Достапни линкови

„Прислушувањето“ го услови приближувањето кон ЕУ


Прислушувањето покажало дека има корупција и мешање на политиката во институциите што му правело штета на политичкиот систем на земјата.

Македонија денеска доби седма по ред препорака за датум за почеток на преговорите за влегување во Европската унија, но овој пат – условена.

Комисијата е подготвена да ја продолжи препораката за отворање на пристапните преговори за Македонија. Но меѓутоа тоа ќе биде условено со продолжувањето на спроведувањето на политичкиот договор.
Јоханес Хан, еврокомесар за проширување.

„Комисијата е подготвена да ја продолжи препораката за отворање на пристапните преговори за Македонија. Но меѓутоа тоа ќе биде условено со продолжувањето на спроведувањето на политичкиот договор од јуни/јули и одржливиот напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети. Прашањето ќе биде повторно адресирано по изборите напролет“, рече еврокомесарот Јоханес Хан кој денеска во Брисел ги презентираше извештаите за напредокот на земјите од Западен Балкан и Турција.

Пред комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент тој нагласи и дека има релативно висок степен на усогласеност на македонското законодавство со европското, но прислушувањето покажало дека има корупција и мешање на политиката во институциите што му правело штета на политичкиот систем на земјата.

Во делот именуван како политички критериуми во извештајот за Македонија се наведува и дека „пресретнатата комуникација во која очигледно се вклучени високи владини функционери, става на знаење дека има нарушување на фундаменталните права, мешање во судската независност, во слободата на медиумите, во изборите како и корупција.“

Во извештајот се забележува и дека властите сега треба да покажат вистинска политичка волја за да ја осигураат целосната независност на судската власт вклучувајќи го и дозволувањето новоименуваната специјалната обвинителка непречено да работи во истрагата на прислушуваните материјали и нивната содржина.

Во осумдесетте страници во кои бриселската администрација ја скенира состојба во Македонија се споменуваат и настаните од деветти мај во Куманово, за кои се пишува дека се уште треба да бидат целосно истражени и се нагласува дека сите политички лидери истакнале оти на инцидентот не треба да се гледа како на меѓуетнички.

„Меѓуетничката ситуација останува кршлива. Прегледот на Охридскиот рамковен договор треба да биде комплетиран. Тоа е основно за да се преземат идни мерки за создавање доверба меѓу етничките заедници“, рече Хан.

Во однос на другите теми во годинешниот извештај за напредокот се наведува и дека буџетот треба да биде повеќе насочен кон раст и вработувања додека целосната проекција, транспаретноста и спроведувањето треба да се подобрат.

„Останува клучно да се преземат одлучни чекори за решавање на проблемот за името. Земјата беше сериозно погодена и од бегалската криза справувајќи се со приливот од повеќе двеста илјади луѓе од третите земји кои транзитираа низ нејзината територија од почетокот на годинава“, пишува во извештајот.

Инаку обелоденување на документите за напредокот на земјите аспиранти за влегување во Европската унија доцнеше речиси еден месец пред се поради изборите во Турција.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG