Достапни линкови

Екстерно оценување за интерни проблеми


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Нема да се откажеме од екстерното оценување, велат во министерството за образование и додаваат дека се можни измени за подобрување на слабостите. Дел од аналитичарите велат дека тоа нема да го реши суштинскиот проблем.

Екстерното тестирање не е големо оптоварување и мислам дека наставниците и јавноста намерно го презентираа како товар за учениците. Идејата никогаш не била да има дополнителна работа за учениците, туку да се проверат наставниците дали реално ги оценуваат, вели министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми во неделното интервју на Радио Слободно Европа. Тој потврдува дека планираат измени во екстерното тестирање, односно дека ќе биде направена суштинска анализа во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни.

Сите слабости кои се констатирани при спроведување на екстерното оценување ќе се обидеме да ги надминеме, меѓутоа пак ќе повторам, нема да се откажеме од екстерното оценување, затоа што сметаме дека ова дава дополнителен допринос за поквалитетно образование.

„Сите слабости кои се констатирани при спроведување на екстерното оценување ќе се обидеме да ги надминеме, меѓутоа пак ќе повторам, нема да се откажеме од екстерното оценување, затоа што сметаме дека ова дава дополнителен допринос за поквалитетно образование“, вели Адеми.

Поранешниот министер за образование и наука Ненад Новковски вели дека во екстерното тестирање има огромни суштински проблеми, како што е казнувањето и наградувањето на наставниците, што е недопустиво.

Најверојатно и кога ќе бидат донесени промени, повторно тие ќе бидат за санирање на одредени проблеми, но не и за решавање на суштинските недостатоци на проблематичното вклучување на недопуштени елементи во екстерното оценување.

„Во таа смисла најверојатно и кога ќе бидат донесени промени, повторно тие ќе бидат за санирање на одредени проблеми, но не и за решавање на суштинските недостатоци на проблематичното вклучување на недопуштени елементи во екстерното оценување“, вели Новковски.

Адеми најавува дека доколку има потреба, ќе бидат спроведени измени во законот во однос на екстерното тестирање.

„Доколку констатираме дека и законот треба да се смени поради оваа работа, тоа и ќе го предложиме до Собранието, сè со цел да имаме полесен пристап и процес во кој сите ќе бидат на некој начин задоволни од неговата објективност“, вели Адеми.

За Новковски, тоа дополнително ќе предизвика штета на образовниот процес, кој не трпи брзи интервенции.

„Секое такво интервенирање ги нарушува основите на функционирањето. Системот мора да си биде стабилен, да се знае многу однапред како ќе се работи за да може да биде успешно функционирањето. На ваков начин ќе се внесат непотребни потреси во овој систем и јасно е дека и понатаму ќе се намали квалитетот на образованието“, вели Новковски.

Синдикатот за образование, наука и култура најави штрајк на кој меѓу другото ќе бара да запре процесот на оценување на наставниците преку екстерно тестирање.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG