Достапни линкови

logo-print

Професор Мирјана Најчевска вели дека во Брисел се водат политички преговори на ниво на мировно договарање и автоматски сите решенија од ваквото договарање се со политички карактер.

Преговорите меѓу власта и опозицијата во Брисел можат да резултираат со смена на Јавниот обвинител, прогнозираат познавачите. Нов Јавен обвинител е едно од барањата со кои настапува СДСМ во преговорите со власта, кои се водат во Брисел, кое засега власта не го прифаќа.

Со оваа структура и со оваа поставеност и со овие одговорни на тие места, кои се неодговорни заради работите што ги извршуваа неодговорно, не може да се разреши правната криза.

Професор Осман Кадриу вели дека пораката од преговорите во Брисел е дека правната разрешница треба да се бара дома и дека ЕУ нема да посредува во таква улога, но од друга страна пак се покажува дека има девијации во македонското судство и обвинителство. Заклучокот, вели Кадриу, е дека јавното обвинителство во овој состав нема капацитет да ја разреши правната криза и затоа се потребни смени на раководството.

„Веднаш, буквално веднаш државниот обвинител треба да поднесе оставка и да се разреши, ако не сака да поднесе оставка, Парламентот треба да го разреши, бидејќи тој го разрешува и раководните структури на целата судска власта да претрпат сериозна измена за да може да се разрешат правните проблеми. Со оваа структура и со оваа поставеност и со овие одговорни на тие места, кои се неодговорни заради работите што ги извршуваа неодговорно, не може да се разреши правната криза.“

Во моментов станува збор за неверојатно голема политичка криза, којашто мора да се разреши на политички начин и тоа значи дека мора да се донесат такви политички решенија кои ќе го отворат просторот за делување на правото.

Професор Мирјана Најчевска, пак, вели дека во Брисел се водат политички преговори на ниво на мировно договарање и автоматски сите решенија од ваквото договарање се со политички карактер кои би требало да создадат услови за нормално функционирање на државата.

„Заради тоа што ниту смената на јавниот обвинител, ниту создавање на преодна, односно техничка, технократска влада, не се дел од нашиот правен систем, значи не се предвидени процедури или правни решенија со кои би можело нешто вакво да се донесе како решение, меѓутоа во моментов станува збор за неверојатно голема политичка криза, којашто мора да се разреши на политички начин и тоа значи дека мора да се донесат такви политички решенија кои ќе го отворат просторот за делување на правото “, вели Најчевска и додава дека и смената на Јавен обвинител и преодната влада се очекувани и според неа, достижни решенија.

Во исто време Европската комисија го одби барањето на македонското обвинителство да се испратат странски експерти кои би го надгледувале процесуирањето на предметите кои ги води Обвинителството, а се однесуваат на процесот за акцијата „Пуч“ и за скандалот со прислушувањето. ЕУ смета дека за транспарентноста на процесот се надлежни судовите во Македонија.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата на која ја објави 15-та бомба, даде коментар за одбивањето на Европската комисија на барањето на Јавното обвинителство за прислушувањето и кривичниот процес.

„За многу брзо време на сите ќе ви стане јасно зошто е одбиено барањето. Тоа што сите го насетувате во Македонија. Постојат разговори, во форма на разговорите ќе се одвиваат работите“, рече Заев.

Професор Кадриу вели дека разрешувањето на Јавниот обвинител нужно ќе предизвика и други последици, меѓу кои најважна е оставка на владата.

По првите разговори во Брисел партиите останале на нивните привични ставови. Опозицијата а бара оставки на владата, избор на нов јавен обвинител и смена на раководството на МРТ, како и преодна влада, која би создала услови за фер избори. Новиот обвинител пак треба да ги процесуира сомнежите за корупција и криминал откриени соприслушуваните разговори. Од друга страна власта бара опозицијата да се врати во Собрание и смета дека кризата треба да се реши со правна разрешница на случајот Пуч, а политички дека може да се разговара за сите барања на опозицијата, како што се пописот, нов избирачки список, измени во изборниот законик и состојбата во медиумите, но не и за преодна влада и нови избори.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG