Достапни линкови

Како жители на Македонија треба да решите како ќе се дефинирате


Некои се обидуваат тоа да го направат преку формирање на идентитетот со враќање далеку назад во историјата, но тоа е опасен начин за идентитетот, бидејќи некои можеби ќе бидат изоставени, порача американскиот амбасадор Пол Волерс

Американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс по повод 50 - годишнината од убиството на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди денеска одржа предавање пред професорите и студентите на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово.

Според Волерс, антентатот врз претседателот Кенеди оставил толку голем печат врз Американците така што и денеска голем дел од нив се сеќаваат што правеле во тој момент.

„Имав 11 години и учев во основно училиште во еден мал град во Калифорнија кога учителот ни кажа дека претседателот Кенеди бил застрелан во атентат. Овој настан остави голем печат врз нашата национална свест како Американци бидејќи тогаш сите луѓе од сите раси, вери и национално потекло на јавните места низ САД заеднички жалеа за Кенеди. Тоа покажа дека во време на таква криза Американците без разлика на нивната политичка, верска или национална припадност имаат повеќе заеднички ододшто различни вредности„, рече американскиот амбасадор Волерс.

Нагласи дека има многу сличности помеѓу Македонија и САД што може да се примени во изразувањето на идентитетот.

„Не можете да се дефинирате по својата националност која е различна, ниту пак по верата која истото така се разликува или, пак, по културата која е слична, но не е иста. Мора да пронајдете тоа што ви е заедничко и треба да има поширока дебата за тоа“


„Вие како жители на Македонија треба да решите како ќе се дефинирате себе си и врз основа на кои вредности. Не можете да се дефинирате по својата националност која е различна, ниту пак по верата која истото така се разликува или, пак, по културата која е слична, но не е иста. Мора да пронајдете тоа што ви е заедничко и треба да има поширока дебата за тоа. Некои се обидуваат тоа да го направат преку формирање на идентитетот со враќање далеку назад во историјата, но како што реков во моето излагање тоа е опасен начин за идентитетот, бидејќи некои можеби ќе бидат изоставени. Сметам дека многу луѓе во оваа држава се чуствуваат оставени настрана со таков пристап. Затоа барањето на заеднички вредности е многу подобро и важно за иднинатата и според мене сите треба да учествуваат во таа дебата“, изјави Волерс.

Волерс ја повтори познатата изрека на Кенеди „Не прашувај што државата може да стори за тебе, туку што ти можеш да сториш за неа“ во однос на неговото видување на состојбите дека тука во Македонија сите чекаат дали од државата, ЕУ, САД или некој друг да им ги реши сите проблеми.

- Ако чекате државата да ви ги реши сите проблеми тогаш ќе чекате многу долго време. Ако сакате да ја направите државата посилна и подобра тоа зависи од вас. Решавањето на вашите проблеми најмногу зависи од вашата работа и одлуки, а не од државата, порача Волерс.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG