Достапни линкови

Нетранспарентните влади не работат за јавен интерес


Одговорни се политичарите, но и самата јавност има одговорност да влијае врз донесување на одлуки во нивен интерес. Во земјата нема проблем со дефиницијата, туку со злоупотребата на најпрепознатливите облици на јавниот интерес, велат учесниците на на Конференцијата „Деконструирање на концептот на јавниот интерес во Република Македонија: зло(употреба) во име на граѓаните.

Јавниот интерес по дефиниција претставува интерес на сите чинители и граѓани во едно општество. Владите кои не се транспарентни значи не работат за јавниот интерес. Тие се поставени да им служат на интересите на граѓаните, што значи дека тие имаат одговорност да си ја вршат својата работа мудро, одговорно и чесно. Ова го порача британскиот амбасадор на отварањето на Конференцијата „Деконструирање на концептот на јавниот интерес во Република Македонија: зло(употреба) во име на граѓаните.

Граѓаните и јавноста да знаат и да разберат што се случува во нивно име и да го искористат своето влијание преку контролата што треба да ја имаат врз Владата.
Драган Гоцевски, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

„Граѓаните и јавноста да знаат и да разберат што се случува во нивно име и да го искористат своето влијание преку контролата што треба да ја имаат врз Владата. На тој начин самите гласачи ќе може да донесуваат одлуки за тоа во какво општество сакаат да живеат и кој да биде предводник на тоа општество“, смета Гарет.

Според него, со право може да се сметаат за одговорни политичарите, но и самата јавност има одговорност, чија улога е да види на кој начин се работи на ниво на Влада и како може да влијае врз донесување на одлуки во нејзин интерес.

„Она што би го сумирале како најмал заеднички содржател е дека секогаш јавниот интерес се поистоветува со благосостојбата на заедницата за извесни квалитети и стандарди на живот кои овозможуваат поединците како заедница да се развиваат, унапредуваат и да непречено имаат потрага по сопствената среќа“, вели Драган Гоцевски, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ кој го презентираше појдовниот извештај.

Никој во власта не е несвесен за злоупотребите кои што се прават. Злоупотребите се прават од алчност, од отсуство на контрола на контролни механизми во општеството. Значи не е незнаењето во прашање.
Петар Гошев, поранешен министер за финансии и гувернер на Народна Банка.

Поранешниот министер за финансии и гувернер на Народна Банка, Петар Гошев потенцира оти земјата нема проблем со дефиницијата, туку со злоупотребата на најпрепознатливите облици на јавниот интерес.

„Никој во власта не е несвесен за злоупотребите кои што се прават. Злоупотребите се прават од алчност, од отсуство на контрола на контролни механизми во општеството. Значи не е незнаењето во прашање. Кога би било незнаењето ние би биле многу помалку неразвиени. Меѓутоа монополизацијата на власта, недисперзијата на моќта, концентрацијата на моќта и елиминацијата на демократските механизми во системот ги произведуваат овие несреќи“, смета Гошев.

Според него, Македонија се наоѓа во втората најголема криза по осамостојувањето, поради флагрантната злоупотреба на јавниот интерес и елиминација на разликата меѓу јавното и приватното и за тоа има безброј примери. Конференцијата е во склоп на проектот зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија организирана од Институтот за комуникациски студии и поддржан од британската амбасада во земјава.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG