Достапни линкови

Јовановски со изложба која го преиспитува односот кон правење уметност


Изложба на Филип Јовановски.

Изложба на Филип Јовановски.

„Силата на Спартакистите или моќта на љубовта“ е насловена самостојната изложба на визуелниот уметник Филип Јовановски, што од 11 до 25 април, се одвива во Отвореното графичко студио на Музеј на град Скопје. Станува збор за инсталација составена од неколку авторски проекти кои што го третираат поимот на слободата во различни социјални и политички контексти.

Изложбата „Силата на Спартакистите или моќта на љубовта“ е инсталација на визуелниот уметник и граѓански активист Филип Јовановски составена од личната архива на фрагменти од неколку негови авторски проекти коишто го третираат поимот на слободата во различни социјални и политички контексти, а кои тој и ги претставил на јавноста во изминативе две години.

Станува збор за инсталациите „Слободата го води народот“ изложена во Прима центар – Берлин во октомври 2011 година, „Три лесни парчиња, предлог за опера во три чина“ од декември 2012 изложена во Н.У. Центар за култура Битола и „За Општина Центар“, акција во јавен простор, „Утопии Дистопии“ - на КООПЕРАЦИЈА, од април 2013.
Силата на Спартакистите или моќта на љубовта“ како наслов е токму изваден од еден монолог на драмата на Брехт. Тоа е приказната – што е посилно моќта на љубовта или моќта на Спартакистите како револуционери.


„Целото дело е заокружување на еден процес кој што го почнавме со Мартин Кочовски во претставата „Тапани во ноќта“ уште пред шест години. После тоа јас го развив во павилјонот за Прашкото квадриенале и од таму некако јас заокружувам со еден процес на испитување како од театар се стига до некаква реалност. Затоа и соработувам со активистичка организација – левичарското движење „Солидарност“ и со живите луѓе – учесници во процесот „Скопје 2014“ преиспитувајќи го нивниот однос за правење уметност, култура...всушност нивната улога во тоа, така да „Силата на Спартакистите или моќта на љубовта“ како наслов е токму изваден од еден монолог на драмата на Брехт. Тоа е приказната – што е посилно моќта на љубовта или моќта на Спартакистите како револуционери“, вели уметникот.

Јовановски објаснува дека делото ја преиспитува таа позиција на индивидуалецот, на работникот во системот на продуцирање на култура и уметност. Тој дополнува дека тоа најдобро се гледа во каталогот што заедно го произвеле со „Солидарност“ и со работниците што значи дека тие, на некој начин, директно и непотчинето учествувале во изработката на делото.
Разговорот е каталог. Разговорот е пораката. А од тој разговор произлегува таа дијалектика на односот на тие работници во изградбата на „Скопје 2014“. Значи, едноставно се преиспитува позицијата нивна. И наша.


„Според мене, суштината произлегува од начинот на изработката на каталогот кој што е документиран разговор во форма на пораки кои што јас ги правам со „Солидарност“ и со работниците. Разговорот е каталог. Разговорот е пораката. А од тој разговор произлегува таа дијалектика на односот на тие работници во изградбата на „Скопје 2014“. Значи, едноставно се преиспитува позицијата нивна. И наша. “

Авторот забележува дека за него било особено интересно кога со тие луѓе кои се директни учесници во еден голем, мега-проект каков што е „Скопје 2014“, ќе седнеш да разговараш на едно човечко, лично, интимно ниво. Вели дека притоа тие пред сè разговарале за нивниот занает во најматеријална смисла.
Дали работата е експлоатација? Или до кое ниво е експлоатација, а до кое не е. На тој начин ги преиспитувавме и нивната позиција како работници и нашата како културни работници.

„Не зборувавме за големи идеи, туку за тоа што тие работат, а што ние. Што значи тоа во еден поголем контекст. Дали работата е експлоатација? Или до кое ниво е експлоатација, а до кое не е. На тој начин ги преиспитувавме и нивната позиција како работници и нашата како културни работници. Многу е битно што позицијата на разговорот беше на рамноправно ниво. Не беше на ниво уметник – работник, туку на ниво на граѓани, што за мене е многу важно. Бидејќи јас така си ја преиспитувам позицијата на уметник. Затоа и ги викнав да разговараме во галерија, а не некаде во кафеана или на градилиште. Малце извадени од контекст, а сепак во јавен простор.“

Видно задоволен од потенцијалот на таквата конверзација, од интересната линија на размислување, уметникот дополнува дека тој понатаму може да се развива и во ново дело - публикација или слично.
Роден 1979 година, Филип Јовановски дипломирал на Архитектонскиот факултет и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство.

Досега учествувал на повеќе групни постановки како „Биенале на млади уметници“ (2009/2011/2013); SEAfair (Саем на електронски уметности) во Музеј на современа уметност - Скопје (2010); Фестивал !„Перфорације“ во Загреб, Хрватска (2010); Фестивал „Синхронзирани градови“ (2010) ; „Опседнати со победата“ во Познан, Полска (2013); „Паралелни светови“ во Сараево, Босна и Херцегоина (2014).

Тој е добитник на наградата за млад ликовен уметник „Денес 2013“, а во своето творештво ги истражува границите меѓу различните медиуми и нивната интердисциплинарната врска - театарот, видеото, филмот и просторни инсталации. Згора на тоа неговите дела претставуваат трансформација на политички и социјални категориии во просторни слики.

Филип Јовановски, од 2007 година е уметнички директор на фестивалот за современа уметност „АКТО“ во Битола, а исто така и еден е од основачите на КООПЕРАЦИЈА , иницијативата за нови ликовни тенденции во современата култура која делува од 2012-та. Згора на тоа не помалку важни се неговите заложби во делувањето на активистичката организација „Плоштад Слобода“, „ЈАДРО“ - асоцијација на независната културна сцена и граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“. Тој работи и како куратор на интердисциплинарни проекти.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG