Достапни линкови

Примарна цел на ДУИ не им биле граѓаните, туку моќ, власт, лични интереси и пари, рече Зоран Заев, објавувајќи нова „бомба“.

Примарната цел на ДУИ поради која останувале во владата била моќ, власт и пари, тврди претседателот на СДСМ, Зоран Заев кој на прес- конференција објави аудио снимки на кои, како што тврди, се слушаат гласовите на функционерите од партијата на Али Ахмети.

Јасна е нивната одговорност за ужасната состојба во Македонија во секоја смисла и од досега презентираните докази и аргументи.

Со аудио доказите што ќе ги презентираме денеска продолжуваме и конкретно да го откриваме вистинското лице на врвот на ДУИ, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес конференција во седиштето на партијата.

„Јасна е нивната одговорност за ужасната состојба во Македонија во секоја смисла и од досега презентираните докази и аргументи“, додаде тој,„ затоа што ништо од тоа што го направил Груевски, од криминал и корупција, до удар врз човековите слободи и права, не би можел да го стори без знаење и поддршка од неговиот коалициски партнер ДУИ. Кажав и дека од ДУИ биле многу внимателни кога зборуваат по телефон, што покажува дека добро знаеле оти се прислушувани.“

Но, истакна Заев, сепак аудио снимките што ќе ги слушнете денеска се доволни да го разобличат владеењето на тесната група во ДУИ, кое по многу нешта наликува на владеењето на тесната група на Груевски.

Од првиот телефонски разговор за кој Заев рече дека се слушаат гласовите на претседателот на локалниот огранок на ДУИ во Чаир, Бекир Асани и Али Ахмети, опозицијата тврди дека се слуша како се посредува за да се продаде објект во Чаир по 1.000 евра за метар квадратен. Од друг сет телефонски разговори, претседателот на СДСМ, тврди дека се слушало, како лично Груевски и Ахмети разговарале за уривање на дивоградба, и премиерот барал од својот коалициски парнер дозвола за уривање на објектот, рече Заев кој тврди дека се можело да се стопира ако им се даделе 100 илјади евра на функционерите од двете партии.

Опозиционерот тврди дека од снимките ќе се слушнело како во ДУИ постоеле несогласувања кој да има подобар линк со челниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Објектот за кој станува збор во дел од снимките, се уште постои каде што бил, спроти американската амбасада во Скопје, вели Заев.

Во друг сет телефонски разговори, ќе слушнете за тоа како тесна група во ДУИ самата се грижи за своите лични интереси, вели Заев. Тој вели дека може да се чуе како Артан Груби и Али Ахмети, зборуват за слободната зона во Тетово и за тоа на кого да биде доделена. Но, како што вели Заев, иако требало да ја добие фирма од Турција која ја имала сета потреба документација, на крај ја добила фирма од Норвешка.

Ќе чуете и разговори за амбициите во ДУИ за поделба на места во владата, најави Заев, за како што вели, амбициите да дојдат до места кои носат пари, па се поценуваат министерства како образование или одбрана, вели Заев. Но и, како што додава, разговори кои ќе потврдат за отстапките кои ги правеле од ДУИ за до останат во влада, по цена да се откажат од проекти кои биле во предизборната програма на ДУИ, вели Заев.

А според него, ДУИ наликувале на ВМРО-ДПМНЕ и по притисоците кои ги прават.

Оваа прес конференција на која се објавува 38 т.н. бомба на опозицијата доаѓа по осумдневна пауза во презентирањето на прислушуваните материјали. Последната прес конференција беше минатиот понеделник пред зградата на владата, но не беа пуштени телефонски разговори, туку материјалите им беа поделени на претставниците на невладините организации за кои опозицијата тврди дека биле прислушувани. Ова е прва прес конференција по неуспешниот обид за дијалог во Брисел со посредство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG