Достапни линкови

logo-print

Владините институции од денеска нема да можат да се рекламираат комерцијално на телевизија, на радио, на интернет и на сите останати медиуми. Оваа одлука на Владата беше соопштена на дебата за влијанието на владините реклами врз медиумите на која освен експерти и претставници на новинарските здруженија, учествуваа и носители на јавни функции.

Владата одлучи времено да постави мораториум на сите комерцијални промоции преку медиумите. Ваквата одлука денеска ја соопшти министерот за информатичко општество Иво Ивановски на дебатата насловена „Владините реклами - јавен интерес или политичка пропаганда, укинување или критериуми за распределба“, којашто ја организираше Здружението на новинари на Македонија. Ивановски истакна оти одлуката е гест на добра волја на Владата.

Тоа значи сите владини институции веднаш да сопрат со информирање на јавноста преку комерцијалните медиуми.

„Тоа значи сите владини институции веднаш да сопрат со информирање на јавноста преку комерцијалните медиуми“, рече тој.

Дискусијата почна тензично откако претставниците на Македонската асоцијација на медиуми ја напуштија конференциската сала барајќи први да земат збор, а организаторите не им дозволија.

Пари за владини реклами во телевизиите.

Пари за владини реклами во телевизиите.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ја отвори дебатата истакнувајќи ги според него главните причини за падот на медиумските слободи во Македонија. Владата на нетранспарентен и селективен начин троши милиони евра пари за кампањи, кои повеќе ги објавува во медиуми кои и се наклонети според начинот на известување, а помалку во критичките.

Клучно прашање за нас е дали кампањите имаат некаков јавен интерес или претставуваат политичка пропаганда на владините партии?

„Клучно прашање за нас е дали кампањите имаат некаков јавен интерес или претставуваат политичка пропаганда на владините партии? Самата Влада во ланскиот извештај овие кампањи го означува како медиумска промоција, кои имаат за цел да ги информираат граѓаните за важноста на владините мерки. Со тоа Владата влијае на медиумската содржина и ги претвора медиумите во инструмент на политичка пропаганда“, рече Селмани.

Ставот на претставниците на власта беше дека информирањето на граѓаните е јавен интерес. Постапката за медиумската промоција на владините кампањи се спроведува како и во останатите европски земји во согласност со законите за јавни набавки, одговори на ваквите тврдења министерот за информатичко општество Иво Ивановски. Додека, пак, директорот на Агенцијата за медиуми Горан Трајчевски истакна дека рекламите не претставувале политика пропаганда, туку јавен интерес.

„Во никаков случај не може да стане збор за политичка пропаганда, бидејќи не станува збор за политичко рекламирање. Тоа се сосема две различни работи – владино рекламирање и платено политичко рекламирање. Платеното политичко рекламирање можат да го прават само политичките партии и нема случај во Република Македонија, Владата со реклами да плаќала и да правела политичко рекламирање“, вели Трајчевски.

Снежана Трпевска во својство на експерт за медиуми посочи дека потребно е да се направи разлика меѓу државно рекламирање и кампањи од јавен интерес. Таа додаде дека генерално имаме добри закони, но фали нивната имплементација со која треба да се спречат влијанијата врз критичкото и објективно новинарство.

„Има прашања од јавен интерес кои Владата треба да ги поттикнува. Проблемот е што сето ова се одвива масовно со пари од буџетот. Треба да бидеме свесни дека секогаш кога голем обем државни пари се трошат за медиумите, независно дали е јавен или приватен сервис, постои опасност да се институционализира државното влијание врз медиумите“, рече Трпевска додавајќи дека политичкото и државното рекламирање треба да се укинат на телевизиите како најмоќни медиуми.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG