Достапни линкови

Медиумите на маса пред партиите


Регулаторното тело, финансирањето и рекламирањето во медиумите и јавниот сервис се трите клучни работи што треба да се договорат меѓу партиите.

Ден пред презентирањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, по неколку одложувања и пречекорувања на роковите, партиите успеаја да се договорат за законите за влада, за приватноста, за укажувачите, за изборните измени и за анкетната комисија. Но, пред партиските работни групи остануваат уште неколку прашања што произлегуваат од договореното од Пржино, како на пример медиумите, а подоцна и оставката на Груевски и именувањето на нов прв човек на владата.

Департизиран јавен сервис со одржливо финансирање, департизирана Агенција за медиуми, односно регулаторно тело, забрана за политичко рекламирање во медиумите, особено во изборна кампања, а наместо тоа да се форсираат дебатите, се можеби трите најсуштински прашања што треба да ги договорат.

Ако се следи и досегашната работа на работната група, може да се очекува да се запне и за прашањата за медиумите, оценува новинарот Зоран Фиданоски. Тој смета дека треба да се донесат системски закони кои ќе донесат реформи и подобра состојба не само на краток туку и на подолг рок.

„Што мислам под тоа? Мислам прво департизиран јавен сервис со одржливо финансирање, департизирана Агенција за медиуми, односно регулаторно тело, забрана за политичко рекламирање во медиумите, особено во изборна кампања, а наместо тоа да се форсираат дебатите, се можеби трите најсуштински прашања што треба да ги договорат, но пред сè и над сè да се прекине насилството врз новинарите и да се обврзат сите политички структури дека сите случаи на насилство врз новинари во најскоро време ќе бидат расчистени“, вели Фиданоски.

Медиумите во контекст на изборите веќе беа разгледувани на работните групи, па како дел од изборниот законик се договорени правилата дека тие не смеат да бидат донатори на политичките партии, договорени се конкретни термини за реклами, а и претставувањето на партиите на јавниот сервис.

Весна Никодиноска од Македонскиот институт за медиуми се согласува дека регулаторното тело, финансирањето и рекламирањето во медиумите и јавниот сервис се трите клучни работи што треба да се договорат периодов. Таа смета дека ако се сака е можно да се направат реални промени до изборите.

„Периодот што следува навистина е краток, но потребна е само политичка волја од страна на политичките субјекти. Ако пристапат искрено кон реформите и кон промените што се неопходни без декларативни заложби само на хартија може да се направат промени во периодот што следи“, вели Никодиноска.

Инаку, медиумите се споменуваат во договорот од 2 јуни, но без конкретен рок, туку во контекст на реформите што треба да се преземат во областа на поглавјата 23 и 24, застапување и независно функционирање на надлежните државни органи, поголема слобода на медиумите и целосна согласност со мислењата и препораките на Венецијанската комисија.

Но, детално состојбата во нив се опишува во извештајот изработен за потребите на Европската комисија на групата експерти предводени од Рајнхард Прибе во кој се даваат и препораки. Во него се наведува дека медиумите треба да ги извршуваат своите задачи и да ја известуваат јавноста без каков било притисок или пак директно или индиректно мешање на јавните власти. Не се допуштени селективното владино финансирање или владиното рекламирање врз основа на политичката наклонетост, се наведува во извештајот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG