Достапни линкови

Екстерно/интерно деградирање


Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

Добиваме нервозен наставен кадар, деградиран, навреден, постојано под страв од казни и губење на работното место, чие однесување директно се рефлектира врз знаењето и успехот на учениците, пишува Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

„Кое семејство има родители, баба, дедо и деца?“. Кој е адекватниот одговор на ова прашање? Што самото прашање сака да постигне, заедно со тој/таа кој го смислувал? Ова прашање го дадов само како првичен пример од морето небулозни прашања за претстојното екстерно тестирање на учениците од основното и средното образование во Македонија.
Ако е тестирање, логиката на целта на едно тестирање, тогаш самата наложува прашањата да бидат тајни, за навистина да се оцени знаењето на учениците.


Уште кога се постави проектот на екстерно тестирање во образованието и се почна со праксата на јавно објавување на прашањата, првото прашање кое самото ми се наметна, беше: која е поентата на објавување на прашањата јавно? Ако е тестирање, логиката на целта на едно тестирање, тогаш самата наложува прашањата да бидат тајни, за навистина да се оцени знаењето на учениците. Тоа е скоро исто кога на еден факултет јавно би се објавувале прашањата од предметите со цел да се намали процентот на студенти кои не дипломирале. Во тој случај се губи целата смисла на образованието и селекцијата на квалитетен од неквалитетен кадар.

Објавувањето на предметите по кои учениците ќе поминуваат екстерно тестирање три дена пред тестирањето е дополнително, непотребно и дури и деградирачко за самите ученици и професори. Со оваа пракса под знак прашање се става работата, трудот на еден ученик во текот на целата школска година, заедно со работата на неговиот наставник/професор.

Со небулозни, хаотични и неадекватни прашања, стручните служби не можат ни приближно реално да го оценат ниту знаењето на ученикот, ниту работата на наставникот/професорот. Не може под знак прашање да се стави работата на наставникот/професорот во текот на девет месеци, во кои тој го следи ученикот во секое поле на работата, неговата заинтересиранот, активност, неактивност, знаење и така натаму.

Една машина која е програмирана од човек и која ако направи грешка, нема да биде класифицирана како механичка грешка, туку како човечка, ни во кој поглед не може реално да оценува наставен кадар кој својата стручност ја усовршувал со години, па и со децении во образовниот систем. Каде се прашања за учениците со посебни образовни потреби за кои наставниот кадар е обврзан да прави програма? На крајот од тестирањето колку учениците ќе имаат увид во резултатите кои ќе ја дадат нивната крајна оценка?
Со небулозни, хаотични и неадекватни прашања, стручните служби не можат ни приближно реално да го оценат ниту знаењето на ученикот, ниту работата на наставникот/професорот.


Оценувањето на работата на наставниот кадар преку сувопарни, па дури и смешни прашања од типот: „Кој дел од растението треба да го набере баба Рада за да направи чај од камилица?„ поставува уште едно прашање. Дали машината која ќе ја даде конечната оценка за знаењето на ученикот може во целост да го замени наставниот кадар? Преку системот на казнување се врши деградирање на професијата наставник/професор и ако крајните, „механички„ оценки не кореспондираат со оценките од текот на целата учебна година. Добиваме нервозен наставен кадар, деградиран, навреден, постојано под страв од казни и губење на работното место, чие однесување директно се рефлектира врз знаењето и успехот на учениците.

Како се поставени работите, сметам дека во иднина воопшто нема да има потреба од оценување во текот на целата година. Можеби наставниците/професорите треба да бидат оставени само да го предадат материјалот на учениците и да остават машината да им ги даде крајните оценки, кои прашање е колку ќе кореспондираат со реалното знаење стекнато во текот на целата учебна година.

Систематското уништување на една земја на долг рок почнува со уништување на трите нејзини столба: одбраната, образованието и здравството. Само треба да се запрашаме уште колку живот остана за нашата држава бидејќи дури и апаратите кои ја одржуваат во живот почнуваат да трокираат.
XS
SM
MD
LG