Достапни линкови

Реформи во администрацијата по избори


За работите да се доведат во нормала потребни се година или две. Проблемот со администрацијата, која е критикувана во секој извештај на ЕУ, може да се реши, но потребна е политичка волја, а тоа недостасува.

Преобемната, партизирана и неефикасна администрација се наведува како проблем години наназад во извештаите на ЕУ за Македонија, а беше нотирано и во извештајот на Прибе.

Предуслов за да почне овој проблем да се решава е партиите, сите партии однапред да се откажат од тоа дека администрацијата е плен за партиското членство.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

Пред изборите нема никакви шанси да се прават реформи во администрацијата, затоа што тоа бара крупни резови во начинот на кој се регрутираат службениците, во начинот на кој се проценува потребата од бројот на вработени во секоја институција и од разделувањето на државата од партијата вели Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование.

„Факт е дека во последните десет години и претходно, но во последните десет години особено, администрацијата се гледа како простор за регрутирање на партиските кадри и задоволување на желбите и потребите на луѓето од владејачките партии од една страна и од друга страна потребите на партиите да ги вдомат своите поддржувачи и на тој начин да регрутираат лојални гласачи за кои било наредни избори“, вели Маричиќ.

За работите да се доведат во нормала потреби се година до две, потребен е првин детален скен на состојбата во институциите, да се види колку луѓе се вработени и каков кадар е вишок или недостасува, вели Маричиќ.

„Тоа е долготраен процес и потребни се години за да застане на нозе, меѓутоа треба да се почне час поскоро, така што за неколку месеци не е возможно, особено ако нема политичка волја кај власта, да не заборавиме дека ние се уште немаме официјален податок која е бројката на јавната администрација. Предуслов за да почне овој проблем да се решава е партиите, сите партии однапред да се откажат од тоа дека администрацијата е плен за партиското членство“, вели Маричиќ.

Тој додава дека работите не можат да се сменат ако секоја нова политичка гарнитура кога ќе дојде на власт ги отпушта вработените или менува се од раководител до портир и тие луѓе треба да чекаат 4, 8 или повеќе години за да се смени власта и повторно да дојдат на некои позиции.

Власта оперира со бројка од 128.253 административци, опозицијата тврди дека има 180 илјади вработени во администрација. Власта јавно зборува и дека има вработени кои седат дома, а земаат плата, тие, како што велат, немале бироа, компјутери и конкретни задачи. Државниот секретар во министерството за администрација Јахи Јахиу откри дека има 1.600 административци кои не доаѓаат на работа. Министерката за администрација Марта Арсовска Томовска признава дека има такви луѓе, но дека не располага со точна бројка. Таа вели дека интензивно се работи на реформа на јавната администрација и дека вработувањата веќе нема да одат преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, а сите вработувања на припадници на мнозинската и на немнозинските заедници ќе одат директно преку институциите врз база на нивните потреби.

„Не можеме да кажеме дека администрацијата била партизирана, дека е преобемна и дека е неефикасна рече Марта Арсовска Томовска, министер за информатичко општество и администрација.“

Владата, со новите законски решенија, наскоро мора да објави регистер за сите административни вработувања, за да се добие целосна слика за состојбата. Во меѓувреме се спроведува пилот проект за оценување на службениците. Опозициската СДСМ предлага оценувањето на администрацијата да биде ставено во мирување се додека не биде дефиниран фер систем на оценување. Тие сметаат дека со актуелниот начин на оценување администрацијата може да биде заплашувана со откази особено во предизборната кампања.


Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека доколку тие дојдат на власт административните службеници нема да бидат бркани од работа, но дека ќе има реорганизација по претходно направени анализи.
„Ќе воведеме флексибилно работно време и институции отворени за граѓаните до 20 часот. Главен критериум за вработување нема да биде партиската книшка, туку стручноста и работното искуство“, рече Заев на Конгресот на СДСМ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG