Достапни линкови

Се создаваат предуслови за фер избори во април


Донесувањето на законите договорени во Пржино дава надеж за фер и демократски избори во април.

Собранието ноќеска пред полноќ го донесе пакетот закони предвидени со договорот од Пржино, кои треба да овозможат расчистување на аферата „Прислушување“ и овозможување фер и демократски избори на 24 април. Собранието по итна постапка ги донесе законите за основање Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, измените и дополнувањата во Изборниот законик, измените и дополнувања за Кривичниот законик, законот за заштита на приватноста, законот за заштита на укажувачи и законот за влада. Законите беа предложени заеднички од пратеници од четирите најголеми политички партии.

Секако дека овие закони коишто се донесени даваат одреден предуслов за фер и демократски избори и за реална слика за тоа како стојат политичките партии на македонската политичка сцена. Меѓутоа, сепак на крајот тестот ќе биде денот на изборите и сè она што ќе значи официјализирање и имплементирање на сето она што е договорено.

Политикологот Митко Гаџовски вели дека донесувањето на законите дава надеж за фер и демократски избори во април и нагласува дека од спроведувањето на законите зависи условената препорака за почеток на преговори со ЕУ.

„Секако дека овие закони коишто се донесени даваат одреден предуслов за фер и демократски избори и за реална слика за тоа како стојат политичките партии на македонската политичка сцена. Меѓутоа, сепак на крајот тестот ќе биде денот на изборите и сè она што ќе значи официјализирање и имплементирање на сето она што е договорено“, вели Гаџовски.

Анкетната комисија ќе има 16 члена – осум од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од СДСМ, двајца од ДУИ, еден од ДПА и еден независен. Претседателот и потпретседателот на комисијата ќе бидат од СДСМ.

Со измените на Изборниот законик предвидено е во рок од 15 дена по донесувањето да се избере новиот состав на ДИК која ќе има 9 членови. Комисијата ќе има право да поднесува кривични и прекршочни пријави. Собранието ќе има меѓу 120 и 123 пратеници. Дијаспората повторно ќе гласа, но нема да има загарантирани пратенички места. Ќе има една изборна единица во дијаспората во која може да се изберат до тројца пратеници. Кандидатот за пратеник во дијаспората, за да биде избран, ќе мора да освои најмалку онолку гласови со коишто е избран пратеник со најмал број на гласови во изборните единици во Македонија на последните парламентарни избори. Во избирачкиот список ќе има и фотографија на гласачот. Најмалку 40 отсто од кандидатите на листите треба да бидат жени. Медиумите нема да смеат да бидат донатори на политичките партии.

Измените во Кривичниот законик предвидуваат казни и за телекомуникациските оператори во случај на прислушување.

Со законот за заштита на приватноста нема да бидат опфатени досега објавените прислушувани разговори. Законот ќе го опфати периодот од 2008 до 2015 година, а ќе почне да важи шест месеци по донесувањето. Со него се предвидува до пет години затвор за нелегално прислушување.

Со законот за укажувачи се штитат оние кои ќе достават информации за криминал во институциите.

Законот за влада, пак, предвидува СДСМ да предложи нови министри за внатрешни работи и за труд и социјала и дополнителни заменици министри за финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација. Министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала ги добиваат Оливер Спасовски и Фросина Ременски од СДСМ. Нивни заменици ќе бидат актуелните министри Митко Чавков и Диме Спасов. Заменичките места во финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација, ги добиваат Кире Наумов, Љупчо Николовски и Александар Кирацовски. Законот предвидува премиерот Никола Груевски да поднесе оставка 100 дена пред изборите, а преодниот премиер да биде на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG