Достапни линкови

Уште еден самит на ЕУ за мигрантската криза


Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск свика нов состанок на лидерите на Европската унија со цел да се најдат брзи решенија за мигрантската криза. Самитот би требало да се одржи на 12 овој месец по веќе најавениот состанок на лидерите на Унијата со земјите од Африка на Малта.

„Ако сакаме да го избегнеме најлошото мора да ги забрзаме нашите акции“, наведува Туск, предупредувајќи дека Шенгенскиот систем, едно од најголемите достигнувања на Европската унија, е во опасност доколку Унијата не ги обезбеди нејзините надворешни граници.

Доналд Туск и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер во минатата недела ги предупредија земјите членки дека не дејствуваат доволно брзо за решавање на кризата.

Европа се соочува со најголемиот миграциски бран од Втората светска војна. Само во оваа година над 750 илјади мигранти и баратели на азил пристигнаа во Европа преку море. Повеќето од нив се од со војна зафатената Сирија.

Европската унија почна да презема некои потези со цел намалување на бранот, но Туск во писмото до лидерите нагласува дека мигрантите и бегалците и натаму пристигнуваат со „темпо без преседан“.

Ако сакаме да го избегнеме најлошото мора да ги забрзаме нашите акции.

Грција и Италија, главните точки каде што тие влегуваат во Европа е предвидено да бидат местата каде што ќе се врши регистрирањето на мигрантите.

Оваа мерка е со цел да се одвојат вистинските баратели на азил од економските мигранти кои би требало да бидат враќани дома.

Но, земјите членки не успеале да обезбедат доволен број персонал за извршување на оваа задача.

Несмаленото пристигнување на мигрантите претставува удар и за буџетите на земјите, а предизвика и тензии меѓу соседите не само на таканаречената балканска рута.

Во минатиот месец 11 земји од Европската унија и од Балканот се согласија на заеднички чекори во справувањето на мигрантскиот бран, но нивното спроведување е бавно што ги остава незаштитени мигрантите во лошите временски услови.

Вчера Србија и Хрватска се договорија со воз да ги транспортираат мигрантите меѓу нивната заедничка граница по што тие ќе бидат префрлани на хрватската граница со Словенија.

Европската унија сака да го ограничи бројот на луѓето кои го продолжуваат нивното патување откако тие ќе влезат во првата земја членка на Унијата.

За таа цел, според германскиот канцелар Ангела Меркел, е неопходен пакет национални и европски мерки.

Нејзината Демохристијанска партија и баварската сестринска партија Христијанско социјалната унија деновиве се согласија да бидат воспоставени транзитни зони на границата со Австрија, каде што на мигрантите за кои ќе се оцени дека немаат цврсти причини за азил, ќе им биде одбиен влез во Германија, земја која до крајот на годинава очекува до милион мигранти.

Меркел уште еднаш ја потврди потребата од подобра заштита на надворешните граници на Европската унија.

„Сите во Европа мора да работат заедно за ова“, рече таа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG