Достапни линкови

Изложба на Лена Стефановска Ленуш – Првата македонска сликарка


Во Културно информативен центар во Скопје, во изложбените салони Империјал 1 и 2, од 21 мај до 8 јуни, ќе се одржи изложба на слики и цртежи од Лена Стефанова – Ленуш, првата жена сликарка во македонското ликовно творештво. Ова е втора нејзина самостојна постановка и се организира по повод 100 годишнината од нејзиното раѓање.

Мојата мајка по природа беше тивка и едноставна жена. Беше решителна и горда. Пред никого не веднеше глава и како што татко ми забележал: со цврст и редок карактер. Не одгледа мајчински. Никогаш не го повишуваше тонот. Ведра, со блага насмевка, секогаш не заштитуваше од немилите случувања и не дозволуваше да бидеме повредени. Многу работеше и постојано сликаше. Ни овозможи да се школуваме и да го оформиме образованието. Едноставна и смирена, длабински им приоѓаше на работите и секогаш го бараше убавото и тоа го изразуваше со бои во своите слики.
Лена Стефанова никогаш во својот живот немала самостојна изложба. Нејзините две самостојни изложби се постхумно направени – најнапред беше онаа во Галеријата Стоби пред 20 години и еве оваа сега во салоните „Империјал“. Таа целиот свој живот била буквално затворена во атељето и постојано работела и создавала. Колегите ја знаеле, но не и љубителите на сликарството. Затоа ова е добар начин пошироката публика да се запознае со еден творец и да знае дека во тоа време, во тогашното патријархално општество кога на прстите од една рака можат да се избројат жените кои се бавеле со ликовна уметност, работела уметница која оставила капитално дело зад себе.

Ова ќе го запише д-р Стефан Стефанов во животописот за својата мајка Лена Стефанова – Ленуш што ќе биде поместен во каталогот и во книгата што излегоа во пресрет на големата ликовна изложба со која се одбележува 100-годишнината од раѓањето на првата жена сликар во македонската ликовна уметност.

Во својот аналитичен текст печатен во публикациите, професор д-р Владимир Величковски, пак, меѓу другото истакнува дека нејзиното дело е обемно и дека во него се содржани драгоцени лирски и сликарски вредности на претставените мотиви, обработени или предадени во три основни дисциплини, акварел цртеж и маслена техника.

За актуелната постановка во КИЦ, инаку втора самостојна по онаа од 1993 година одржана во Галеријата Стоби чиј приредувач беше Викторија Васев Димевска, од преку 200 се одбрани 69 дела – претежно акварели, масла на хартија, картон и платно и цртежи што се изработени од 1945 до 1947 година.
Според мене, делото на Лена Стефанова не е доволно истражено. Не е доволно пишувано за него и мислам дека допрва систематски и педантно треба да се истражи творештвото на првата сликарка во Република Македонија.

„Лена Стефанова никогаш во својот живот немала самостојна изложба. Нејзините две самостојни изложби се постхумно направени – најнапред беше онаа во Галеријата Стоби пред 20 години и еве оваа сега во салоните „Империјал“. Таа целиот свој живот била буквално затворена во атељето и постојано работела и создавала. Колегите ја знаеле, но не и љубителите на сликарството. Затоа ова е добар начин пошироката публика да се запознае со еден творец и да знае дека во тоа време, во тогашното патријархално општество кога на прстите од една рака можат да се избројат жените кои се бавеле со ликовна уметност, работела уметница која оставила капитално дело зад себе“, истакнува Емил Шулајковски, уметник и куратор на постановката.

Родена 1913 година во Скопје, Лена Стефанова Ленуш од најраното детство била наклонета кон сликарството, но интерес покажувала и за другите уметности. Се школувала во престижниот француски колеџ во родниот град и во тој период го посетувала атељето на Олга Бенсон, каде ги стекнала првите знаења и искуства од областа на ликовната уметност. Тогаш ги изработила првите акварели вредни внимание, како и едно масло на кое е претставен мотив од Старата скопска чаршија , со покривите и горниот дел на џамија со минарето.

Член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија станува од неговото формирање во 1945 година и учествувала на сите позначајни групни изложби заедно со основоположниците на современата македонска ликовна уметност Личеновски, Мартиновски, Владимирски, Коџоман, Белогаски и други.

Во перидот од 1945 – 1976 година работела како ликовен педагог во Женската гимназија во Скопје, во гимназијата во Велес и во неколку основни училишта. Два пати имала прекин во педагошката дејност и тогаш работела како дизајнер во одделот за килимарство во Институтот за фолклор, потоа како илустратор во весникот „Нова Македонија“ и како слободен уметник.

Трауматичните животни случувања, недоразбирања и непогодни историски околности, нејзиното неправедно игнорирање, ќе остават траги на личноста и на творештвото на Стефанова. Всушност, како што е забележано во книгата, тие ги определуваат трите временски периоди на нејзината сликарска активност. Поради нејзината природа, но и заради животните премрежја (самохрана мајка, следена од службите, понижувана, омаловажувана и навредувана...) таа ќе се формира во силна индивидуална личност, скромна, ненаметлива, и целосно посветена на сликарството.

„Според мене, делото на Лена Стефанова не е доволно истражено. Не е доволно пишувано за него и мислам дека допрва систематски и педантно треба да се истражи творештвото на првата сликарка во Република Македонија“, заклучува Шулајковски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG