Достапни линкови

36 Денови на македонска музика


Македонската филхармонија.

Македонската филхармонија.

Со концертот на Македонската филхармонија насловен „Синтези“, утревечер во 20 часот, во Македонската опера и балет ќе започне 36-то издание на манифестацијата Денови на македонска музика. На фестивалот чиј организатор е Сојузот на композиторите на Македонија, до 9 април, ќе настапат бројни уметници од земјава и од странство и ќе прозвучат дела од скоро сите генерации македонски творци.

Почетокот на Денови на македонска музика и годинава во дослух со традицијата. Во рамките на концертот „Синтези“ што ќе го одржи Македонската филхармонија под диригентство на Борјан Цанев, публиката ќе има можност да проследи повеќе македонски народни песни во оркестарски аранжмани при што како солисти ќе настапат Драган Даутовски, групата ЛЕБ И СОЛ, Сузана Спасовска, Наде Талевска, Андријана Јаневска и други.
Оваа идеја е навистина многу убава за еден друг на соработка помеѓу македонските и германските музичари и се надеваме дека во иднина ќе имаме повеќе можност за вакви проекти, па дури и за некакви поинакви размени, секако презентирајќи го македонското музичко творештво.

По ваквиот вовед, во Музеј на град Скопје следуваат двата последователни концертни настапи на „Реконсил ансамбл Виена“ од Австрија со дела на Андовска, Трандафиловски, Спасов, Шахов, Пејовски и други, за да викендот биде заокружен со перформансот „Сценски етиди и песни“ на Никола Коџабашија и ПЕНЕЛОПЕ ИКС (составот во кој се членовите на ФОЛТИН, Џијан Емин и Гоце Стефковски) во Салонот на МОБ.

В понеделник, со дела од Стојков, Манчев, Џамбазов, Коларовски и други, ќе се одржи првиот од двата најавени камерни концерти „Меид ин Маседониа“, следниот ден во рамките на регионалната соработка на Сојузот на композиторите настапува словенечкото „Трио Арс музика“, а на 3 април во Музеј на македонската борба за државност и самостојност, под диригентство на Сашо Татарчевски ќе се претстави хорот „Про Арс“.
Фестивалот останува на онаа линија што беше зацртана уште во претходните години, имено да го претстави најновото македонско современо музичко творештво меѓутоа да бидат тука присутни и композиторите од постарите генерации.

Со нагласено внимание се очекуваат годинешната Вечер на електро-акустична музика на која ќе бидат изведени делата на авторите кои творат во овој домен и посебно Концертот на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија со гости од Минхенскиот камерен оркестар со кој ќе диригира Кјел Арне Јоргенсен.

„Оваа идеја е навистина многу убава за еден друг на соработка помеѓу македонските и германските музичари и се надеваме дека во иднина ќе имаме повеќе можност за вакви проекти, па дури и за некакви поинакви размени, секако презентирајќи го македонското музичко творештво“, вели Маја Чаначевиќ, директорка на Македонската филхармонија.

В понеделник, на вториот концерт озаглавен како „Меид ин Маседониа“, со творби на Николовски, Глишиќ, Димушевски, Бакрнчев и други ќе настапат студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје, а 36-то издание на Денови на македонска музика ќе кулминира со премиерата на балетот на Љубомир Бранџолица - „Александар трети Македонски“ што ќе се одржи во Салонот на МОБ.

„Фестивалот останува на онаа линија што беше зацртана уште во претходните години, имено да го претстави најновото македонско современо музичко творештво меѓутоа да бидат тука присутни и композиторите од постарите генерации. Притоа, се разбира, во изборот на и на уметниците кои што тоа творештво ќе го презентираат, повторно имаме едно шаренило кое што беше типично и за изминатите години. Во таа смисла соработката со клучните музички институции во Македонија продолжува да е традиција, а продолжуваат и контактите со странските ансамбли и музичари кои што не само што ја изведуваат нашата музика овде на овој фестивал, туку како што покажа и искуството ја задржуваат и подоцна на својот репертоар“, забележува Јана Андреевска, досегашен уметнички директор, а од годинава и, заедно со Сони Петровски и Дарија Андовска, член на бордот кој ја потпишува програмата на актуелното случување.

Во придружната програма на ова издание на манифестацијата планирано е да се случат и промоциите на аудио изданијата: „35 – фестивали – Денови на македонска музика“, двојниот албум „ДММ 2012“ и на авторскиот диск посветен на композиторот Тома Прошев, а ќе се одржи и работилница со британската виолончелистка Бриџет Мекреј.

Инаку, во рамките на манифестацијата СОКОМ ќе ги врачи и своите традиционални награди. Наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“ овојпат му припадна на етномузикологот Ѓорѓи Ѓорѓиев за неговите долгогодишни значајни остварувања во оваа област, добитник на признанието „Панче Пешев“ за најдобро премиерно изведено или публикувано дело од македонски автор во претходната година ја доби композиторот Александар Пејовски (за премиерната изведба на „ОоПАаИХА - временски калеидоскоп“ за симфониски оркестар), а „Георги Божиков“, пак, наградата која се доделува на ансамбли или музички уметници за најдобра изведба на дело од македонски автор во изминатиот период, е одлучено да ја добие пијанистката Ана Гацева (за изведбата на композициите Варијации за пијано „15 елементи за разубавување на индивидуалното“ од Мајкл Бакрнчев во рамките на ДММ, како и оние на композициите „Студија“ и „Scattered Blues“ од Јана Андреевска и „ Once“ од Илија Пејовски на фестивалот „Охридско лето“).
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG