Достапни линкови

Аселборн - Од вас зависи препораката за преговори


Mинистерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн.
Mинистерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн.

Лидерството во Скопје мора да биде свесно дека договорот од 2 јуни и протоколот од 15 јули се само почеток. Сега тие треба да бидат целосно спроведени и ќе биде тешко за комесарот Хан да формулира позитивна препорака во октомври ако домашната ситуација се влоши дотогаш. Одговорноста да ѝ се овозможи на Комисијата да ја повтори препораката лежи кај политичките лидери во вашата земја, вели министерот за надворешни работи на претседавачот со ЕУ Луксембург, Жан Аселборн, во интервју за Радио Слободна Европа.

Господине Аселборн, вашата земја во ова шестмесечие претседава со Европската унија. Македонија се наоѓа во специфичен момент. Можно ли е одземање на препораката за преговори ако не се реализира договореното со посредство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан?

Прво, дозволете да ја искористам можноста да им се заблагодарам на сите оние кои го направија договорот од средината на јули можен, комесарот Хан, членовите на Европскиот парламент Вајгл, Кукан и Ховит, амбасадорите на Европската унија и на Соединетите Американски Држави и над сè политичарите од вашата земја кои одлучија да ги стават интересите на земјата пред политичко-партиските интереси. Сега, светот гледа. Партиите се обврзаа на придржување до договорот целосно и со добра волја. ЕУ има високи очекувања од вашите лидери и многу силно ќе инсистира договореното да биде спроведено. Транзициската фаза, од сега до изборите во април 2016, преставува можност која не треба да биде пропуштена. Што се однесува на препораката за отворање на преговорите, тоа е на Комисијата и само Комисијата да ја формулира. Луксембург, како и целата Европската унија, е целосно посветен на Западниот Балкан и ќе продолжи да помага. Како и да е, лидерството во Скопје мора да биде свесно дека договорот од 2 јуни и протоколот од 15 јули се само почеток. Сега тие треба да бидат целосно спроведени и ќе биде тешко за комесарот Хан да формулира позитивна препорака во октомври ако домашната ситуација се влоши дотогаш. Одговорноста да ѝ се овозможи на Комисијата да ја повтори препораката лежи кај политичките лидери во вашата земја.

Како го опишувате односот и интересот на членките на ЕУ кон Македонија по аферата со прислушувањето?

Луксембуршкото претседателство со Советот на ЕУ, како и сите земји членки на Унијата, очигледно имаат висок интерес за Западен Балкан генерално, а за вашата земја посебно. Целиот регион е од витално значење за европската безбедност и стабилност. Не сме ги заборавиле ветувањата од Самитот во Солун во 2003 година, кога лидерите на Европската унија рекоа дека иднината на Балканот лежи во Европската унија. Дури и пред да излезе скандалот со прислушувањето, ЕУ ја набљудуваше вашата земја одблиску и со голема загриженост. Договорот постигнат пред неколку недели сега преставува можност за земјата да покаже дека лидерите во Скопје може да ги надминат нивните внатрешни несогласувања и одлучно да работат на продолжување на својата европска агенда. Нашите очекувања се многу високи. Договорот од 2 јуни и протоколот имаат кратки рокови и од политичарите во вашата земја се очекува напорна работа. Немојте да нè разочарате.

Вие сте министер за надворешни работи на Луксембург 11 години. Како го оценувате патот на Македонија кон ЕУ?

Јас секогаш сум имал голем интерес за Балканот - културата на регионот и луѓето секогаш биле блиски до мене. Откако ја презедов функцијата во 2004 година, кратко време пред последното претседателствување на Луксембург со ЕУ во 2005 година, имав бројни контакти со вашата земја. Жалам што некои случувања отидоа во загрижувачка насока, особено во областа на основните права, слободата на медиумите или почит за луѓето кои припаѓаат на малцинствата. Крајно време е земјата да го сврти тркалото во вистинска насока на европскиот пат. Ветувањето дадено во Солун не е возење без насока. Тоа вклучува многу работа и одлучност од земјите-кандидатки.

Какви се вашите очекувања за разрешување на спорот за разликите за името. Имате ли информации за евентуален напредок?

Добрите меѓусоседски односи играат клучна улога во политиката на проширување на Европската унија и јас жалам што досега не беше можно за двете страни да најдат прифатливо решение во текот на сите овие години, иако неколку пати изгледаше дека се блиску до постигнување компромис. Застојот не е во ничиј интерес, ниту на Атина, ниту на Скопје, ниту на ЕУ во тој случај. Јас сум презадоволен од последните вести за позитивните контакти меѓу одлучувачките фактори во двете земји и мерките за градење доверба што беа усогласени минатиот месец. Луксембург силно го охрабрува тој тренд и останува подготвен да помогне како што е можно.

Низ Македонија и другите земји во регионот илјадници луѓе мигрираат секој ден, напуштајќи ги конфликтите на Блискиот исток. Како Европската унија може да им помогне на балканските земји да се справат со проблемот?

Последниот извештај за ризиците објавен од Фронтекс истакнува дека нерегуларните миграции на рутите во Западен Балкан го достигнале највисоко ниво годинава откако Фронтекс почнал да собира информации. Бројот на нелегални мигранти на унгарско-српската граница е блиску до 100 илјади, УНХЦР проценува дека десетици илјади луѓе кои доаѓаат од конфликтните зони ќе поминат низ регионот на Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ во следниве месеци. Европскиот совет во јуни наведе дека соработката со земјите од кои потекнуваат и низ кои транзитираат е клучна и за запирање на тековите на нерегуларните мигранти и за решавање на причините за миграција со што би се намалило поттикнувањето на нелегалните миграции и би се подобрила борбата против криумчарските мрежи. Во тој контекст, шефовите на држави и влади на земјите-членки на Европската унија изјавија дека ќе биде организирана конференција на високо ниво за да се разгледаат предизвиците на рутата низ Западен Балкан. Во линија со заклучоците на Европскиот совет подобрувањето на соработката со третите земји на потекло и на транзит како и со земјите кои ги примаат ќе има клучна улога во работата на луксембуршкото претседателство. Затоа, што се однесува до Западниот Балкан, луксембуршкото претседателство во моментов длабоко размислува со релевантните актери на ниво на ЕУ за организација на споменатата конференција.

Што прави Европската унија за да им помогне на мигрантите?

Европската комисија постави агенда за миграции која предлага основање на координиран одговор на ЕУ за заедничките предизвици со миграцијата преку развивање на внатрешни и надворешни политики, зајакнување на капацитетите на ЕУ агенциите и вклучување на сите релевантни играчи. Тоа е балансиран пакет мерки за спасување животи, борба против криминалните мрежи, прифаќање на мигрантите со почит, гарантирање на неопходната заштита и враќање на оние што не ги исполнуваат критериумите за заштита. Што се однесува до итни мерки, луксембуршкото претседателство постигна договор на 20 јули на вонредниот самит на министрите за правда и внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ кој предвидува 52 илјади мигранти да бидат преселени или преместени во земјите-членки на ЕУ. Ќе ги продолжиме тие дискусии до крајот на нашето претседателство за да ја постигне целта од 60 илјади мигранти. Сите заеднички средства за акција треба да се стават на место против трговијата со луѓе и криумчарењето. Овие аспекти беа допрени за време на самит на министрите за правда и внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ во јули во присуство на земјите-кандидатки за членство. Идните месеци ќе бидат посветени на операционализација на тие аспекти. Зголемување на каналите за легална миграција за ЕУ да стане атрактивна дестинација за талентираните и вешти индивидуалци е исто клучно. Од таму луксембуршкото претседателство ќе ја забрза работата на промени на визниот код на ЕУ воведувајќи патничка виза. Уште повеќе Луксембург ќе ги направи сите напори за да се завршат преговорите за предложените ЕУ директиви за студентите и истражувачите за да се одржи нашиот потенцијал за развој и да се зголеми вработеноста и да се промовира културна и социјална размена за ефикасно да се одговори на новите предизвици за мобилност. Малолетниците без придружба во „Даблинска процедура“, паметните граници - неопходно е да се подобрат и да се зајакне интегрираниот систем на управување со надворешните граници на ЕУ, почитувајќи ги повелбите за основните права - и зајакнување на компензаторските мерки во шенген зоната се исто така дел од овој аспект. Луксембуршкото претседателство ќе продолжи да создава врски меѓу внатрешните и надворешните компоненти на имиграциските политики.

Какви се процените на ЕУ за заканите од милитантите од Исламска држава за балканските земји, земајќи предвид дека дел од борците потекнуваат од регионот?

ЕУ гледа на заканата од Исламска држава многу сериозно. Кршливоста на државите, корупцијата и нестабилноста овозможуваат плодно тло за екстремистичките мрежи и активности. Постојаните конфликти на Блискиот Исток, особено израелско-палестинскиот конфликт, го потхранува дел од наративот кој може да привлече млади луѓе на насилен екстремизам. Иако Западниот Балкан има долга традиција на умерен Ислам кој датира од Отоманското освојување на полуостровот во 15 век, ширењето на екстремистичкото толкување на исламските претставници е вистински предизвик за државите и општествата во Западен Балкан денес. Конфликтите во Сирија и во Ирак се мамец за младите луѓе од Балканот да се придружат на џихадистичките групи. ИД неодамна објави видео за регрутација посветено посебно на Балканот. Во тоа видео неколку борци на ИСИС од регионот ги охрабруваат своите сонародници да се придружат на борбата во Сирија и да преземат напади врз непријателите на Исламот дома. Борбата против тероризмот не бара само борба против постоечките терористички организации, туку бара ригорозно да се решат условите за идна радикализација и насилен екстремизам. Високата невработеност на младите и недостигот на перспектива во иднина, етничките тензии и политичка парализа оди во корист на ИД и нивните напори за регрутирања во регионот. ЕУ и земјите од Западен Балкан треба да понудат веродостојни и цврсти контранаративи на пропагандата на ИД и другите екстремистички групи: прв приоритет е да се спречи радикализацијата и насилниот екстремизам. Тука напорите предводени од генералниот секретар на ОН во смисла на спречување на насилниот есктремизам ќе бидат од централно значење и треба да бидат проследени со акција од владите и граѓанските општества во сите засегнати земји. Од безбедносен аспект важно е да се заузда и да се неутрализира растењето на Исламска држава. За да се задржи нивната експанзија во Ирак и во Сирија, но исто така и во други земји на Блискиот Исток и во Северна Африка, клучно е приливот на странските борци кој го засилува ИД и другите терористички групи особено во Ирак и во Сирија да запре. Во тој контекст целосното спроведување од сите земји членки на резолуцијата 2178 (2014) на Советот за безбедност на ОН, според која сите земји-членки на ОН се должни да го спречат и потиснат регрутирањето, организирањето, транспортирањето и опремувањето на „странски терористички групи“ е клучно. ЕУ ги поддржува земјите од нејзиното соседство во смисла на градење на капацитети за борба против тероризмот и превенцијата на насилниот екстремизам.

Дали ЕУ стравува од зголемено руско влијание врз балканските земји, особено врз Србија, Македонија и Црна Гора?

Не мислам дека постои многу простор за стравување. Единствената работа од која меѓународната заедница треба да се плаши е мислењето во смисла на геополитички блокови, односно враќање на менталитетот од студената војна. Веќе не „ние“ наспроти „нив“, тие времиња донесоа многу тага за нашите луѓе и треба да бидат оставени зад нас. Русија неодамна презема одлуки кои заслужуваат прекор и се вклучи во неприфатливи акции во Украина. ЕУ немаше друг избор од тоа да реагира соодветно и да ја остави вратата отворена ако Русија ги спроведе обврските од договорите во Минск. За балканските земји, тие јасно кажаа дека ја гледаат својата иднина во Европската унија. Европската унија ги чека со отворени раце откако земјите-кандидатки ќе ги исполнат сите услови и ќе го исполнат нивниот дел од договорот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG