Достапни линкови

Игра на Росица Лазеска во Галерија 8 во скопски Безистен


Повеќе од десетина цртежи, мали и големи формати, ќе бидат претставени на самостојната изложба на Росица Лазеска, која од 8 мај се одржува во Галерија 8, во Старата скопска чаршија. Станува збор за поставка која наново фрла светлина на хармонично обликуваните апстрактни композиции и специфичниот ликовен израз на оваа македонска уметница.

Станува збор за една сериозна игра. Игра која се случува спонтано. Во еден момент. И никогаш не знаеш каков резултат ќе добиеш. Работиш многу брзо, а треба да добиеш една хармонија. Да се синхронизираат сите линии и сите тие форми коишто ги побарува уметниковото чувство за композиција.
Кога го почнувам цртежот, тој можеби е хаотичен, нема лик, нема облик. Веројатно тоа е одразот на импулсот од времето во кое живееме, но потем започнувам во него да го барам она што е мојата суштина.
Росица Лазеска, уметница.

Ова ќе го забележи Росица Лазеска во пресрет на својата нова самостојна изложба. Овојпат уметницата, во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, во скопската Галерија 8, претставува повеќе од десеттина цртежи по заеднички наслов „Игра“.

Во нејзините дела, како што е наведено, следиме експресивна, динамична ткаенина на линии кои се во меѓусебна комуникација со графичките знаци, форми и тонски решенија, а кои создаваат хармонично обликувани аспрактни композиции. За линијата се дополнува дека е силна и лирична, моќна и нежна, динамична и смирена, апстрактна и наративна и дека го обликува овој ликовен свет со кој се карактеризира специфичниот ликовен израз на уметницата.
Сега сè уште сметам дека постои простор за истражување во овој домен, во цртежите што ги работам. Линиите не ми се досадени.
Росица Лазеска, уметница.

„Хармонијата е нешто кон што уште од малечка сум тежнеела. Кога го почнувам цртежот, тој можеби е хаотичен, нема лик, нема облик. Веројатно тоа е одразот на импулсот од времето во кое живееме, но потем започнувам во него да го барам она што е мојата суштина. Тоа е тоа. Во сè што се прави да барам една урамнотеженост, една композиција којашто има урамнотеженост. Некогаш ако ставите централно нешто и тоа може да биде урамнотежено. Во овој случај таа урамнотеженост е постигната покомплицирано – низ хаос“, вели таа.
Македонската сликарка Росица Лазеска.
Македонската сликарка Росица Лазеска.

Лазеска дополнува дека на актуелната изложба во Галерија 8 преставува цртежи настанати во последниве три години кои на свој начин рефлектираат една состојба во нејзиното авторско творештво. Вели дека нејзиниот творечки ракопис е препознатлив, дека има разлика помеѓу она што го работела пред 10-15 години и она што го создава сега, но дека нималку не го исцрпела она што суштина на актуелното творештво.

„Кога ќе сметам дека ова творештво е исцрпено можеби ќе направам пауза, а можеби ќе дојде во тој момент од некаде да видам некој пат што ќе биде малку поразличен. Сега сè уште сметам дека постои простор за истражување во овој домен, во цртежите што ги работам. Линиите не ми се досадени. Врз нив може сè уште да се експериментира. Еден ден можеби ќе се јави потреба да креирам нешто подруго. Да го исцрпам ова што сега е плод на моите размисли и чувства и сметајќи дека не можам да дадам повеќе да истражувам во нешто друго“, вели уметницата.

Родена во 1956 година, Росица Лазеска дипломирала на Архитектонскиот и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Нејзиниот опус се состои од графики и цртежи, а зад себе има бројни самостојни и групни изложби во земјава и во странство. Добитничка е на повеќе награди од кои посебно за издвојување се Гранд-при на второто Меѓународно графичко триенале што се одржа во Александрија, Египет во 1996 година и наградите за цртеж на Остен ( беше и нивни уметник на годината) и „Никола Мартиновски“ од Друштвото на ликовните уметници на Македонија во 2010 година.

Во мај минатата година излагаше во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица, а говорејќи за идните средби со ликовната публика вели дека еден ден би сакала да се пројави во простор каков што е атељето на ДЛУМ во Париз, Франција или во нашите културни центри во неколкуте светски метрополи, но дека сепак ги преферира колективните претставувања кои не изискуваат премногу организациски вратоломии.

Дополнува дека е „малку себична“ во однос на споделување на своите дела со публиката по интернет сајтовите или на социјалните мрежи оти и не го милува таквото авторско разоткривање.

„Јас би сакала кога ќе појдам на некоја изложба тоа да ми биде изненадување. Ја сакам прикаската кога ќе влезам во галеријата да се почувствувам дека сум добила подарок кој ете сега треба да го отворам. Го сакам тоа изненадување. Сакам да се прашам: Што работи тој човек? И, после да појдам и да видам. Да се сретнам со него“, вели таа.

Лазевска потенцира дека би сакала што почесто да ѝ се случуваат нови претставувања во јавноста, но дополнува дека тоа е невозможно оти секој иден уметнички исчекор кај нас оди преку институциите и дека самата сепак не е на возраст што со себе носи творечка и комуникациска агресивност.

„Кога бев млада бев енергична. Насекаде по светот пуштав пријави за учества на изложби. Сега е тоа малку постишано. Сега би сакала да имам менаџер кој тоа би го правел наместо мене, а јас само да работам. И ништо повеќе од тоа“, вели Лазеска.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG