Достапни линкови

logo-print

Роковите прoбиени, изборите доведени во прашање


Роковите од „Пржино“ се прегазени, со што се поставува прашањето дали изборите догодина ќе бидат законски. СДСМ бара целосно да се почитува Договорот, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се конструктивни и дека терминот за избори е фиксен.

Роковите за спроведување на Договорот од Пржино се поминати, предупредуваат политичарите и поради тоа некои од нив велат дека само со целосно почитување на Договорот од Пржино изборите во април наредната година може да бидат законски.

Бараме целосно почитување на договорот. Само со такво исполнување на договорот можни се фер избори, се друго е само фарса.

Загрижувачко е што се уште не е решен составот на ДИК. Партиите не можат да се договорат околу имињата на тројцата експерти, а има застој и во преговарањата за медиумите. Евроамбасадорот Аиво Орав и амбасадорот на САД Џес Бејли веќе предупредија дека сите рокови од Договорот од Пржино се пробиени, а белгискиот олеснувач смета дека решение за избор на експерти за ДИК е можен. Но партиите не го делат неговиот оптимизам.

Дамјан Манчевски од СДСМ укажа дека во овој момент се уште нема договор околу членовите на ДИК оценувајќи дека се работи за разлики во однос на она што е договорено во Пржино и она што е предвидено во законите.

„Само за илустрација ВМРО-ДПМНЕ како експерти ги смета луѓето кои биле и само набљудувачи на избирачки одбор и се работи за сериозни концепциски разлики каде се гледа дека ние се залагаме за департизација на ДИК, а тие сакаат во малку поинакво светло да продолжи истата пракса што се практикуваше и досега“, вели Манчевски.

Комисијата до изборите има многу работа, меѓудругото треба да го прочисти списокот и теренски и тоа во зимски услови. Освен прашањето за Државната изборна комисија деновиве е закочено и прашањето за медиумите. Белгискиот експерт достави предлог кој ВМРО-ДПМНЕ го отфрли како хибриден. Преговорите поврзани со медиумите не се знае кога ќе резултираат со договор, иако според договорените рокови тој требаше да биде постигнат уште минатиот месец. Според Договорот од Пржино во јануари премиерот Груевски треба да си замине од функцијата, а како обврска претстојат и разговори за реформи во правосудството.

Во ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека терминот за изборите е фиксен и дека тие учествуваат конструктивно во преговорите, но дека се не зависи од нив

Според Манчевски од СДСМ, тоа што се уште не решен составот на ДИК и има застој во медиумите влијае на пробивање на термините и на спроведување на Договорот од Пржино.

„Апсолутно постои опасност и на оваа тема и други што требаше одамна да се затворат, а не се. Бараме целосно почитување на договорот. Само со такво исполнување на договорот можни се фер избори, се друго е само фарса“, вели Манчевски.

Експертите меѓутоа се вознемирени дека не се пробиени само роковите, туку дека доведен во прашање е кредибилитетот на Договорот од Пржино, кој го потпишаа сите четири политички партии.

„Последната сцена од тоа е одбивањето на поканетите да се појават на Анкетната Комисија и во јавноста се создава еден впечаток дека во прашање е сиот договор од Пржино и дека во прашање ќе биде и договорениот чин на давање на оставка на премиерот и следствено на тоа се става под прашање и дали изборите ќе биде воопшто можно да бидат одржани во закажаниот термин на 24 април“, вели аналитичарот Арсим Зеколи.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG