Достапни линкови

Обвинителството треба да се изјасни за кривичната против Груевски


Јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Јавното обвинителство најави дека денеска ќе ѝ соопшти на јавноста детали за кривичната пријава што СДСМ ја поднесе против премиерот Никола Груевски за случајот Македонска банка.

Државното јавно обвинителство денеска ќе одржи прес-конференција на која би требало да стане збор за кривичната пријава која ја поднесе СДСМ против премиерот Никола Груевски во врска со случајот Македонска банка. Пријавата е за противзаконско посредување, примање поткуп и затајување данок, а како доказен материјал доставена е и аудио снимката што неодамна ја обелодени СДСМ.
Она што сега сите го очекуваме од обвинителството е да отвори постапка, значи да почне постапка за проверка на тие наводи изнесени од опозицијата.

Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски пред неколку дена за Либертас изјави дека добил потврда оти пријавата е поднесена, но обвинителот кој го води предметот бил на пат. Тој најави дека денеска на јавноста ќе ѝ го соопшти случајот.

Претседателката на Транспаренси Интренејшнал Македонија, Слаѓана Тасева, вели дека обвинителството најпрвин треба да започне постапка по добиената кривична пријава и да се произнесе по неа.

„Она што сега сите го очекуваме од обвинителството е да отвори постапка, значи да почне постапка за проверка на тие наводи изнесени од опозицијата, односно да отвори постапка по поднесената кривична пријава и откако добро ќе ја проучи и ќе провери, да се произнесе по поднесената кривична пријава и по сите наводи таму“, вели таа.
Единствениот репер, појдовната точка да се види во кој правец би се водела постапката понатаму е утврдување на автентичноста. Без тоа да се утврди, мислам дека сè понатаму е нагаѓање.

Тасева очекува институциите да си ја завршат својата работа согласно нивните надлежности.

„Што направиле со аудио-снимката не можеме да знаеме, само знаеме дека е поднесена кривична пријава, јавниот обвинител треба да постапи, да провери дали постојат основи за сомневање дека е сторено кривично тело и врз основа на тоа да донесе некаква одлука за водење на постапка. Друго не можам ништо да кажам дека очекувам, очекувам дека ќе си постапат според законот и според надлежностите“, вели Тасева.

Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски вели дека доколку се потврди автентичноста на снимката, тогаш обвинителот оценува од какво значење е разговорот и дали во него има елементи на кривично дело. Доколку снимката не е автентична, според него, обвинителот ќе ја запре постапката и може да го повика на одговорност тој што лажно објавува.

„Значи тие се алтернативите, меѓутоа единствениот репер, појдовната точка да се види во кој правец би се водела постапката понатаму е утврдување на автентичноста. Без тоа да се утврди, мислам дека сè понатаму е нагаѓање како би се постапувало“, вели Малиновски.

Претседателот на СДСМ Зорaн Заев изјави дека од обвинителството очекува ефективна истрага. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија тужба за клевета против Заев.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG