Достапни линкови

Нема договор за избори на 24 април


СДСМ нема да оди на избори доколку тие се одржат на 24 април, а дотогаш целосно не се спроведе Договорот од Пржино, додека останатите три партии во преговорите, според еврокомесарот Јоханес Хан, биле сложни за датумот и гарантирале исполнување на договорот. Груевски го обвинува Заев за пропаѓањето на преговорите.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан по маратонските преговори во резиденцијата на евроамбасадорот во Пржино изјави дека е невозможно да има договор меѓу четирите политички партии, затоа што три партии се согласиле предвремените парламентарни избори да се одржат на 24 април, но една партија била против.

Ни потроши 12 часа Зоран Заев за да моли, да инсистира да нема избори, место да разговара за методологијата на избирачките списоци. Тој не сака избори зошто ќе ги изгуби, сака одложување без сериозни аргументи. Законот за медиуми за кој бара измени, тоа го нема во ниту една држава. Овој човек само во криза е актуелен и верува дека само преку криза ќе дојде на власт,“ изјави Груевски.

„Вечерва тројца од четворицата лидери беа сложни за датумот и гарантираа исполнување на обврските. Земјата е во многу тешка состојба. Она што го видовме во 2015 година продолжува и во 2016 година. Сметам дека владата, политичката елита и Парламентот треба да обрнат внимание на оваа многу сериозна ситуација од која е засегната и економијата на земјата и нејзината евроатланската перспектива. Денеска сфатив дека не е можно да се постигне договор помеѓу сите политички партии за одржување на избори на 24 април“, рече Хан.

Тој додаде дека очекува сите политички партии да се држат до договорот потпишан на 2 јуни/15 јули.

„Ги уверив сите партии дека европските институции се тука да и помогнат на земјата. Сакам да го уверам секој граѓанин дека без разлика што ќе биде конечната одлука на политичките партии кога да биде датумот за предвремени избори, ние ќе помогнме во организацијата и дека ќе ја надледуваме ситуацијата за време на изборите“, изјави Хан по прекинот на преговорите и најави дека повторно ќе дојде во Македонија.

Тој сепак, не ја отфрли можноста за одржување на избори, истакнувајќи дека одлуката е на партиите, на државата и на Парламентот.

За неуспехот на преговорите премиерот Никола Груевски го обвини лидерот на СДСМ Зоран Заев. Груевски изјави дека само еден од лидерите инсистирал на одложување на датумот за изборите.

„Ни потроши 12 часа Зоран Заев за да моли, да инсистира да нема избори, место да разговара за методологијата на избирачките списоци. Тој не сака избори зашто ќе ги изгуби, сака одложување без сериозни аргументи. Законот за медиуми за кој бара измени, тоа го нема во ниту една држава. Овој човек само во криза е актуелен и верува дека само преку криза ќе дојде на власт,“ изјави Груевски.

Тој нагласи дека еврокомесарот Хан јасно им кажал дека претседателот на Државната изборна комисија го известил дека не постојат никакви пречки за одржување на изборите на 24 април, исто како и ОБСЕ, додавајќи дека само еден човек се обидува да ја продлабочи кризата.

Лидерот на опозицијата Зоран Заев, пак, изјави дека СДСМ нема да учествува на изборите доколку тие се одржат на 24 април и доколку дотогаш не се решат сите прашања предвидени до Договорот во Прижино.

„Преговорите пропаднаа. Ако изборите се одржат на 24 април, СДСМ нема да учествува бидејќи нема време да се создадат услови за фер изборен натпревар, бидејќи нема време да биде прочистен Избирачкиот список и нема време да биде регулирана состојбата во медиумите. Ние ќе продолжиме да се бориме за демократијата во Македонија“, изјави Заев и си замина.

Повеќе детали за она што се случувало на маратонската средба Заев најави за утре.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека иако не дошло до никаков договор, не сака да помисли на избори без опозицијата. Тој рече дека се надева оти опозицијата ќе се согласи да преговараат се додека не дојдат до заеднички договор.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи кој истовремено ја напушти средбата не сакаше да даде изјава, туку рече дека тоа ќе го направи еврокомесарот Хан

Груевски уште еднаш потврди дека неговата оставка останува и е депонирана до денот на изборите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG