Достапни линкови

Скаменетите слики на Газанфер Бајрам во „Матица ексклузив“


Отворање на изложба на мозаици на македонскиот уметник Газанфер Бајрам во „Матица ексклузив“ во Скопје.

Отворање на изложба на мозаици на македонскиот уметник Газанфер Бајрам во „Матица ексклузив“ во Скопје.

Триесет мозаици на академик Газанфер Бајрам до 10 јануари 2013 ќе бидат изложени во „Матица ексклузив“, со што книгоиздателството „Матица Македонска“ ја продолжува заложбата за афирмирање на високите вредности во нашата култура и уметност. Ова е прво претставување на творецот во Скопје по пауза од цели шест години.

Ако човек започне да ги слуша песните на морето, на ветерот, на копното и на топлината, ако човек започне да ги слуша, гледа и допира четирите елементи – водата, воздухот, земјата и огнот – во мозаиците на Газанфер Бајрам, тогаш, секако, тој ќе може да ги чуе и сите годишни времиња, и сите дела и дни и сите мигови и вечности што цивилизациски минувале и минуваат крај нас. Тогаш тој ќе може да ги чуе песните и химните и на Орфеј, и на Пан, и на Марсија, што милозвучно го восхитуват сиот земен и неземен свет на нашата татковина и на сите изминати цивилизациски и духовни татковини.
Неговото творештво е расклопена книга која што треба да се чита од сите страни, од десно налево и обратно, да се чита и преку нејзините корици затоа што неговата ликовна претстава ограничена со рамката или крајната камена линија се протегнува и лебди во бесконечноста вклопувајќи се во поширокиот простор кој не е ништо друго туку огромен мозаик.

Ова ќе го запише Иван Џепаровски во инспиративниот текст „Годишните времиња на мозаикот“, поместен на македонски, англиски и турски јазик во каталогот за изложбата на академик Газанфер Бајрам во „Матица ексклузив“. На оваа постановка која до 10 јануари 2013 ќе се одвива во книжарницата, љубителите на уметноста ќе можат да видат 30-те нови мозаици на авторот настанати во последниве три години.
Мозаик на македонскиот уметник Газанфер Бајрам.

Мозаик на македонскиот уметник Газанфер Бајрам.


Говорејќи, пак, за уметникот за кој е запишано дека е „Господарот на светиот поредок на камчињата“, д-р Владо Камбовски - претседателот на МАНУ, откако ќе истакне дека не му личи нему да искажува оценски стојалишта кој би пледирале на компетентност за мозаичната техника на Бајрам оценета како врвно мајсторство рамно на византиската или италијанската традиција, потенцира дека неговото творештво е расклопена книга која што треба да се чита од сите страни.
Не можам да не спомнам и да му се заблагодарам на Ивица Џепаровски кој ја откри музиката во моето дело и го употреби виолинскиот или бас клучот да ја отвори таа музика да биде достапна и разбирлива за оној што чита за мојата мака. Како што Луан Старова рече, „Сизиф е радосен што се мачи“ и тоа се гледа во моите мозаици.

„Неговото творештво е расклопена книга која што треба да се чита од сите страни, од десно налево и обратно, да се чита и преку нејзините корици затоа што неговата ликовна претстава ограничена со рамката или крајната камена линија се протегнува и лебди во бесконечноста вклопувајќи се во поширокиот простор кој не е ништо друго туку огромен мозаик.“

Газанфер Бајрам е академски сликар и мозаичар. Дипломирал и завршил постдипломски студии на отсекот за монументално сликарство на Академијата за ликовни уметности во Белград. Специјализирал фрескосликарство и мозаик. Како стипендист на италијанската влада, бил на специјализација и две години работел на отсекот за мозаик на Академијата за убави уметности во Равена.

Неговите мозаици се изложени во музеи и во приватни колекции во Македонија, Италија, Турција, Канада, САД, Австралија, Бугарија, Полска и во многу градови во просторите на поранешна Југославија. Автор е на мозаиците во МНТ во Скопје, во Собранието на Република Македонија, во ВИП-салата на аеродромот „Александар Велики“ и на други. Учествувал на голем број групни изложби во земјата и во странство. Автор е и на десетина сценографии за театарски претстави и за телевизија. Основач е на одделот за мозаик, кој работи десетина години во рамките на Струмичката ликовна колонија.

Член е на ДЛУМ, на Меѓународната асоцијација за современ мозаик во Равена и на Европската асоцијација за култура во Венеција и добитник на значајни општествени признанија како Октомвриската награда и наградата „Нерешки мајстори“.

Изложбата во „Матица ексклузив“ е 11-та самостојна постановка на Газанфер Бајрам и доаѓа по летното претставување во Куќата на Уранија во Охрид, а уметникот кој знае да каже дека не милува да говори за она што го работи оти со делото рекол сè, заблагодарувајќи се на убавите зборови напишани и изречени за него вели:

„Не можам да не спомнам и да му се заблагодарам на Ивица Џепаровски кој ја откри музиката во моето дело и го употреби виолинскиот или бас клучот да ја отвори таа музика да биде достапна и разбирлива за оној што чита за мојата мака. Како што Луан Старова рече, „Сизиф е радосен што се мачи“ и тоа се гледа во моите мозаици.“

Кон ова само уште информацијата дека книгоиздателството „Матица Македонска“, кое со серијата изложби ја акцентира сопствената заложба за афирмирање на високите вредности во македонската уметност, за две години планира и објавување на богата тројазична (македонски, англиски и турски) монографија за творештвото на академик Газанфер Бајрам.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG