Достапни линкови

Абрамовиќ и Миро – Лауреати на Остен биенале на цртеж 2014


Слика на Џоан Миро.

Слика на Џоан Миро.

Марина Абрамовиќ, контроверзната црногорско-американска уметница и шпанскиот класик и еден од најеминентните творци на суреализмот Џоан Миро, се добитниците на главните награди на Остен Арт „Биенале на цртеж 2014“, манифестацијата која е планирано да кулминира со голема изложба на 18 септември.

Марина Абрамовиќ, која користејќи го сопственото тело како медиум во изминативе четири децении се воздигна во пионер на примената на перформансот како визуелна уметничка форма, е добитничка на Гран-при за животно остварување, а Каталонецот Џоан Миро, еден од најзначајните претставници на надреализмот, постхумно е овенчан со наградата Светско културно наследство на претстојното Остен Арт „Биенале на цртеж 2014“.
Тоа е страшно тежок проект, ама само со една таква провокација, мислам дека можеме да направиме збирка каде што не само малите држави како што е Македонија, туку и многу поголеми од нас можат само да посакаат.

Ова е одлуката што ја донел Бордот на Остен во соработка со амбасадорите на Галеријата – всушност уметници од светски формат кои се носители на наградите на оваа значајна културна манифестација.

Постојан реални шанси Абрамовиќ, која патем во текот на летото цели три месеца ќе има перформанси низ Европа, во септември да присуствува на доделувањето на признанија во Скопје (во спротивно ќе ја видиме нејзината видео порака), а наградата за големиот шпански уметник е планирано да ја прими Фондацијата Џоан Миро, која располага со најголемата колекција на дела од овој мајстор на сликарството.
Ако ние во ова сме добри партнери, сакаме да соработуваме, сакаме да го подржиме, тогаш би сакал да ѝ упатам апел на македонската културна јавност и на официјалната политика да застанат зад проектот.

Мице Јанкуловски, директорот на Остен, соопштувајќи ги имињата на лауреатите, истакнува дека овие награди ја обврзуваат Галеријата да подготви изложби на наградените творци на Биеналето со онолку дела колку што години постои брендот.

„Тоа е страшно тежок проект, ама само со една таква провокација, мислам дека можеме да направиме збирка каде што не само малите држави како што е Македонија, туку и многу поголеми од нас можат само да посакаат“, вели Јанкуловски.

По Пабло Пикасо, пак, Џоан Миро е вториот шпански уметник кому му се доделува наградата Светско културно наследство.

Фернандо де Галаинена, амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Македонија, поздравувајќи го потегот на бордот на Остен, ќе забележи дека кога пред три години дошол во земјава бил навистина пријатно изненаден што оваа приватна галерија поседува импресивна збирка од над 250 дела од дури 50 автори од неговата земја.

„Сега со галеријата Остен планираме на македонската публика да ѝ претставиме три големи сликари на 20 век – Пикасо, на 7 мај ќе ја отвориме изложбата на Дали и потем во септември во рамките на „Биеналето на цртеж 2014“ ќе го имаме и наградениот автор Џоан Миро. Три комплетно различни уметници од минатиот век, но апсолутно големи во својот сопствен оригинален творечки израз. Јас би сакал, заедно со господинот Јанкуловски, со Остен, да ги убедиме македонските авторитети да смогнат сили и да поддржат еден проект со кој и на шпанската ликовна публика би ѝ биле претставени тројца од најголемите овдешни сликари како Мартиновски или Личеновски“, вели Фернандо де Галаинена.

Инаку, во контекст на делата од колекцијата интересно е и тоа што Остен ќе започне со печатење на по две монографии годишно (првата ќе биде со делата на македонските уметници), а згора на тоа се планираат и трајна поставка на делата на Пикасо во Галеријата, а неколку соби од хотелот чијашто изградба наскоро ќе започне е планирано да ги носат имињата на некои од досегашните лауреати на манифестацијата.

Во меѓувреме, во тек се подготовките за претстојното „Биенале на цртеж 2014“.

Според Корнелија Коневска, извршна директорка во Остен, постои навистина голем интерес за учество од бројни уметници од целиот свет, а рокот за аплицирање завршува на 31 мај.

Интернационалното жири во состав Павле Пејовиќ, скулптор и директор на Националниот музеј на Црна Гора, Николас Тау, доверител и програмски менаџер на Интернационалната фондација за музика и уметност (САД) и Анита Халдеман, куратор на одделот за цртеж и графика на Музејот во Базел (Швајцарија), селекцијата ќе ја изврши во текот на јуни, а изложбата е планирано да биде отворена на 18 септември во Галеријата Остен.

Пејовиќ, говорејќи за збирката на Остен која содржи над 5.150 дела од 1.400 уметници од светот, забележува дека станува збор за навистина успешна приказна која е плод на извонредната енергија на луѓето што се грижат за неа и го изрази задоволството од досегашната соработка со институцијата што тој ја претставува. Тој најави дека есенва во Цетиње ќе гостува постановката од 30 дела од Салвадор Дали од колекцијата на Остен, која претходно во Скопје ќе биде поставена во мај по повод Денот на Европа.

„Ако ние во ова сме добри партнери, сакаме да соработуваме, сакаме да го подржиме, тогаш би сакал да ѝ упатам апел на македонската културна јавност и на официјалната политика да застанат зад проектот бидејќи станува збор за нешто што ги надмина локалните, па и регионалните и навистина има светски референци“, вели Пејовиќ.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG