Достапни линкови

Саемот на книга – саем за љубовта кон пишаниот збор


Под мотото „Саемот на книгата, саем за љубовта кон пишаниот збор“, во периодот од 8 до 14 април, ќе се одржи 26-то издание на една од најзначајните меѓународни културни манифестации во земјава. На Саем на книгата 2014, на изложбена површина од 3.000 квадратни метри, во скопската Метрополис арена, ќе се претстават повеќе од 70 издавачи од Република Македонија и од земјите во регионот.

Над 70 издавачи ќе земат учество на 26. Меѓународен саем на книгата кој, од 8-ми до 14 април, ќе се одржи во Метрополис арена. На вкупна површина од 3.000 квадратни метри, на изложбените штандови, по саемски цени ќе се продаваат книги од најновата продукција во земјава и преводни изданија од различни жанрови – белетристика, научна литература, книги за деца, енциклопедии и речници.
За жал тука ограничувачки фактор се буџетите. Повеќето од звучните писателски имиња барат извесни хонорари кои не секој издавач може да си ги дозволи.

Во Промотивниот центар, пак, според посебно определена програма, во седумте саемски дена се очекува да се случат повеќе од 40 интересни промоции на новообјавени книги, средби со автори и низа литературни читања.

Згора на тоа, организаторите на оваа значајна културна манифестација – Скопски саем и Здружението на издавачи и книжари на Македонија, за годинашното издание кое се одржува под мотото „Саемот на книгата, саем за љубовта кон пишаниот збор“, најавија учество и на странски партнери. Од Србија доаѓаат Народната библиотека и Вулкан издаваштво, од Бугарија – Просвета либри, Албанија ја претставуваат Тоена, Фан Ноли и Лабова, од Италија – Centro multiinformativo Italiano, Шведската амбасада, како и минатата година, ќе направи промоција на детска литература, а Институтот Балаши од Будимпешта и Лекторатот по унгарски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во партнерство со издавачката куќа Или-Или од Скопје, премиерно ќе организираат претставување на унгарската литература, при што ќе бидат изложени преводите на дела од унгарски јазик настанати во изминатава декада со цел да го доближат тамошното книжевно творештво до македонската читателска публика.

Од своја страна, Здружението на издавачи на Република Македонија, и овојпат ќе ги додели своите традиционални награди – најдобро издание меѓу двата саема, најпродавана книга на Саемот, како и наградата за најдобар книжар во земјава. Настанот е предвидено да се случи в сабота на 12 април, во 19 часот.

А, кога сме веќе кај овие активности, интересно е и тоа што во организација на НУБ „Свети Климент Охридски“ ќе се организираат промоции на наградените македонски автори на домашно и интернационално ниво, издавачката куќа „Феникс“ ќе ја додели наградата за книжевен опус „Златен прстен“, „Или-Или“ на читателите ќе им го понуди романот „Резервен живот“ на Лидија Димковска , кој во ноември ја доби врвната Европска награда за литература, на штандовите ќе се најде и преводот на романот „Приказната за двата града“ од Чарлс Дикенс кој е продаден во повеќе од 200 милиони примероци, а книгоиздателството „Три“ со идеја да ја збогати промоцијата на делото „Спас“ го организира гостувањето на авторката од соседна Србија – Исидора Бјелица. Таа засега е и единственото звучно писателско име од странство кое доаѓа на 26. Меѓународен саем на книгата во Скопје.

„За жал тука ограничувачки фактор се буџетите. Повеќето од звучните писателски имиња барат извесни хонорари кои не секој издавач може да си ги дозволи. Најчесто тоа е направено на индивидуално ниво. Буквално издавачот кој го публикувал преводот на делото го носи авторот и го презентира на Саемот на книгата. Во иднина се надевам дека ќе има и некои позвучни имиња на оваа манифестација“, објаснува Горјан Лазаревски, претседател на Здружението на издавачи.

Со идеја за што поголема афирмација на книгата и читањето, за време на одржувањето на оваа културна манифестација ќе биде организирана и кампања на социјалната мрежа Фејсбук, на тема „Прати најљубовна порака поврзана со книгата и пишаниот збор на профилот на Скопски саем и добиј книга!“.

Сите љубители на книгата на Фејсбукот на Скопски саем можат да ги оставаат своите најљубовни пораки и секојдневно ќе бидат наградувано најдобрите од нив – ќе рече Сања Кондарко, оперативен директор на оваа манифестација.

Инаку, Саемот за посетителите ќе биде отворен од 10 до 20 часот, влезниците ќе се продаваат по симболична цена од 30 денари за поединечни и 20 за групни посети, а и овојпат за времетраењето се очекуваат околу 40.000 посетители, што ова меѓународно случување го става во редот на најатрактивните што се случуваат во земјава.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG