Достапни линкови

Промовирана монографијата „Душка Тасеска – музиката како судбина“


„Музиката како судбина“ е насловена монографијата посветена на познатата виолончелистка и една од најистакнатите македонски репродуктивни уметници и педагози Душка Тасеска. Авторка на објавата е Мирјана Павловска – Шулајковска, а книгата се појави како издание на Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје.

Непосредното соочување и реконструкцијата на уметничкиот пат на уникатната виолончелистка претставува осветлување на настаните и на значајните достигнувања на Душка Тасеска како еден од доајените во великиот мозаик на македонската музичка култура и воопшто на културата на почвата на Македонија, ќе забележи авторката на монографијата Мирјана Павловска – Шулајковска.
Тој момент, таа инспирација на човечкиот глас што допира до нејзината душа, всушност е оној инстиктивен момент каде што што таа го спојува она што го носи со она што го сознава. Тоа е онаа нишка што потем таа ја следи во текот на целиот свој живот.



Говорејќи за уметницата таа потенцира дека, слично како и кај Блаже Коневски кој милувал да рече „Поезијата не настанува од ништо“, музиката во творештвото на Тасеска потекнува од прилепските полиња, од тутунот, од нашата македонска, традиционална еснафска куќа, од свадбите во градските дворови каде што таа на кемане ја слушала „Калеш бре Анѓо!“.
Душка Тасеска, виолончелистка и доајен на македонското репродуктивно творештво, Тодор Светиев, универзитетски професор, пијанист, Мирјана Павловска Шулајковска, музиколог на прес-конференција во Скопје.

Душка Тасеска, виолончелистка и доајен на македонското репродуктивно творештво, Тодор Светиев, универзитетски професор, пијанист, Мирјана Павловска Шулајковска, музиколог на прес-конференција во Скопје.


„Тој момент, таа инспирација на човечкиот глас што допира до нејзината душа, всушност е оној инстиктивен момент каде што што таа го спојува она што го носи со она што го сознава. Тоа е онаа нишка што потем таа ја следи во текот на целиот свој живот“, вели Павловска Шулајковска.
Исто така треба да се одбележи дека заедно со францускиот виолончелист Андре Навара, Душка Тасеска е еден од основоположниците на современата виолончелистичка школа кај нас преку Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Душка Тасеска е родена во Прилеп во 1938 година. По завршувањето на Средното музичко училиште во Скопје, уметничкиот растеж ја води на Музичката академија во Загреб, кај проф. Рудолф Мац, а непосредно потоа во периодот од 1966 до 1969 година и во светската престолнина на уметноста - Париз, кај познатиот виолончелист Елефтериос Папаставро. Таму во Интернационалната музичка академија „Екол Нормал“, таа ги завршува и постдипломските студии и се стекнува со диплома за Концертен виолончелист. Враќањето во татковината кај неа претставува континуирана нишка во дејствувањето, со реализирани многубројни солистички настапи и настапи со оркестри на домашната сцена, потоа во поголемите градови на поранешна Југославија, на концертните подиуми во Франција, Русија, Романија, Мексико, Венецуела, Колумбија, Перу, Костарика, Чиле, Тунис и на бројни други меѓународни фестивали.

Промотерот на монографијата м-р Тодор Светиев, кој патем како пијанист ја имал честа и привилегијата во одреден период да соработува со Тасеска, за неа вели дека ја краселе максималната посветеност кон музиката и виолончелото и нејзиниот постојано свеж уметнички ентузијазам и високата професионалност.

„Исто така треба да се одбележи дека заедно со францускиот виолончелист Андре Навара, Душка Тасеска е еден од основоположниците на современата виолончелистичка школа кај нас преку Факултетот за музичка уметност во Скопје“, дополнува Светиев.

А, виталната Тасеска, видно возбудена од убавите зборови изречени за неа како уметница и педагог, само кратко ќе забележи дека е среќен оној чиј работен век нема да замине во заборав.

„Среќа е кога работниот век на човека не му оди во заборав туку се внесува во една убава книга. Јас сум среќна денеска и кога среќата се дели со другите, таа е поголема! “

Кон ова само уште информацијата дека Мирјана Павловска Шулајковска е авторка и на монографијата „Живот посветен на музиката“ каде на 130 страници се претставени најзначајните моменти од животот на најмаркантната оперска певица во Македонија, Данка Фирфова Северова. И, оваа музиколошка објава од пред две години, е издание на Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG