливер Спасовски и Фросина Ременски.

Новиот мандатар Емил Димитриевски во обраќањето пред пратениците рече дека ќе го продолжи процесот на организацијата на изборите и оти сите институции ќе се залагаат за слободни и фер избори. Тој упати охрабрување до Државната изборна комисија да дејствува одговорно, ослободена од сите притисоци. Тој истакна дека националните и државните интереси треба да бидат приоритет во дејствувањето на сите политички партии и ја повика опозицијата на конструктивност. Тој посочи дека преодната Влада ќе го задржи континуитетот на сите проекти наведени во владината програма.

Во обраќањето при претресот, пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ, Антонио Милошоски рече: „Доколку досегашните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика не дојдат навреме или не ги потпишат заклетвите коишто се должни да ги потпишат како министри во Владата на Р. Македонија, тогаш почитуван колега вие од вечерва нема бидете само премиер, туку ќе бидете и министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, се додека согласно Уставот и Законите, како што треба секој министер не даде и не потпише свечана заклетва дека ќе работи согласно Уставот и Законите“ рече Милошоски.

XS
SM
MD
LG