Достапни линкови

logo-print

Робусниот ликовен лиризам на Владимир Темков


Слика на македонскиот сликар Владимир Темков.

Слика на македонскиот сликар Владимир Темков.

Над 180 слики – масло на платно и картон, како и графики, се претставени на големата ретроспективна изложба со која Владимир Темков, во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица, од 10 до 21 мај, ги одбележува трите децении богато уметничко творештво. На отворањето на постановката беше промовирана и монографијата за јубилејот на кавадаречкиот уметник и организатор на бројни ликовни случувања.

Од своето прво самостојно претставување 1983 во родниот град, Владимир Темков досега создал стотици слики и графики во кои е закотвено неговото препознатливо и автентично творечко ЈАС со мотивски опфат и стил. Тоа е уметност во континуитет на цела долга низа на варијации на првично откриеното извориште и утврден стилски ракопис, настрана од остри тематско-стилски свиоци и експерименти.
Сакав да направам еден сублимат на моите 30 години творештво. На едно место да ги соберам сите фотографии, сите слики, оние што сум успеал да ги регистрирам. Мојот сликарски опус се состои од над 2.000 дела арно ама голем дел од нив се веќе отуѓени, нешто е подарено, нешто продадено и најискрено веќе и самиот немам евиденција каде се наоѓаат.

Владимир Темков е во основа лиричар и тој секогаш усвоениот предмет го согледува, доосветлува, нијансира и развива однатре, а не однадвор. Оттука неговиот аскетски тематски репертоар кој се сведува на мал број инспиративни предмети, како што се птицата, рибата, житните пејзажи, копата сено и уште неколку други, не говори за имагинациската скржавост на уметникот, туку за неговата внатрешна сосредоточеност и обработка на тој репертоар.

Ова ќе го запише Ефтим Клетников во својот текст насловен „Робустен ликовен лиризам“ што е поместен во монографијата посветена на тридеценискиот творечки јубилеј на Владимир Темков, кавадаречкиот уметник и директор на Домот на културата „Иван Мазов Климе“. Книгата се појави во пресрет на неговата ретроспективна изложба што од 10 до 21 мај се одржува во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица во Скопје.
Мене ми е жал што не можев да ги покажам сите слики што моментално се наоѓаат во моето атеље за да уште подобро се види оној пат што сум го изминал и поопфатно да биде направена ретроспективата на тридецениското творештво, но состојбата и условите во Македонија се такви што кај нас сè уште не постои простор каде што можат да се постават толкав број на дела.

„Сакав да направам еден сублимат на моите 30 години творештво. На едно место да ги соберам сите фотографии, сите слики, оние што сум успеал да ги регистрирам. Мојот сликарски опус се состои од над 2.000 дела арно ама голем дел од нив се веќе отуѓени, нешто е подарено, нешто продадено и најискрено веќе и самиот немам евиденција каде се наоѓаат, па затоа фотографијата е таа која што ме потсетува дека некогаш, во некое време, пред толку и толку години сум направил таква слика. Наедно сакав овој каталог да ми биде потсетник како сум сликал некогаш, да речеме пред 25 години, а како денес“, вели Темков за монографијата која ги содржи неговите дела, како и освртите за творештвото во изминатите три децении.

Говорејќи, пак, за актуелната ретроспективна изложба, тој нагласува дека од Кавадарци во Националната галерија во Скопје понел над 280 дела од кои при селекцијата со колегите кои му помагале во подготовката на постановката се одлучил на ликовната публика да и претстави 180 кои се распоредени во сите изложбени простори на Мала станица. Ова подразбира дека се опфатени сите периоди во неговото творештво почнувајќи од првото негово самостојно претставување во родниот град во далечната 1983 година, па сè до денес.

„Мене ми е жал што не можев да ги покажам сите слики што моментално се наоѓаат во моето атеље за да уште подобро се види оној пат што сум го изминал и поопфатно да биде направена ретроспективата на тридецениското творештво, но состојбата и условите во Македонија се такви што кај нас сè уште не постои простор каде што можат да се постават толкав број на дела.“

Уметникот дополнува дека оваа изложба по малку ја чувствувал и како товар и дека по скоро едногодишните технички подготовки едвај чекал да се обистини за да потем ги планира натамошните активности посветени на ликовното творештво.

„Од 25 мај сум учесник на еден меѓународен симпозиум во Босна, во Бихаќ. Тоа е една голема донаторска конференција која што ја организира Ликовната академија од Сараево и каде што секој автор остава по едно дело, а средствата се наменети за децата без родители. После тоа следуваат гостувања на неколку интернационални колонии, а оваа ретроспективна изложба по завршувањето во Мала станица ќе биде поставена и во уште неколку центри во Македонија меѓу кои се Куманово, Битола, Струмица и Охрид и конечно потоа доаѓа и моето претставување во Македонскиот културен центар во Њујорк.“

Роден 1959 година, Владимир Темков завршил Педагошка академија и Факултет за ликовни уметности, отсек графика, а од 2001 година е член на ДЛУМ. Автор е на над 60 самостојни изложби во земјава и во странство, учесник на бројни групни постановки и колонии и од 1996 организатор на Меѓународната ликовна колонија во Кавадарци. За своето творештво уметникот е добитник на повеќе награди и признанија.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG