Достапни линкови

Александра Богоеска - Се обидувам да му дарам душа на каменот


Александра Богоеска.

Александра Богоеска.

Од 23 март до 4 април, во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, се одржува изложба на мозаици „Камена колонија Крин – КГ“ на која учествуваат бројни балкански автори. Меѓу нив со повеќе свои дела е присутна и прилепчанката Александра Богоеска. Македонската уметница неодамна со свои дела учествуваше и на саемот „Стоунекспо“ што се одржа во Крагуевац, соседна Србија.

Уметноста нема граници. Црташ, сликаш, креираш скулптури, создаваш мозаици. Сопствената имагинација ја преточуваш во дела со трајно сведоштво. Тие дела говорат за твојот творечки ангажман. Ова во една пригода ќе го забележи уметницата Александра Богоеска, чија преокупација е каменот.
Мозаикот е специфична техника. Треба трпение и доста време за да се обработи. Најнапред треба да се собере доста камен, битен е и неговиот колорит и сето тоа добро да се осмисли и да се сложи за да ја добиеме пожелуваната претстава. Претежно во моите дела се претставени флората и фауната. Акцентирани се тие посебни детали. Исто така имам дела со религиски мотиви, портрет, еден мит на Горгона.

Таа креира во повеќе техники, а во последно време им се посвети на мозаиците. За нив знае да забележи дека е убаво чувството кога ќе ја совладаш тајната на редење на камчињата, кога креираш целина од ситните разнобојни делчиња. Впрочем, добар дел од нејзините дела, заедно со оние на колегите Андријана Даниловиќ, Даниела Рупиќ, Петар Вујошевиќ, Мирослав Лозовиќ, Биљана Велиновиќ и Александар Станоев, ја чинат и актуелната изложба „Камена колонија Крин – КГ“ што се одржува во Куманово.

„Мозаикот е специфична техника. Треба трпение и доста време за да се обработи. Најнапред треба да се собере доста камен, битен е и неговиот колорит и сето тоа добро да се осмисли и да се сложи за да ја добиеме пожелуваната претстава. Претежно во моите дела се претставени флората и фауната. Акцентирани се тие посебни детали. Исто така имам дела со религиски мотиви, портрет, еден мит на Горгона...“
Вајарството е просторна уметност, тродимензионална, а мозаикот е класифициран како еден вид сликарска техника. Единствено поврзување кај овие две работи е каменот. Јас со едното и со другото се надоврзувам и делата ги изработувам во своевидното изразување. Едноставно сакам да му дарам душа на каменот!

Родена 1985 година во Прилеп, Александра Богоеска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, отсек вајарство. Досега има реализирано повеќе самостојни изложби, а учествувала на повеќе групни претставувања и на ликовни колонии. За себе вели дека е уметница која со подеднакво внимание им се посветува и на скулптурите и на мозаиците.

„Вајарството е просторна уметност, тродимензионална, а мозаикот е класифициран како еден вид сликарска техника. Единствено поврзување кај овие две работи е каменот. Јас со едното и со другото се надоврзувам и делата ги изработувам во своевидното изразување. Едноставно сакам да му дарам душа на каменот!“

Таа е вклучена и во организацијата на Камената колонија што од 2011 година во втората половина на август се одржува во нејзиниот роден град и на која досега учествувале голем број на творци од регионот.

„Еве овие две години имаме доста изработени дела на колонијата. Се надевам дека тие скулптури и мозаици ќе имаме можност да ги прикажеме и во престанатите галерии во Македонија и надвор од неа.“

Инаку, македонската уметница неодамна учествуваше и на саемот „Стоунекспо“ што се одржа во Крагуевац, соседна Србија и каде во рамките на манифестацијата се одржува камена колонија на која таа ги претстави своите дела.

„Мене ми е ова веќе втора година што учествувам на овој саем и навистина задоволството е големо затоа што има голем број на уметници кои што се поканети и кои што изработуваат мозаици и скулптури. Јас оваа година изработив мозаик и имав изложено дел од моите скулптури.“

Кон ова само уште информацијата дека Александра Богоеска забрзано се подготвува за својата нова самостојна постановка на мозаици за која што вели дека ќе биде тематска, но за која сè уште не би сакала да открива детали, бидејќи смета дека најнапред треба да го закаже терминот, па потем да излезе во јавноста со целокупната информација.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG