Достапни линкови

Грците гневни и збунети пред референдумот


Во Грција кулминира кампањата пред неделниот референдум на кој граѓаните треба да се изјаснат дали се „За“ или „Против“ пакетот мерки за штедење со кои е условена натамошната финансиска помош за Грција од меѓународните кредитори. Грците главно се збунети и гневни од она што моментално им се случува.

Иако немаше ни време ни пари за формална кампања, подржувачите на грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговите противници се обидуваат да ги убедат Грците, за, според нив, исправната опција. На телевизиите одат спотови, преку кои се повикуваат граѓаните да донесат одлука. Низ улиците на градовите има многубројни плакати кои пропагираат „За“ или „Против“, а исто така видливи се и долгите редици пред банкоматите, кои станаа симбол на моменталната финансиска криза во Грција.

Тука веќе нема никаква иднина за никого. Претходната влада даде некои ветувања кои не ги исполни. Оваа се однесува аматерски. Збунет сум. Да бидам искрен, не знам дали да гласам За или Против.

Многумина Грци се разочарани од фактот што тешката одлука е префрлена на нивен грб, бидејќи владата не успеа да се договори со европските партнери.

Ирини, фармацевтка од Атина, смета дека е добро што ќе има референдум, иако се уште не решила како ќе гласа.

„Според мое мислење, тоа е демократски, а луѓето ќе можат да донесат одлука“, вели таа.

Оние што со добра намера мислат дека со својот глас „Против“ ќе ја зајакнат грчката позиција, грешат. Бидејќи „Не“ ќе биде толкувано од сите во светот како избор за повлекување од срцето на Европа.

Ставрула, 59-годишна домаќинка, вели дека е загрижена, но и оптимистка во врска со референдумот.

„Мислам дека во последен момент сите ќе решат да гласаат „За“, тешко е, но не гледам иднина надвор од Европската унија“, вели таа.

„Тука веќе нема никаква иднина за никого. Претходната влада даде некои ветувања кои не ги исполни. Оваа се однесува аматерски. Збунет сум. Да бидам искрен, не знам дали да гласам За или Против“, вели Костас, жител на Атина.

Главната порака на оние што пропагираат да се гласа „За“ спроведување на мерките е дека во спротивно тоа ќе биде глас против Европската унија и ќе биде полошо за земјата. Михалис Рисвас, поддржувач на движењето Остануваме во Европа, вели дека досега се направени сериозни грешки, но сега прашањето е дали грчкиот народ ќе ја направи катастрофалната грешка.

Поранешниот грчки премиер Костас Карамалис, во обраќањето на телевизија, повика да се гласа „За“.

„Оние што со добра намера мислат дека со својот глас „Против“ ќе ја зајакнат грчката позиција, грешат. Бидејќи „Не“ ќе биде толкувано од сите во светот како избор за повлекување од срцето на Европа“, рече Карамалис.

Од друга страна, грчкиот премиер Алексис Ципрас и министерот за финансии Варуфакис се убедени дека доколку грците на референдумот гласаат „Против“ мерките, Атина ќе има подобри позиции за преговарање во врска со финансиската помош.

Според последните истражувања на јавното мислење, исходот од референдумот е неизвесен со речиси еднакви шанси „За“ и „Против“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG