Достапни линкови

logo-print

Мостови на Струга за младиот шкотски поет Хери Мен


Шкотскиот поет Хери Мен, за збирката „Лифт“, е годинашниот добитник на наградата за најдобра дебитантска книга „Мостови на Струга“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО. Вредна одлика на неговата поезија е смелоста со која преку јазичните игри, во своевиден неоавангарден стил, успева да изнајде поетски ракурс преку кој ќе бидат поетизирани и навидум непоетски теми.

Оваа песна, тајна како прекинувач за светло,
такво ќе ти биде дишењето.
Топлината на зглобов врз твоето меше;
твојот пулс и мојот со време -
првата од твоите сили е да бидеш љубен.

Сето тоа изобилство од научни, стручни термини сега е впрегнато во еден современ и модерен поетски јазик, што оваа поезија ја прави непосредна, комуникативна и актуелна.

Ова се само неколку стихови од песната „Ултразвук“, која заедно со „Откритието“, „Проблеми со компјутерот“ „Единствената жена која чекорела врз месечината“, „Вселенско одело“ и други, ја чинат стихозбирката „Лифт“ на шкотскиот поет Хери Мен, годинешниот добитник на наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга од млад светски автор што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО.

Не се тоа дадаистички игри кои служат за деестетизација на таа стварност, туку напротив сето тоа обилство од термини, обилство од зборови, овојпат е пресоздадено во нов и силен поетски јазик.
Славе Ѓорго Димоски, претседател на Управниот одбор на фестивалот, соопштувајќи ја одлуката за наградата, ќе забележи дека она што е вредна одлика на поезијата на Мен е всушност смелоста со која преку јазичните игри, во своевиден неоавангарден стил, успева да изнајде поетски ракурс преку кој ќе бидат поетизирани и навидум непоетските теми.

„Сето тоа изобилство од научни, стручни термини сега е впрегнато во еден современ и модерен поетски јазик, што оваа поезија ја прави непосредна, комуникативна и актуелна“, вели тој.

Оваа година на отворениот конкурс биле пријавени 15 книги, а во потесен избор се нашле збирките поезија на Денис Шкофиќ и Катја Перат од Словенија (земја од која пристигнале дури пет дела), и авторот од Хрватска Александар Хут Коно.

Говорејќи за нив, Мите Стефоски, директор на СВП, истакнува дека сите пристигнати книги се исклучително вредни и заслужуваат посебно внимание и затоа решиле да бидат претставени во еден поширок избор кој ќе биде промовиран во текот на фестивалот, заедно со останатите од издавачката продукција на манифестацијата за 2014 година.

Во својата експликација за наградениот поет и спецификите на неговата поетска естетика, Стефоски вели дека кај Мен не станува збор за „дадаистички игри кои служат за деестетизација на стварноста“.

„Оваа мала книшка со само 18 песни носи навистина една несекојдневна поезија, еден поетски јазик кој го има тоа обилство на стручни, технички термини. Онаа карактеристика која доминираше и беше пресудна Мен да ја добие наградата сигурно е смелоста со која тој одново си игра. Не се тоа дадаистички игри кои служат за деестетизација на таа стварност, туку напротив сето тоа обилство од термини, обилство од зборови, овојпат е пресоздадено во нов и силен поетски јазик“, вели Стефоски.

Роден во 1982 во Бакингемшир, Хери Мен денес работи како уредник и дигитален издавач. Неговиот глас е позајмен од Харпер аудио за многу книги за деца. Во 2012 година тој освоил трета награда на Меѓународниот поетски фестивал во Кардиф и втора награда на Меѓународниот ПЕН-центар, а наградата за „Лифт“ (издание на „Tall Lighthouse“) како 11 по ред најдобра дебитантска книга на СВП, ќе му биде врачена во август, на 53-тото издание на фестивалот, на кој лауреат и добитник на главната награда „Златен венец“ е познатиот јужнокорејски поет Ко Ун.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG