Достапни линкови

Алтхаузер - Потребни сериозни напори за задржување на препораката


Вашата земја треба да вложи сериозни напори за да ја задржи препораката за почеток на преговори со ЕУ. Справувањето со кризата, особено од страна на владата и институциите, сигурно ќе послужи како индикатор за посветеноста на вашата земја на евроатлантскиот пат, вели германската амбасадорка Кристине Алтхаузер во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Како гледате на политичката криза во Македонија поврзана со полициската акција Пуч и аферата прислушување што ја објави опозицијата?

Ви благодарам на прашањето и ви благодарам што дојдовте. Ние навистина сме многу загрижени за кризата која, од наша гледна точка, е комбинација од политичкото назадување на кое сме сведоци во последните години во земјава, така што со гонење на господинот Зоран Заев и другите обвинети луѓе, функционирањето на опозицијата, демократската опозиција се става под знак прашалник. Така што, ние ги повикуваме македонските власти, да ги разрешат овие сериозни обвинувања, на фер, транспарентен начин во суд со меѓународни правни стандарди и пракса, меѓу кои пресумпцијата на невиност е од круцијално значење. Независноста на судството треба да биде гарантирана. Кризата во исто време нуди уникатна шанса за македонските власти и институции и вистински предизвик и шанса што се појавува еднаш во животот да го покажат својот капацитет и посветеност на демократските стандарди и на крајот би сакала да кажам дека германската амбасада заедно со нашите меѓународни партнери во ЕУ и останатите ќе продолжиме одблиску да ги следиме случувањата, она што се случува во земјата. Ние одблиску ќе ги мониторираме идниот развој на настаните, вклучувајќи ја работата на судството и на правните институции во земјава.

Што би им порачале на власта и на опозицијата за надминување на разликите и разрешување на политичката криза? Опозицијата нема доверба во институциите и вели дека се под контрола на власта. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ги негира таквите обвинувања и покрај објавата на прислушуваните разговори, но тврди дека опозицијата работи за странски служби.

Вие веќе го рековте тоа, ова е екстремно тешка ситуација. Од една страна, не можеме да ги занемариме сериозните обвинувања коишто ги истакна опозицијата базирани на објавените прислушуваните разговори. Дополнително двете страни во меѓувреме поднесоа кривични пријави едни против други, така што судството треба да одигра многу важна улога во овој процес и јас би сакала да го обрнам внимание на извештајот за напредокот на Македонија од Европската комисија за 2014 та година, во кој беше наведена загриженоста, сериозна загриженост, дури и во однос на политичкото влијание врз судството. Ако снимените разговори се автентични, тогаш се чини дека ја поддржуваат загриженоста на Комисијата. Ова навистина многу сериозно нè загрижува и треба да биде итно решено од властите на сериозен начин. На пример, преку целосно објаснување на владата на содржината на прислушуваните разговори, но од друга страна, судството не е надлежно да се справи и да ги реши другите отворени прашања, кои исто така беа спомнати во извештајот за напредок, дозволете да ги спомнам, одвојување на партијата од државата, независност на медиумите, слобода на говор, владеење на правото во поширока смисла. Ова се во основа и политички прашања кои треба да бидат решени од политичките сили во вашата земја. Така што политичкиот дијалог е една појдовна точка, според нашата гледна точка, за надминување на кризата. За да се спојат овие работи, ние сметаме дека е потребен паралелен пристап кон барањето на излез од ситуацијата. Дијалог меѓу политичките сили со добра волја и отворен дух, тоа е важно, додека паралелно е потребно правна истрага од независно судство. Сосема е јасно дека ништо од ова нема да дојде преку ноќ, но влегувањето во политички дијалог неминовно ќе отвори можности за напредок. И многу е важно да се каже дека политичкиот дијалог треба да се одвива внатре, нагласувам внатре во парламентот. За ова да се случи парламентот треба да создаде услови за негова непречена работа.

Каков е вашиот коментар околу информацијата на опозицијата дека неколку амбасадори во земјава биле прислушувани од страна на македонските власти?

Како и сите мои колеги кои зборуваа јавно за ова прашање, германската амбасада ги зема предвид овие објавувања на господинот Зоран Заев. Ние немаме повеќе информации дали членови на германската амбасада се прислушувани, но сакам да ја искористам можноста и да кажам дека се надевам дека македонските власти ги почитуваат обврските од Виенската конвенција за дипломатски односи, кои ги обврзуваат да ја осигурaaт безбедноста на амбасадата, на нејзиниот персонал, вклучувајќи ја и тајноста на нејзините комуникации. Оваа обврска е независна од прашањето „Кој можеби нарачал потенцијално снимање?“.

Какви се можните последици доколку е прекршена Виенската конвенција?

Ќе има истрага и тоа ќе биде решено подоцна.

Може ли Германија и ЕУ да помогнат во воспоставувањето политички дијалог?

Ние се надеваме и Германија ја поддржува иницијативата на еврокомесарот Јоханес Хан да посредува во конфликтот меѓу опозицијата и владата, вклучувајќи, како што спомнав, и набљудување на судската истрага за обвиненијата. Во меѓувреме, како што знаете, овие откритија остануваат непроменети. Понатамошното затегнување на кризата, тоа е сосема јасно, дека колку се продлабочува кризата, толку ќе биде потешко да се вложи медијаторски напор. Ние очекуваме двете страни јасно и недвосмислено да се обврзат кон процесот под медијација на Европската унија без одложување и да започнат преговори за опсегот и мандатот. Се разбира многу е важно, покрај медијацијата, и спроведувањето на механизам за супервизија за постигнатите резултати

Реална ли е опасноста Македонија да ја изгуби препораката за преговори од Европската унија во октомври доколку нема разрешница на политичката криза?

Уште едно тешко прашање, прашањето за препораката за почеток на преговорите со ЕУ е одговорност на Европската комисија, така што јас не сум во позиција да ви одговорам на прашањето директно, но верувам дека вашето прашање е малку преурането, затоа што сега е крај на март, а одлуката за ова се носи во Европската комисија во октомври годинава. Но, ако мислевте да прашате дали вашата земја треба да вложи сериозни напори за да ја задржи препораката, тогаш мојот одговор ќе биде - да. Да, се разбира. Како и во претходните години, препораките не треба да се земаат здраво за готово. Препораката е резултат на напредок препознаен од Комисијата во земјата кандидат. Напредокот се мери во однос со таканаречените копенхагенски критериуми, меѓу кои се сите области кои што ги спомнав претходно. Ние ќе треба да почекаме да видиме дали Комисијата ќе може да идентификува доволно напредок со цел да испорача нова препорака и дозволете ми да додадам уште една реченица. Справувањето со кризата, особено од страна на владата и институциите, сигурно ќе послужи како индикатор за посветеноста на вашата земја на евроатлантскиот пат и тие податоци ќе бидат земени предвид во дефинирањето на идните политики на ЕУ во однос на земјата.

Како ја оценувате економската соработка меѓу Германија и Македонија?

Економската соработка меѓу нашите две земји е во подем што се гледа преку големиот трговски суфицит кој вашата земја го остварува година по година со Германија. Честитки, не многу земји во светот можат да се пофалат дека извезуваат повеќе во извозниот шампион отколку што увезуваат од Германија. Во приватниот сектор ние може да заклучиме дека економските односи се подобри од кога било претходно. Како и да е, има и официјално ниво кое се состои во соработка за развој која Германија им ја нуди на властите тука. Во ова поле ние би сакале да видиме повеќе одговорност од страната на македонските партнери. Поддршката од Германската корпорација за развој се состои од помош за рамномерен економски развој во земјата, социјална инклузија, зајакнување на општинските капацитети, како и одржливо користење на водата. Ние сметаме дека овие прашања се важни за иднината на државата и за граѓаните и веруваме дека македонските власти ги споделуваат овие оценки.

Колку германските инвеститори во Македонија се задоволни од бизнис условите што ги нуди земјава?

Генерално, германските компании се задоволни од условите за бизнис, тоа е она што го слушаме од сите страни. Многумина јавно изјавиле дека имале други опции, но по темелно скенирање на други понуди, тие избрале да дојдат тука, тоа е добра поента. Јас лично сум среќна за ваквиот развој затоа што германските компании не само што создаваат работни места, туку испорачуваат вредности, работни методи, технологија, а тоа се оние работи за кои ние сметаме дека се важни за културен, економски и социјален развој. Понатака би сакала да истакнам дека за компаниите да инвестираат се важни „тешките“, но и „меките“ фактори. Еден многу важен фактор се разбира е политичката стабилност и предвидливата околина. Така што, моменталната политичка ситуација предизвика чудење кај одредени инвеститори, кои се чувствуваа непријатно изненадени со цел да не се наруши успехот кој земјата го постигна во последните неколку години. Уште една причина за побрзо да се дојде со решение за моменталната политичка криза е да се привлечат инвеститори. Се чини дека решението е императив.

Што треба да се направи за да се подобри соработката со цел привлекување на поголем германски капитал во Македонија?

Мислам дека тоа прашање го привлекува вниманието на нешто што треба малку да ѝ биде објаснето на публиката. Додека Германија е најголемиот пазар за македонските производи, Германија не е меѓу најголемите инвеститори во вашата земја. Други земји се многу понапред на листата, на пример Австрија. Мислам дека вашето прашање неодамна беше одговорено од Советот на инвеститори во Стопанската комора на Македонија, каде што се членки и неколку германски компании и нивните клучни препораки би сакала да ги истакнам. Прво, уште еднаш би ја споменала предвидливоста на законската рамка, политичката и макроекономска стабилност, вклучувајќи ги честите и рапидни промени на закони и регулативи кои се важни за компаниите. Намалување на административните процедури и законски оптоварувања, како второ. Како трето, континуирана борба против корупцијата и зголемување на напорите за владеење на правото, повеќе или помалку веќе го спомнав тоа. Забрзување на реформите во јавната администрација со цел да се подобри спроведувањето на регулативите и многу важно исто така е подобрување на образовниот систем кој би создал високо квалитетна специјализирана работна сила со адекватно знаење и вештини за модерниот пазар на труд. Германската амбасада ја поддржува оваа листа на барања од германските инвеститори до владата. Решавањето на овие приоритетни прашања со сигурност ќе ја подобрат бизнис климата и ќе создадат услови за повеќе инвестиции, исто така, но не само од германски компании.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG