Достапни линкови

„Пржино“ се изгуби во паралелните министерства


Како паралелни институции функционираат министерствата во кои се поставени кадри од СДСМ. Функционирањето со деманти и сопки ќе продолжи и понатаму. Опстуирањето во работата на министерствата го опструира и Договорот од Пржино.

Нема една вистина, нема кристално јасна слика и не може ниту да има во една ваква политичка ситуација, па министерствата во кои на чело или како дополнителни заменици министри дојдоа кадри од СДСМ и понатаму ќе функционираат со сопки и како паралелни институции, велат експертите.

Но разбирливо е дека не може да се очекува кристално јасна, црно-бела слика, вистина-невистина за овие прашања во една ваква вонредна политичка состојба во која се наоѓа земјата.
Насер Зибери, политички аналитичар.

Заменик-министерот за земјоделство Љупчо Николовски побара министерот за земјоделство Михаил Цветков да поднесе оставка, за како што вели, да се обезбеди независна истрага за злоупотребите во Министерството за земјоделство.

Во Министерството за труд и социјала, министерката Фросина Ременски и заменик-министерот Диме Спасов уште од првиот ден си праќаат деманти. Во МВР, пак Чавков и Спасовски со различни изјави до каде е аферата со личните карти и тоа не е се. Откако на министерските и на заменичките места дојдоа кадри од СДСМ, секој си ја пласира својата вистина.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека не може да се очекува да имаат усогласени ставови по дијаметрално спротивните гледишта, а која е вистината останува јавноста сама да заклучи.

„Но разбирливо е дека не може да се очекува кристално јасна, црно-бела слика, вистина-невистина за овие прашања во една ваква вонредна политичка состојба во која се наоѓа земјата“, вели Зибери.

Професор Темелко Ристевски вели дека намерно се создава таква слика во министерствата со што има услови да се пролонгира она што е договорено во Пржино.

„Неусогласеноста на работите е последица на опструирањето на позицијата во однос на опозицијата на тоа министерско или заменичко министерско ниво, што не смее да дојде, тие мора да работат како складен систем, основен ориентир треба да им биде сервисирање на граѓаните, а не нивните краткотрајни, привремени политички интереси“, вели Ристевски.

Зибери вели дека со доаѓањето на кадрите од СДСМ се брануваат досега мирните води во владата. Тој вели кадрите од СДСМ неможе да работата само на она што е стриктно напишано во договорите од Пржино, тука како дел од владата ќе разгледуваат прашања од повеќе области.

„Мислам дека овој начин на функционирање на владата ќе продолжи во иднина и тоа всушност изборите ќе го разрешат. Изборите ќе произведат една нова политичка структура која ќе биде покомпактна и нема да биде од овој карактер како што имаме сега“, вели Зибери.

Аналитичарите велат дека се знаело оти спроведувањето на договорот ќе оди тешко и дека министерствата ќе функционираат со сопки уште кога се преговараше за самиот договор од Пржино.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG