Достапни линкови

Василев – Противник сум на загадувањето со уметност!


„Визуелна статистика на случајно добиени податоци“ е насловена изложбата на уметникот Кирил Василев, што од 11 јули до 10 август, се одржува во Отвореното графичко студио на Музеј на град Скопје. Станува збор за втора самостојна постановка на академскиот вајар која се темели на системи хранети со податоци од фрлање паричка и коцка, а резултатите се структури кои можат да се наречат графики и скулптури.

Дизајнирав два система за визуелизација на случајни податоци, преку кои феноменот (можеби правило) на низи и згрутчувања, би бил на очиглед. Првиот ( дводимензионален) се состои од поле со 25 на 25 квадрати кои се потполнуваат со црна или бела боја, соодветно на добиените вредности при фрлање паричка. Каков и да е начинот на кој ги внесуваме податоците, резултатот е секогаш ист. Не се забележува разлика. Секаде е присутно згрутчување и асиметрија. Вториот систем е тродимензионален и се храни со податоци добиени со фрлање коцки (зар). Системот може да се дефинира и како случајно движење на коцката во просторот. И во овој систем се забележува згрутчување и асиметрија. И двата система имаат можност за кодирање. Со диригирани вредности може да се добие било кој облик.

Главниот мотив заради кој што почнав да ја правам оваа изложба беше да се ослободам малку од притисокот на тоа што го осознав сакајќи да го споделам со други. Ова во моментов е некаков завршен циклус и не знам дали воопшто другпат би имал самостојна изложба додека не добијам некаков порив и идеја такво нешто нема да се случи.
Кирил Василев, уметник.

Ова , меѓу другото, ќе го запише Кирил Ристов Васиљовски или Кирил Василев, во каталогот за изложбата „Визуелна статистика на случајно добиени податоци“, што од 11 јули до 10 август, се одвива во Отвореното графичко студио на Музеј на град Скопје.

Кирил Василев.
Кирил Василев.

„Врз основа на ова можеме да заклучиме дека се што се појавува или постои мора да има некакво предпостоење во некаков координатен систем и идеја, а не може да се појави туку така и од нигде никаде“, вели уметникот.

Роден 1971 година, Василев е академски вајар и ова му е втора самостојна изложба.

„Првата изложба беше во 2007 година во Музеј на град Скопје и на неа ги разгледував истите принципи. Таму исто така беше анализиран принципот на згрутчување, но во тој случај кај зборовите, односно кога зборовите ги споредуваме според нивниот звук и значење тогаш тие имаат една тенденција да образуваат грутки или згрутчувања од зборови околу една идеја.“

Компарирајќи ги двете поставки авторот појаснува дека овојпат се работи за поегзактен случај и дека врз основа на добиените факти станува збор за потврдени научни експерименти и дека за она што го гледаме може да се говори како за правило.

„За наши услови не е мал бројот на добиени податоци. За една графика, да кажеме, имате 625 фрлања со паричка.“

Запрашан за тоа дали и натаму ќе ги продолжи овие свои потраги и на следната постановка, Василев потенцира дека самиот е „противник на загадување со уметност“ и дека откако го пронашол експериментот со фрлање паричка си поставил за цел да го визуелизира, па потоа настанала и тродимензионалната варијанта со фрлање коцка.

„Главниот мотив заради кој што почнав да ја правам оваа изложба беше да се ослободам малку од притисокот на тоа што го осознав сакајќи да го споделам со други. Ова во моментов е некаков завршен циклус и не знам дали воопшто другпат би имал самостојна изложба додека не добијам некаков порив и идеја такво нешто нема да се случи. “

Инаку, Кирил Василев работи во Театарот за деца и младинци како куклар и реквизитер. Тој е автор на сценографии и костими во повеќе театарски претстави и филмови, а во 2012 година за претставата „Приказни за Шехерезада и Шахријар“ што режисерот Деан Дамјановски ја постави на сцената на Турскиот театар во Скопје ја доби наградата за сценографија на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“.

„Во мојот случај станува збор за две сосема различни работи. Она што го работам во театарот е некаква применета уметност, а ова на изложбава не би знаел дали е уметност но би сакал да биде, дај Боже, применето. Овие графики и скулптури си имаат некаква своја естетика меѓутоа немав никаква намера да произведам нешто убаво, допадливо...Не внимавав на публиката. Од друга страна, кога се работи со категорија како што се децата мора да се биде внимателен. Треба да се трудиме да им се допаднеме. Не по секоја цена, но сепак крајно внимателно треба да се осмисли делото.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG