Достапни линкови

Оер - Нема барање за промена на идентитетот


Нема никакво барање за промена на идентитетот, ниту на граѓаните, ниту на земјата и тоа е многу важно да се разбере, затоа што овој процес не е процес на откажување. Треба да верувате, еве во еден претставник на Франција, земјата која веднаш ја призна независноста на Mакедонија во 1991 година како независна и суверена земја - не бараме од вас да направите чекор наназад, туку токму спротивното, вели француската амбасадорка Лоренс Оер во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Екселенцијо, од власта пристигнуваат пораки дека во Македонија постои консензус во поглед на спорот за името со соседна Грција. Дали има забележителен напредок кон решавање на ова прашање?

Она што е важно е дека постои консензус кај македонското население во однос на стратегиската визија на земјата, односно нејзината евроатланска интеграција. Тоа е многу важно затоа што таа рамка која е веќе утврдена за наредните години ние ја поддржуваме, посебно Франција ја поддржува. Прашањето за името во таа рамка треба да се реши. Во однос на спорот ќе кажам дека тој подлежи под механизам на меѓународно посредништво, кој е од посебен вид. Станува збор за механизам кој зависи од Обединетите нации и кој бара двете земји да ги приближат ставовите, бидејќи медијацијата ќе биде успешна само ако двете земји го сакаат тоа и ако двете земји одлучат да се придвижуваат напред и да ги приближат ставовите. Повторувам, затоа што сиве овие години оваа медијација постои без да даде резултати, во земјата се губи надежта за какво било решение и не гледаме како да се излезе од овој магичен круг. Прво сакам да кажам дека прашањето за името треба да се реши и второ, нема никаква причина да се нема доверба во механизмите, посебно европските механизми. Договорот меѓу Србија и Косово во 2013 година ни покажа дека европските инстанци се способни да предложат некое раздвижување во целиот регион и токму тоа треба да се најде и за Македонија. Претседателот на Република Франција Франсоа Оланд ја понуди својата помош и овде повторувам дека сме подготвени да помогнеме.

Ланската препорака на Европската комисија наведе на подготвеност да се утврди временска рамка за надминување на спорот за името во рана фаза од преговорите. Власта, пак, тврди дека од Грција немаме соговорници. Што може да се направи во ваква ситуација?

Европската комисија ја игра својата улога, односно минатата година во својот годишен извештај предложи да се отворат преговорите без рокови, оставајќи го прашањето за името настрана. Советот на ЕУ не сакаше да ја следи таа препорака. Не се постигна консензус и тоа по петти пат и токму затоа ќе кажам дека треба веднаш да се сфати сериозно ова прашање бидејќи ако повторно сакаме да навлеземе во динамика и ако сакаме процесите на европска и евроатланска интеграција повторно да се придвижат во 2014 година, знаеме што треба да се направи. Уште еднаш ќе напоменам дека механизмите за проширувањето ќе треба да нè доведат до месец јуни, кога ќе има нов одговорен на чело на комисијата и важната агенда е во октомври, односно извештајот на Комисијата кој повторно ќе се најде на разгледување на маса од страна на советот. По пет години забележуваме дека ќе треба да се најдат сите можности за да се спроведе динамика.

Постои впечаток дека од Македонија се бара не само промена на името, туку и на идентитетот. Тоа навидум создава еден вид на дополнителен отпор во јавноста. Како гледате на ваквата ситуација?

Ви благодарам што ми го поставивте ова прашање бидејќи е многу важно, затоа што при посредништвото кое го водат Обединетите нации се бара да се најде решение за името на земјата во меѓународни рамки. Нема никакво барање за промена на идентитетот, ниту на граѓаните, ниту на земјата и тоа е многу важно да се разбере, затоа што овој процес не е процес на откажување. Треба да верувате, еве во еден претставник на Франција, земјата која веднаш ја призна независноста на Mакедонија во 1991 година како независна и суверена земја - не бараме од вас да направите чекор наназад, туку токму спротивното, да се свртите кон иднината во однос на целите кои сте си ги поставиле. Прашањето за идентитетот е сложено. Секој си ја има својата сопствена историја и во регионот се разбира дека историјата честопати била болна и тешка, но овде станува збор за меѓународен договор, во точно утврдена рамка со посредништво на Обединетите нации и нема да бараме од македонските граѓани да го променат идентитетот кој им е ним својствен, ниту пак да се откажат од тој идентитет и сите составни делови што создаваат една личност и кои се составен дел од земјата.

Амбасадорке, историјата како таква се реафирмира со мега-проектот Скопје 2014. Дали декларациите кои се прават преку проектот создаваат дополнителни тензии со Грција?

Ќе кажам дека секој има право да си направи сопствена културна и историска програма и мислам дека не треба да мешаме во сè, бидејќи улогата на амбасадите од Европската унија и на амбасадорите е доволно голема што јас овде воопшто не сум да расудувам, ниту ќе се обидам да кажам дека сме овде да даваме лекции во еден одреден историски момент на земјата. Македонија е млада, мултиетничка земја, со која ние соработуваме за низа комеморативни настани од Првата светска војна, која плати висока цена низ сопствената историја. Се разбира дека во однос на проектот „Скопје 2014“ можеме да кажеме многу работи, но не сум убедена дека денес треба да си дозволиме да ги измешаме сите прашања бидејќи тоа не би било корисно.

Како го проценувате напредокот на Македонија во евроатланските интеграции?

На почетокот на нашиот разговор го кажав тоа. Од моето доаѓање овде, дијалогот на високо ниво за влез во Европската унија беше прекинат. Јас од пред година дена веќе не гледам дека тој се остварува, ниту, пак, ги има напредоците кои земјата може да ги постигне во својот евроинтегративен процес затоа што се случија одредени работи. На пример, постојат и закони и реформи кои го следат својот тек, но сите знаеме дека еланот на евроатланската интеграција се случува преку одреден број на критериуми. Се извинувам, но станува збор за бирократија. Аиво Орав го споменуваше тоа за поглавјата 23 и 24, за состојбата со медиумите, во правосудството, функционирањето на правната држава и токму во овие области ќе кажам дека постои целиот тој процес кој сакаме да оди напред.

Дали реформите се спроведуваат? Секако дека имаме европски закони, но како гледате на имплементацијата?

Мислам дека голем број од законите кои беа изгласани се спроведени, како на пример основањето на академијата за судии и обвинители, тоа се законски решенија кои се многу важни - добри закони, кои во земјата овозможуваат воспоставување на функционирање на судството кое е усогласено со европските критериуми. Сепак забележуваме проблеми, односно потешкотии. На пример академијата беше основана во 2005 година, во 2009 година се сметаше дека проектот е на добра основа, но има уште многу работа која треба да се направи и се прашуваме: каде е тука динамиката? Можам да дадам и други такви примери. На пример состојбата со медиумите. Во 2009 година медиумите беа област која беше сосема усогласена со европските критериуми. Од тогаш се случи политичката криза, но се случија и одредени потешкотии.

Ги споменавме медиумите; Законот за медиуми се чини ја подгрева климата на недоверба меѓу власта и јавните гласила. Дали медиумите во Македонија се притискаат во рестриктивна рамка со ваквото законско решение?

Повторно ќе кажам дека тука не сме во позиција да расудуваме, ниту да бидеме на страната на владата, ниту, пак, да бидеме на страна на новинарите, бидејќи тоа воопшто не е нашата улога. Станува збор за техничко прашање кое е многу сложено и за кое беше дадена исклучителна експертиза од Советот на Европа и ОБСЕ. Законите за медиумите се донесени и изгласани и сега ќе кажам дека треба да напредуваме, односно треба да го надгледуваме нивното спроведување. Мислам дека има три сектори каде што ќе треба колективно да се обидеме да помогнеме за да постои конструктивен дијалог меѓу властите и новинарската фела во сите репрезентативни инстанци. Првата точка се однесува на постоење плурализам на мислења, дека треба доверба и системот да биде инклузивен. Тоа значи саморегулирање на професијата кое ќе овозможи спроведување на сите принципи кои се и наши и за кои постојано зборуваме, за независност на медиумите, слобода на изразување и почитување на правилата за функционирање на медиумите. Во тој поглед ќе истакнам дека француската амбасада, како и за други теми, соработува на билатерална основа и ќе организираме семинар за размена на добрите практики од правна гледна точка на 26 и 27 февруари со правниот факултет во Скопје и Меѓународниот институт за човекови права од Франција, кој ќе донесе практичари од таа област за да се повторат правните правила за функционирање на професијата. Мислам дека јас само така ја гледам работата на еден амбасадор на Франција и на целата екипа - да бидеме оперативни, да реагираме и да даваме поддршка. Ние сме овде, ако е неопходно, да поттикнеме капацитет за дијалог и за размена. Никогаш не сакаме да се заменуваме ни со владата ни со било кој во донесувањето на законите, уште помалку со собранието, кое е суверено во спроведувањето на својата одлука, ниту, пак, со нашите колеги од делегацијата на Европската унија кои ја вршат својата работа за приближување на законодавствата со сите инструменти кои им се на располагање. Ние соработувавме со медиумите за да бидеме корисни. Ќе имаме и втора сесија на соработка, односно обука во месец март која ќе се организира во Академијата за судии и обвинители за да се обидеме да помогнеме во однос на пропорционална примена на правилата, посебно во однос на декриминализацијата на клеветата. Во однос на новите закони и целокупниот правен корпус што беше усвоен, ќе кажам дека француските правници и експерти им стојат на располагање на Здружението на новинари, на правниците и на судиите за оптимално спроведување на ваквите закони. Наша цел е да се каже дека сè е во ред со слободата на изразување.

Сепак, од власта се аргументира дека секоја европска земја има свој закон за медиуми, па и на нас ни треба истото. Дали во ЕУ има земја со волку детално законско решение?

Сакам да бидам јасна за ова прашање, бидејќи воопшто не сакаме да предлагаме алтернативи за новите закони, туку токму спротивното. Овде сме за конкретно да помогнеме, во однос на системот кој претставничката на ОБСЕ Дуња Мијатовиќ го претстави како инклузивен и во однос на системот за саморегулација да можат да се спроведуваат низ доверба. Ќе треба и да се обидеме да ги унапредиме механизмите кои се поставуваат со новиот закон. Нема да кажам дека францускиот систем е поедноставен. Францускиот систем претставува поделена одговорност меѓу еден правен авторитет, кој кажува дека принципот на слобода на изразување е недвосмислено право, и системот кој е утврден од самата професија со кој се утврдува, на пример, како се доделува прес-картичка, кои се деонтолошките правила на професијата новинар.

Власта често се издвојува како виновник за падот на слободата на медиумите во земјава. Дали забележувате напори од самите медиуми за подобрување на ваквата ситуација?

Во однос на двата нови закони за медиуми ќе кажам дека во текот на неколку месеци создадоа комплицирани случки, бидејќи требаше да се воспостават механизми за излез од кризата, да се формираат работни групи и така натаму. Се надевам дека тој период е зад нас и дека ќе можеме повторно да целиме напред. Она што може да се констатира, во време кога се подготвуваат избори, е дека е многу важно да се провери дали постои пропорционална поддршка од владата за сите медиуми. Медиумите често зависат од буџетите од реклами од политичките партии во време на избори и тоа е дел од системот кој е многу важен - медиумите да можат да фунцкионираат во урамнотежена клима. Знаете и во Франција имаме медиуми кои се соочуваат со потешкотии а имаме и регулација на интернетот која е мошне сложена.

Дали претстојните претседателски избори, покрај шпекулациите за предвремени парламентарни избори, може да го оттргнат вниманието на власта и јавноста од европската агенда?

Се надевам дека не. Се надевам дека во интерес на иднината на земјата, која се подготвува во време на избори, дискусиите ќе продолжат. Знам дека е сложено. Сите политички сили во земјата посакуваат евроатланска интеграција и во суштина, зошто впрочем треба и да се разговара за тоа? Мислам дека треба да разговараме за младите, кои не треба да бидат обесхрабрени и треба да одат да гласаат.

Како го проценувате капацитетот на Македонија за привлекување на француски инвеститори. Јасно е дека примарните услови се поволни, но дали има услови за инвеститорите од Вашата земја да создадат одржлив бизнис?

Да. Франција е петта земја во светот по бруто домашниот производ и убедена сум дека на ова поле постои простор за подобрување. Покрај врските кои постојат поради политичката блискост но и историските врски, сметам дека уште повеќе можеме да ги унапредиме економските односи. Во 2007 година имаше огромна инвестиција во земјата со Охридска Банка и Societe General која многу се разви. Ќе кажам дека навистина постои голем потенцијал и во други области за француските претпријатија. Минатата недела на пример со министерот за земјоделие зборувавме за агропрехраната. Имате навистина исклучителни капацитети за органски свежи производи. Има исто така и големи сектори кои треба да се истражуваат. Знам дека владата многу работеше во однос на автомобилската опрема. Тој сектор во Франција се соочуваше со големи потешкотии но годинава останува една поволна перспектива во поглед на можностите кои ги нуди Македонија. Ние се обидуваме да соработуваме со нашите македонски партнери, со стопанската комора и сите други. На пример во месец март ќе соработуваме за виното, а ќе размислуваме и за поголема присутност на Македонија на француските саеми.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG