Достапни линкови

Последно предупредување од судските административци


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Претставниците на судските административци велат дека оставаат простор до петок да се сретнат со министерот за правда во врска со нивните барања, но доколку до тогаш нема позитивен исчекор, тогаш од вторник ќе донесат ново решение во каква форма ќе го изведат штрајкот.

Последно предупредување пред штрајк упатија денеска претставниците на Синдикатот на работниците од управата и правосудните органи и Здружението на судската администрација. Тие велат дека оставаат простор до петок да се сретнат со министерот за правда во врска со нивните барања, но доколку до тогаш нема позитивен исчекор, тогаш од вторник ќе донесат ново решение во каква форма ќе го изведат штрајкот.

Судиите овој пат на општо изненадување на Синдикатот, верувам и на здружението, ги поддржаа нашите барања, не само декларативно, туку и практично. Што значи тоа? Немавме притисоци и мислам дека и тие ја сфатија суштината на нашите барања.
Пецо Грујовски, претседател на синдикатот на УПОЗ.

Претседателот на овој гранков синдикат(УПОЗ), Пецо Грујовски изјави дека на претходниот предупредувачки штрајк добиле индиректна поддршка во нивните барања и од судиите.

„Судиите овој пат на општо изненадување на Синдикатот, верувам и на здружението, ги поддржаа нашите барања, не само декларативно, туку и практично. Што значи тоа? Немавме притисоци и мислам дека и тие ја сфатија суштината на нашите барања. Морам да кажам дека во минатото кога сме штрајкувале сме имале само вербална поддршка од судиите, можеби затоа што нивните права се решени со посебен закон“, рече тој.

Грујовски додава дека бараат измена на законот за судска служба, бараат промена на работното време, како и исплата на ветените 5 проценти зголемување на платата кое владата го најави за октомвриската административна плата.

„Значи во законот стои дека треба да биде исплатено, ако законот не е изменет во секој случај вработените може да поведат судски спор да си ги добијат тие пари, значи треба владата да се произнесе што станува, дали ќе има одлагање, дали месец два или година. Во секој случај треба да знаеме за што се работи“, вели тој.

Борче Мишевски од Здружението на судската администрација вели дека е потребно да се измени и законот за академија за судии и јавни обвинители.

„Поготово во оној дел каде што се предвидуваат критериумите за кандидати за судии. Односно во оние посебни услови каде се определени сите тие критериуми а кои што придонесуваат една цела генерација правници да бидат запоставени и да не можат заради новите услови да го стекнат статусот кандидат за судија“, вели тој.

Универзитетскиот професор Осман Кадриу вели дека, ако се реализира штрајкот на вработените во судството, целиот систем ќе се закочи.

„Буквално нема да може да работат, ниту ќе можат да насочуваат предмети, нити предметите кои се закажани, утврдени се конкретни термини за судење, нема да може да се организираат судењата. Тоа е една целосна блокада на судовите“, вели тој.

Синдикалците од УПОЗ тврдат дека законот за судска служба е лош и во спротивност со законите за трудово право. Тие забележуваат дека законот е нетранспарентно донесен, дека голем дел од одредбите се со рестриктивен, репресивен и дискриминирачки карактер и овозможува вработување на неквалитетни кадри на високи позиции.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG