Достапни линкови

Преговорите се за името, а не за идентитетот


Средба на вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими со француската амбасадорка Лоренс Оер, 2013.
Средба на вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими со француската амбасадорка Лоренс Оер, 2013.

Не бараме од вас да направите чекор наназад, туку да се свртите кон иднината во однос на целите коишто сте си ги поставиле, вели француската амбасадорка Лоренс Оер.

Нема никакво барање за промена на идентитетот во преговорите околу спорот со името меѓу земјава и соседна Грција, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа амбасадорот на Република Франција во Македонија Лоренс Оер. Прашањето за името треба да се реши, вели Оер, додавајќи дека претседателот на Франција, Франсоа Оланд, ја понудил својата подршка:
Треба веднаш да се сфати сериозно ова (прашање) бидејки ако повторно сакаме да навлеземе во динамика и ако сакаме процесите на европска и евроатланска интеграција повторно да се придвижат во 2014 година, знаеме што треба да се направи.
Лоренс Оер, амбасадорот на Република Франција во Македонија.

„Нема никакво барање за промена на идентитетот, ниту на граѓаните, ниту на земјата и тоа е многу важно да се разбере, затоа што овој процес не е процес на откажување. Треба да верувате, еве во еден претставник на Франција, земјата која што веднаш ја призна независноста на Македонија во 1991 година како независна и суверена земја - не бараме од вас да направите чекор наназад, туку токму спротивното, да се свртите кон иднината во однос на целите коишто сте си ги поставиле“, изјави Оер.

Во однос на спорот со името, Оер вели дека по пет години се забележува потребата од динамика.
Претседателот Ѓорге Иванов и францускиот претседател Франсоа Оланд.
Претседателот Ѓорге Иванов и францускиот претседател Франсоа Оланд.

„Европската комисија ја игра својата улога, односно минатата година во својот годишен извештај предложи да се отворат преговорите без рокови, оставајќи го прашањето за името настрана. Советот не сакаше да ја следи таа препорака. Не се постигна консензус и тоа по петти пат и токму затоа ќе кажам дека треба веднаш да се сфати сериозно ова (прашање) бидејки ако повторно сакаме да навлеземе во динамика и ако сакаме процесите на европска и евроатланска интеграција повторно да се придвижат во 2014 година, знаеме што треба да се направи.“
Тоа сега се претвори во идентитетски спор и тоа исто станува тема која ќе мора да се разреши, заедно со разрешувањето на проблемот со името.
Денко Малески, универзитетски професор и поранешен министер за надворешни работи.

Се поставува прашањето како идентитетот се вмеша во спорот за уставното име на Македонија, посебно кога меѓународната заедница ги реафирмира ставовите дека во Обединетите нации се преговара за името и за ништо друго. Поранешниот министер за надворешни работи, професор Денко Малески вели дека идентитеската тема не била тема на разговор од почетокот на независноста на земјава.

„Не сакавме да влеземе во расправи околу темата дали сме ние наследници на Александар Велики, кои се нашите врски со античките Македонци, туку се држевме до онаа модерна интерпретација на нашата нација, дека нашиот базичен идентитет произлегува во јазикот кој го зборуваме, кој има свои словенски корени и едноставно ја одбегнувавме таа тема“, вели Малески.

Најпрвин скромно, а сега речиси отворено декларираме дека ние сме потомците на античките Македонци, додава Малески и појаснува:

„Бидејќи сега ги поставивме темелите на идентитетот, овој најновиот, на една чувствителна историска почна на која Грците пак го градат својот македонско-грчки идентитет, тоа сега се претвори во идентитетски спор и тоа исто станува тема која ќе мора да се разреши, заедно со разрешувањето на проблемот со името“, вели Малески.
XS
SM
MD
LG