Достапни линкови

БиХ: наднационален социјален патриотизам


Антивладините протести Босна и Херцеговина главно се реакција на скоро 40 процентната невработеност и проширената корупција. И додека властите оценуваа дека демонстрантите биле изманипулирани, аналитичарите сметаат дека токму таквите оценки го покажуваат нивниот страв од народот.

Протестите на незадоволните работници и граѓани почнаа во Тузла, но потоа се проширија и во другите градови. Во овие најголеми социјални нереди во Босна од војната во деведесетите години над 300 луѓе биле ранети, а штетите од запалените општински згради изнесуваат над 25 милиони евра.

„Ова е единствениот начин да покажеме дека сме сериозни. Сега кога го почнавме ова треба да издржиме. Ако се откажеме само ќе покажеме дека сме кукавици, како и досега“, вели една од учесничките на нередите .

Аналитичарите во Босна оценуваат дека властите се загрижени социјалниот бунт да не се прошири, со што приказната за наводната национална загрозеност ќе падне во вода, а со тоа и тие што ја пласираа.
Најголем страв на ова власт е еден ден навистина овој народ да се обедини и да се здружи. Мислам дека тоа е ноќен кошмар за сите политички елити во Босна.

„Би сакал да јакнее она што условно ќе го наречам социјален патриотизам, заедништво на обесправените, сиромашните и невработените, без оглед на нацијата. Тоа е единствен начин да се излезе од националната хомогенизација во која не туркаат политичките елити пред секои избори“, оценува Жарко Папиќ, директор на Инцијативата за подобра хумана инклузија.

Веќе со години секоја наредна власт ја обвинува претходната за криминалната приватизација и за војската невработени. Ниту една, како што додава Славко Кукиќ, професор на Универзитетот во Мостар, не сторила нешто да ги реши проблемите, туку се држи на власт со тоа што ги хушка народите едни против други.

„Од 1990 година, кога дојде до демократски пресврт, 80 отсто исти луѓе управуваат со оваа земја на овој или оној начин. Оние што го правеа тоа во име на етносот го одбележаа поголемиот дел од ова време“, додава Кукиќ.

Експертите за ваквата лоша економска и социјална ситуација во Босна, освен партиите на власт ги обвинуваат и синдикатите, односно нивниот поданички однос спрема властите, Затоа, како што заклучува екомистот Светлана Цениќ, без социјално единство на сите граѓани, тешко може да се очекуваат посериозни промени во Босна и Херцеговина.

„Најголем страв на ова власт е еден ден навистина овој народ да се обедини и да се здружи. Мислам дека тоа е ноќен кошмар за сите политички елити во Босна.“

Со Светлана Цениќ се согласува и професорот од Сараево Асим Мујкиќ кој оценува дека во Босна постои многу суров капитализам.

„Тука може да се случи да умрете, бидејќи нема законски услови да ви се помогне. Во таква ситуација сите приказни за заштита на националните интереси паѓаат во вода, бидејќи припадници на таа нација која вие ја штитите, умираат од глад“, вели професор Асим Мујкиќ.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG