Достапни линкови

Етнолозите - последни чувари на традицијата


Етнолозите од кумановскиот Музеј во одредени периоди преку изложби или документарни филмови им покажуваат на младите генерации како живееле нивните предци.

Облека, покуќнина, рачни изработки од природни материјали, начинот на животот, обичаите и сето она што му припаѓа на минатото, во динамиката на 21-от век има само музејска вредност. Етнолозите од кумановскиот Музеј во одредени периоди преку изложби или документарни филмови им покажуваат на младите генерации како живееле нивните предци, но како што велат, иако младите со воодушевување го прифаќаат тоа, сепак живеат во друго време.

Кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от во Куманово е присутна една ориентална носија „ала турка“, под влијание на Османлиите кои оставиле свој белег на нашата територија, како и ориенталниот стил на уредување на куќата.

„Кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от во Куманово е присутна една ориентална носија „ала турка“, под влијание на Османлиите кои оставиле свој белег на нашата територија, како и ориенталниот стил на уредување на куќата. Самата мода „ала турка“ и називот ориентална се одликува со убави материјали од кадифе, сатен, свила, од природни материјали, рачно изработени, ткаени на разбој, извезувани со срма, со убав богат вез“, вели етнологот, м-р Анита Трајковска Ѓорѓиоска, и додава дека и западноевропската мода во Куманово позната како „ала франга“, исто така била изработувана од природни материјали, од кои голем дел од нив биле увезувани од големите европски центри.

Помладите генерации, колку и да ги учиш, новото време и постоење на нови покуќнини им се интересни и нормално купуваат. Ете, на последната изложба сите со воодушевување забележуваа дека и тие имале дома нешто такво, иако само половина век е разлика.

Трајковска Ѓорѓиоска додава дека и преку последната изложба „ала франга“ на која биле прикажани експонатите од музејското депо и современите креации на Ненад Секирарски и Александар Рашковиќ, била направена споредба.

„Успеавме младите да ги запознаеме и да ги вратиме наназад во времето што некогаш постоело“, вели Трајковска Ѓорѓиоска.

Предметите во домаќинствата исто така биле занаетчиски изработувани од природни материјали, со поинакви форми, објаснува етнологот Милица Пешевска Николовска.

„Предмети од дрвото, дрвените садови, преовладува керамиката, стаклото и порцеланот“, вели таа.

Иако сè повеќе стануваме свесни дека природните материјали се подобри за нашето здравје, сепак современиот човек своите домови ги полни со индустриски, дури и предмети и покуќнини изработени од рециклирани материјали. Според етнологот Пешевска Николовска, постарите или средните генерации полесно го сфаќаат значењето на природното.

„Помладите генерации, колку и да ги учиш, новото време и постоење на нови покуќнини им се интересни и нормално купуваат. Ете, на последната изложба сите со воодушевување забележуваа дека и тие имале дома нешто такво, иако само половина век е разлика. Сепак, предметите од тоа тенко, убаво стакло во две или една нијанса, разнобојни, денеска не е практично, па изобилуваат едноставни форми, не на столче, се што е поедноставно за полесно да се измие и да се стави во машина“, вели Пешевска Николовска.

Некои од младите генерации ваквите предмети ги зачувуваат како спомени, но повеќето не ги прифаќаат оти не им се вклопуваат ниту во модерниот ентериер, ниту, пак, во стилот и начинот на живеење.

„Таков е периодот од ден на ден сето тоа исчезнува, единствено ние можеме да се навраќаме“, вели Пешевска Николовска.

Валентина Илиевска од етнолошки аспект особено значење му дава на појасот, кој, според неа, имал посебна функција.

„Појасот го стега телото, го држи исправено, дури според истражувањата од теренот, кога медицината не им била достапна на луѓето, бремената жена се потпашувала дури со два појаса, за полесно да може да ја износи бременоста, истовремено и да ги обавува тешките земјоделски работи. Појасите биле изработувани од волна, ткаени на разбој, орнаментирани, оние што биле за секојдневна употреба биле поедноставни, а за свечените моменти украсени“, вели таа.

Илиевска вели дека од тоа време останало и во некои спортски дисциплини за постигнати резултати да се доделуваат појаси.

Таа раскажува дека во времето кога појасот бил употребуван како неизоставен дел од облеката и младите момчиња на одредена возраст го „заслужувале“. Тој имал и естетско значење, а модерниот ремен е „наследник“ на појасот. Колку и да била убава таа носија, во денешното време е неприменлива од повеќе причини, освен во културно-уметничките друштва.

„Сепак, мислам дека ние жилаво се држиме кон нашиот идентитет и ги задржуваме сите белези што нè карактеризираат како Македонци. Тешко ни е да се одделиме од тие белези што не прават како народ. Посебни“, вели таа.

Илиевска додава дека на сите етнолошки изложби се создава впечаток дека посетителите како да го комуницираат со предметите, зашто секој од нив праќа порака на набљудувачот.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG