Достапни линкови

Маја Михајловска - Растам и се надградувам со виолончелото


Маја Михајловска, македонска виолончелистка.
Маја Михајловска, македонска виолончелистка.

Со дела од Бах, Брамс, Касадо, Чајковски и Попер, вечерва до 20 часот, во Салон 19.19 на Културно-информативниот салон во Скопје, рецитал ќе одржи виолончелистката Маја Михајловска со пијано придружба од Елена Атанасовска – Ивановска. Михајловска е добитник на наградата „Франк Манинг“ за најдобар студент на генерацијата на истоимената фондација од Лондон и со нејзината сестра близначка Марија важат за талентирани млади уметници пред кои е убава професионална иднина.

Можеби ова ќе ви звучи како клише, но музиката за мене, впрочем како и за повеќето млади уметници – професионалци од мојата генерација, е вистинскиот дел од животот, нешто на што сум подготвена безрезервно да му го посветам целокупното свое внимание.
Виолончелото претставува мој секојдневен партнер со кој се дружам, се надградувам, растам и дефинитивно станувам посвесна како за мојот живот така и за моите професионални цели, за она што сакам од себе си.
Маја Михајловска, македонска виолончелистка.

Вака Маја Михајловска ќе ја започне сопствената сторија за себе и за своето поимање на музиката и на професијата. Од таму, сосема разбирливо е што таа за виолончелото вели дека тоа е „нејзиниот партнер“ од кој црпела знаења во изминативе седум години дружба.

„Виолончелото претставува мој секојдневен партнер со кој се дружам, се надградувам, растам и дефинитивно станувам посвесна како за мојот живот така и за моите професионални цели, за она што сакам од себе си.“

Со сестра ми многу се надополнуваме и постојано работиме заедно. Разменуваме идеи, одиме на исти семинари. На некој начин таа е мојот прв професор и најстрог критичар. Знае за секоја нота, воздишка, идеја, за сè што ми се случува и во тоа се состои нашиот најголем напредок. Дури и нашите цели се насочени кон таа насока постдипломските студии да ни бидат кај еден професор, во една иста земја, најверојатно во Германија или во Австрија и сметам дека Македонија во иднина би можела да добие две квалитетни виолончелистки со кои што ќе може да се гордее.
Маја Михајловска, македонска виолончелистка.
Родени 1989 во Скопје, Маја и нејзината сестра близначка Марија Михајловска вештината да музицираат на виолончело започнале да ја изучуваат на десетгодишна возраст кај Марија Кочарева и Паскал Краповски. Нивната амбиција што подлабоко да навлезат во неговите тајни ги довела до професорот Живко Фирфоф, во чија класа на Факултетот за музичка уметност дипломирале минатиот декември.

Маја Михајловска е добитник на наградата „Франк Манинг“ за најдобар студент во генерацијата од истоимената фондација од Лондон, учесник на бројни мастер класови раководени од еминентни музички имиња и добитник на повеќе значајни признанија на државните и меѓународни натпревари.
Маја и Марија Михајловски.
Маја и Марија Михајловски.

„Со сестра ми многу се надополнуваме и постојано работиме заедно. Разменуваме идеи, одиме на исти семинари. На некој начин таа е мојот прв професор и најстрог критичар. Знае за секоја нота, воздишка, идеја, за сè што ми се случува и во тоа се состои нашиот најголем напредок. Дури и нашите цели се насочени кон таа насока постдипломските студии да ни бидат кај еден професор, во една иста земја, најверојатно во Германија или во Австрија и сметам дека Македонија во иднина би можела да добие две квалитетни виолончелистки со кои што ќе може да се гордее.“

Таа дополнува дека нивниот прв заеднички рецитал бил во рамките на летната културна манифестација Скопско лето во 2011 година кога музицирале во Музеј на град Скопје.

„Критиките беа одлични бидејќи ние милуваме да работиме камерна музика како дуо виолончело. Имаме многу партитури и сè уште симнуваме од интернет од нашите колеги – виолончелисти со кои што сме настапувале во рамките на турнеите на европските младински оркестри.“

Ова подразбира дека Маја и Марија свиреле со интернационалниот Младински оркестар на Академијата од Берн, Швајцарија и во периодот од 2006 до 2009 година биле на неколку турнеи во повеќе земји со оркестарот на Централно-европската иницијатива.

Инаку, близначките знаат да кажат дека со особена почит им се обраќаат на делата за виолончело на нашите композитори Ристо Аврамовски и Стојан Стојков, а веруваат дека во годините што следуваат со дела на младите автори како Дарија Андовска, Сони Петровски и Дамјан Темков ќе имаат можност да се претстават на фестивалот Денови на македонска музика.

Дотогаш тие сето свое внимание ќе им го посветат на постдипломските студии, а со нагласена љубопитност го очекуваат августовскиот семинар со Марк Купе, виолончелистот кој предава на Парискиот конзерваториум и со кој, како солистки на Камерниот оркестар на ФМУ настапија минатата недела.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG