Достапни линкови

Оставката ќе стапи на сила на 100 дена од официјалниот датум од одржувањето на парламентарните избори во земјата.

Премиерот Никола Груевски утре до претседателот на Собранието ќе поднесе писмо со оставка од неговата функција. Тој во обраќање во Владата вечерва рече дека оставката ќе стапи на сила на 100 дена од официјалниот датум од одржувањето на парламентарните избори во земјата. Тој истакна дека стои зад неговиот дел од Договорот од Пржино за излез од кризата.

Оваа оставка ја покажува силата на нашето убедување и вербата во демократијата. Најдобрата победа над оваа валкана кампања против Македонија водена преку најразлични методи изминатава година и половина се чисти избори кои нема да ни дадат никаков изговор никому.

„Оваа оставка ја покажува силата на нашето убедување и вербата во демократијата. Најдобрата победа над оваа валкана кампања против Македонија водена преку најразлични методи изминатава година и половина се чисти избори кои нема да ни дадат никаков изговор никому. Такви беа изборите на кои освоивме огромна победа, а огромна ќе биде победата заедно со вас и на следните избори.“

Според него, Македонија е предолго заглавена во политичката криза и нагласи дека многу е важно проблемите да се остават зад нив за да може државата да оди напред. Груевски порача дека направиле многу компромиси за излез од кризата и оти тоа го правеле свесно и за доброто на државата. Тој нагласи дека согласно Договорот од Пржино изборите треба да се одржат на 24 април и сега е време да се исполни таа обврска.

„За жал неодамнешните изјави од страна на СДСМ фрлаат сенка врз овој дел од договорот. Ова е јасна замка за да се држи нашата земја во заложнишво, во криза и во конфликтност и да се оспори правото на народот да ги одбира луѓето кои мисли дека треба да ја водат државата. Јас сум против ова кочење и против ваквото држење во заложништво на нашата држава“.

Тој додаде дека се убедени оти тоа што го прават е за доброто на државата и народот.

„Македонија мора да оди напред и ние со народот ќе се избориме за тоа. Мојата партија и јас лично се држиме до овој договор затоа што се потпираме на вас и веруваме во вас. Вие народот на Македонија вие сте нашата потпора и јас ова го правам за вас. Затоа што верувам во вас во вашата одлука и проценка. Вие сè знаете, никој не смее да ве потценува, вие одлучувате“.

Тој на крајот порача дека на следните избори нема да губи време на стари препукувања и ќе се фокусира на сериозните прашања и планови и ќе презентира детална програма со очекувањата на народот и ќе го исполни ветеното. Програмата, како што нагласи е за граѓаните и за иднината на државата, а изборите на 24 април ќе го тргнат облакот на неизвеснот и Македонија ќе покаже дека е силна држава.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG