Достапни линкови

Втора биенална меѓународна Екс либрис изложба - Скопје 2014


Дела на повеќе од 40 автори од 11 земји во светот ќе бидат претставени на втората биенална „Меѓународна Екс Либрис изложба – Скопје 2014“, што од 27 ноември ќе биде поставена во Отвореното графичко студио. На оваа постановка застапени се скоро сите графички техники, како и компјутерска графика, а добитник на годинашната Гранд При награда е уметникот Веселин Дамјанов – Вес од Бугарија.

Ана Тихонова Јорданова од Белорусија, Стефани Костадинова од Бугарија, Марина Тераудс од САД, Лукаш Цвички од Полска, Зденек Будан од Словачка, Киу Гуилан од Јапонија, Мариус Мартинеску од Франција, нашите Благојче Наумоски Бане, Дијана Томиќ Радевска, Мирослав Вељковиќ Мишо, Шкипе Мехмети и Јана Манева Чуповска се меѓу 40 автори од 11 земји во светот чии дела ќе бидат претставени на втората биенална „Меѓународна Екс Либрис изложба – Скопје 2014“ што од 27 ноември ќе се одржи во Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје.

Во ерата на дигиталната технологија, работата со традиционалните техники претставува своевиден куриозитет. Сè додека постои потреба од графика, сѐ додека постојат колекционери и сладокусци и, на крај, уметници што се занимаваат со овој медиум, сѐ дотогаш ќе егзистира графиката.

На оваа несекојдневна постановка застапени се речиси сите традиционални графички техники како линорез, дрворез, сува игла, бакропис, бакрорез, акватинта, мецотинта, литографија итн., како и компјутерската графика. Инаку, овие творби со оглед на нивната максимална големина А-5 формат, влегуваат во категоријата „минијатури“ и специфично за нив е што се графики, всушност печатени дела кои што на своето клише, односно на матрицата на која што се отпечатува, мора да го имаат интегрирано текстот „екс-либрис“ и името на институцијата или личноста на која што е посветено.

Атанас Ботев, раководител на Отвореното графичко студио и член на Одборот на Меѓународното графичко биенале Екс либрис – Скопје 2014, забележува дека оваа културна манифестација го позиционира градот и Република Македонија на мапата на европските и светските културни случувања. Тој нагласува дека прогнозите оти графиката постепено ќе исчезне со експанзијата на дигиталните медиуми, за среќа, не се остварија.

Со второто издание на Екс Либрис докажуваме дека сериозно работиме на случајот оваа изложба да стане традиционална, биенална, што значи да дочекаме што повеќе нејзини изданија и нормално на секое од нив да се зголемува бројот на учесници, а се разбира и квалитетот на понудените дела.

„Причината за тоа е едноставна. Во ерата на дигиталната технологија, работата со традиционалните техники претставува своевиден куриозитет. Сè додека постои потреба од графика, сѐ додека постојат колекционери и сладокусци и, на крај, уметници што се занимаваат со овој медиум, сѐ дотогаш ќе егзистира графиката. Меѓународното графичко биенале Екс либрис (ExLibris) - Скопје е резултат токму на овие околности. Ако се земе предвид дека голем број манифестации посветени на графиката полека згаснуваат, тогаш слободно може да се каже дека иницирањето на ваков тип изложби е вистински донкихотовски подвиг“, вели Ботев.

Соња Димовска, уметницата која е најдиректно врзана со организацијата на Екс либрис – Скопје 2014, вели дека се покажале како оправдани нивните очекувања дека овој тип на изложба ќе ја збогати домашната графичка сцена и дека наспроти инцидентните пројави од минатото сега веќе може да се говори за биенална изложба која под закрила на ДЛУМ полека ќе го изодува патот до создавање своја сопствена традиција на одржување.

„Со второто издание на Екс Либрис докажуваме дека сериозно работиме на случајот оваа изложба да стане традиционална, биенална, што значи да дочекаме што повеќе нејзини изданија и нормално на секое од нив да се зголемува бројот на учесници, а се разбира и квалитетот на понудените дела“, ќе рече Димовска.

Кон ова само уште информацијата дека добитник на годинешното Гранд При е уметникот Веселин Дамјанов Вес од соседна Бугарија за делото „Екс Либрис - Артур Мота Миранда“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG