Достапни линкови

logo-print

Без меѓународен притисок, ништо од договорот од Пржино


.

.

И досега се покажало дека без силен меѓународен притисок македонските политичари не можат да договорат ништо важно, вели професор Никола Дујовски.

Во средината на месецов ќе одам во Македонија за лично да дискутирам со Скопје за напредокот во потребните реформи и ако е неопходно да се притисне за нив. Ова во интервјуто за Еуроактив го најави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој не прецизира други детали.

Ова е резултат на политиката што во континуитет се води во Република Македонија, а тоа е политика на раслојување или на никаква соработка на политичките партии кои и во своите табори го прават тоа, па не само политичарите, туку и граѓаните се повеќе го вртат грбот еден спроти друг.

И до листата на неопходните реформи кои ги споменува европскиот дипломат се стигна со силен притисок од меѓународната заедница, а половичните информации, пак, кои стигнуваат од работната група која треба да го договори нивното спроведување зборуваат дека работите не одат глатко.

Професор Никола Дујовски вели дека и досега се покажало дека без силен меѓународен притисок македонските политичари не можат да договорат ништо важно, а посочува и дека особено било битно што Европската унија останувала посветена на спроведувањето на договореното.

Нашите меѓународни партнери се свесни дека ќе треба да бидат малку проактивни, поприсутни да ги убедат нашите политичари да најдат заедничко прифатливо решение.

„Ова е резултат на политиката што во континуитет се води во Република Македонија, а тоа е политика на раслојување или на никаква соработка на политичките партии кои и во своите табори го прават тоа, па не само политичарите, туку и граѓаните се повеќе го вртат грбот еден спроти друг“, вели Дујовски.

Во јавноста, пак, постојано се посочува дека поставеноста и ингеренциите на специјалниот јавен обвинител е прашањето за кое најмногу се очекуваат несогласувања меѓу СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ. И последната одлука на Судот да ги отфрли материјалите од аферата „Прислушување“ како докази дел од јавноста ја толкуваше како сопка за изборот на специјален јавен обвинител, кој, според договорите од Пржино, треба да биде избран до 15 месецов.

Според аналитичарот Алберт Муслиу тешко било да се договори ова прашање бидејќи, како што вели, ќе имало импликации не само врз политичките кариери, туку и врз индивидуалните судбини.

„За очекување беше дека ова ќе биде едно од потешките прашања за решавање за кое сите страни ќе се трудат да придобијат нешто во нивна корист. Нашите меѓународни партнери се свесни дека ќе треба да бидат малку проактивни, поприсутни да ги убедат нашите политичари да најдат заедничко прифатливо решение. Нашата политичка елита неколкупати докажа дека не е способна потешки прашања да ги реши самоиницијативно или спремност за компромис, така што секогаш во критични моменти нашите меѓународни партнери ја обезбедувале добрата волја на двете страни кај нас“, вели Муслиу.

За тоа до каде е работата на работната група од СДСМ денеска велат дека не сакаат да коментираат додека траеле разговорите. Но потпретседателката Радмила Шеќеринска вчера во интервју за Телма рече дека и покрај одлуката на судот тие немало да го напуштат договорот од Пржино.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG