Достапни линкови

Инвестиции во најава, и така 20 години


Македонија треба да ја гледаме само како еден сегмент во глобалниот балкански бренд. Tука треба да се фокусираме и да ja бараме иднината на еден реален бизнис, вели бизнисменот Зоре Темелковски.

Стопанската комора денеска организира македонско-ирачки бизнис форум со цел да бидат воспоставени билатерални деловни контакти на компаниите од двете земји кои би биле потенцијални деловни партнери. Бизнисмените од Ирак ќе се запознаат и со можностите за инвестирање и со потенцијалите за водење бизнис во Македонија. Не е прв пат бизнис делегација од странство да ја посети Македонија и притоа сето тоа да резултира со најава за зголемување на соработката и за нови инвестиции, но недостасува реализација, вели поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов.
Ние сме навикнати, не само оваа влада, веќе 20 години целата економија ни е во најава, целата економија се сведува на тоа дека нешто најавуваме, нешто што допрва треба да се случи и веста е најавата.
Зоран Витанов, поранешен заменик министер за економија.

„Ние сме навикнати, не само оваа влада, веќе 20 години целата економија ни е во најава, целата економија се сведува на тоа дека нешто најавуваме, нешто што допрва треба да се случи и веста е најавата. Јас се надевам дека еднаш некоја идна влада ќе посочи кон тоа вест да биде реализацијата. Сè се сведува на ПР, на кампања, ништо конкретно, џебовите ни се празни“, вели Витанов.

Бизнисменот Зоре Темелковски вели дека не може да се ценат ефектите од таквите средби, бидејќи после доаѓањето на бизнис делегациите средбите продолжуваат поединечно меѓу компаниите.
Македонија треба да ја гледаме само како еден сегмент во глобалниот балкански бренд, значи тука треба да се фокусираме, на балканскиот бренд и тука да ги бараме перспективите, иднината на еден реален бизнис.
Зоре Темелковски, бизнисмен.

„Така што, тие сè помалку ќе даваат ефекти во ваквите посети, нема да имаат крајни ефекти, ама се добри и се полезни за побрза комуникација меѓу бизнисмените. Таквите средби се подобри кога веќе се воспоставени дијалози, кога веќе некој пазар станува интересен за некоја држава или регион“, вели тој.

Темелковски додава дека не може да се работи за некакви инвестиции, бидејќи за нивно привлекување е задолжена владата преку сопствените кампањи.

„Тие се поатрактивни веќе за сите држави и во ваквата работа стопанствениците се само декор, така што Македонија треба да ја гледаме само како еден сегмент во глобалниот балкански бренд, значи тука треба да се фокусираме, на балканскиот бренд и тука да ги бараме перспективите, иднината на еден реален бизнис“, вели тој.

Според Темелковски, странските компании кои инвестирале досега во Македонија доаѓаат преку Владата за да добијат одредени субвенции и бенефиции и тие не се во рамките на средбите на стопанските комори.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG