Достапни линкови

logo-print

Членството во Советот за човекови права не е само признание


Советот за човекови права на ОН.

Советот за човекови права на ОН.

Членството во Советот за човекови права не треба да се смета за апсолутно признание за состојбите со човековите права во Македонија и одраз на реалните состојби, вели претседателот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Гордан Клајџиев.

Македонија очекува дека ќе помине кандидатурата и дека ќе стане членка на Советот за човекови права на ОН за што треба да гласаат сите 193 земји членки на ОН. Кандидатурата е поднесена во 2010 година за периодот од 1 јануари 2014 до 31 декември 2016 година. Членството во ова едно од најпрестижните тела во ОН е признание во сферата на промоција и заштита на човековите права и најсоодветен глобален форум за натамошни унапредувања на човековите права и слободи, информираат од македонското Министерство за надворешни работи.
Се плашам дека политиката и натаму ќе го користи како аргумент за тоа дека ние немаме проблеми и не треба да работиме на унапредување на демократијата, на слободата на говорот, на независноста на судството и слично.

Несомнено станува збор за признание и е позитивен настан за Македонија, вели претседателот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Гордан Клајџиев и би било добро како што вели тоа да претставува поттик за властите во Македонија во насока на унапредување во сферата на човековите права во земјава. Истовремено, тој не очекува дека тоа и ќе се случи со оглед на, како што вели, досегашните негативни искуства да се искористат позитивните извештаи од ЕУ како признанија кои можат да послужат како алиби или дури и комоција во поглед на залагањето за унапредување на состојбите во оваа сфера во Македонија.

„За жал овие убави работи не се користат во позитивна насока во како подстрек за тоа каде сме и што сме направиле, да го унапредиме во смисла на поголема заштита и унапредување на човековите права, туку се плашам дека политиката и натаму ќе го користи како аргумент за тоа дека ние немаме проблеми и не треба да работиме на унапредување на демократијата, на слободата на говорот, на независноста на судството и слично.“

Затоа членството во Советот за човекови права не треба да се смета за апсолутно признание за состојбите со човековите права во Македонија и одраз на реалните состојби и да се смета дека тие што членуваат во него имаат завиден степен на човековите права внатре во своите земји, додава Калајџиев.

„Бидејќи објективно тоа не е случај со Македонија, несомнено дека превагнала оценката дека Македонија не е така голем проблем за човековите права, во смисла дека не би смеело да и се допушти, меѓутоа едно е сигурно не е ни пример за држава во која човековите права се на највисок степен, владеењето на правото и демократијата, бидејќи и тоа е неспорно, значи Македонија е во некоја позиција, ни ваму, ни таму.“

Советот за човекови права на ОН е составен од 47 земји кои се менуваат на секои три години. Годинава заедно со Македонија кандидат за членство е и Русија. Форумот е формиран во 2006 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG