Достапни линкови

Ѓорѓевиќ - Во Холивуд е лесно зашто нема тендери


Интервју со Миливоје Ѓорѓевиќ
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:50 0:00

Интервју со Миливоје Ѓорѓевиќ

Секој проект ви отвора една врата повеќе за наредниот проект и секој следен проект може да биде за еден процент поголем од претходниот. Треба да изодите многу мали чекори, да се докажувате на секој од нив, а притоа да не направите грешка, вели Миливое Ѓорѓевиќ – Мишко, коосновач на компанијата за продукција на анимација и визуелни ефекти, студиото ФХ3Х, што работеше на оскаровецот Животот на Пи.

Миливое Ѓорѓевиќ – Мишко е коосновач на компанијата за продукција на анимација и визуелни ефекти, студиото ФХ3Х. ФХ3Х соработуваше со три компании кои имаа номинирани филмови за Оскар годинава, еден од нив e „Животот на Пи“ кој и доби Оскар во категоријата визуелни ефекти. Досега работеле со Industrial Lights & Magic на „Marvels The Avengers“ (Одмаздници) и со MPC Technicolor од Лондон, на филмот „Prometheus“. Тимот на ФХ3Х работеше на „Ранго“, кој во 2012 година освои оскар во категоријата на долгометражен анимиран филм.

Компанијата ФХ3Х е основана во 1997 година. Во 2007 година беше дел од телевизиската серија „Патот до 11 септември“ на Дејвид Канингам која беше номинирана за наградата ЕМИ. Од 2009 година наваму, во соработка со ILM, визуелните артисти од ФХ3Х работат на филмови како: „Терминатор 4“, „Последниот воздушник“, „Јас сум број 4“, „Трансформери: Темната страна на месечината“ „Гневот на Титаните“, „Одмаздници“, „Прометеј“, „Темна Сенка“, „Животот на Пи“ и „Клетници“.

Господине Ѓоргевиќ вие сте еден од малкуте луѓе во земјата кои, ако може така да се изразам, го живеат американскиот сон. Каков беше вашиот пат до Холивуд?

Јас ова го гледам како еден микс од македонско-американски сон, бидејќи во целата наша работа е проткаена голема оставштина од македонскиот менталитет и снаодливост искомбинирана со некои нови влијанија од западниот свет. Генерално целиот процес тргна од Македонија и од Македонија потекнуваме сите што сме тука, кои ја вршиме оваа работа, и од тука се одваживме и успеавме да смогнеме сили да се презентираме на глобалниот пазар, во случајов глобалниот пазар претежно е врзан за Холивуд, бидејќи таму е најголемата светска продукција и успеавме со долготрајна работа и упорност да стигнеме на тој пазар и да успееме по нивните стандарди.

Како доаѓате до клиенти од Холивуд?

Тоа во принцип е многу лесна работа, бидејќи таму не постојат тендери, така што лесно изгледа кога ќе тргнете, има некоја логика во целата работа, меѓутоа сето тоа е сведено на многу мали чекори. Секој проект ви отвора една врата повеќе за наредниот проект и секој следен проект може да биде за еден процент поголем од претходниот. Треба да изодите многу мали чекори, да се докажувате на секој од нив, а притоа да не направите грешка, генерално тоа е некој план кој до сега ни успевал.

Минатата година бевте прогласени за европски шампиони во претприемништво. Што е потребно една македонска компанија да има во себе за да биде конкурентна на глобалниот пазар?

Прво треба да има голема верба во тоа што го работи и второ да се размислува на големо, значи да не се затвораме во локалните рамки што тука може да се постигнат, туку да се гледа големата слика и да се верува во потенцијалот што го има овој пазар.

Соработувавте со една од најголемите и најпознати холивудски продукции за визуелни ефекти. Како го остваривте првиот контакт во 2004 кога започнавте да работите на филмот Авијатичарот?

Во претходните години пред да почнеме да работиме на Авијатичарот, работевме осум годни во Македонија, меѓутоа сето тоа беше за локални клиенти и на локален пазар, после тоа тој пазар го покривме, го заситивме и бевме свесни дека или ќе преминеме на некој поглобален пазар или нашата компанија веќе нема да расте. Сепак се одваживме и го направивме тој чекор. Еден од моделите кои ни беа предлагани беше да се презентираме на некои од познатите светски саеми. Го избравме Сиграф, таму се презентиравме со тоа што работевме, имавме поагресивен маркетинг и успеавме да стапиме во контакт со повеќе луѓе. Меѓу другите проекти еден беше и контактите со луѓето кои работеа на Авијатичарот и ја почнавме првата соработка на голем филм.

Вашето студио работеше на сцените на оскаровецот Животот на Пи. Кажете ни накратко, што вие работевте на тој филм?

Животот на Пи според мене е еден прекрасен филм, визуелно обработен на едно совршено ниво. Дури и мене ме изненади филмот, иако го имав видено делот кој ние го работевме, меѓутоа кога го видов во целина ме изненади со својата раскошност. Ние работевме во делот на бурите, кога тоне големиот брод со кој тие патуваат кон Америка. Тие сцени беа снимени во големи базени за генерирање на бранови и во студио. Ние работевме исклучиво на тој дел со брановите и тонењето на бродот и сите додатни работи. Работевме заедно со компанијата Техниколор, со NPC од Лондон со нив соработувавме на тие сцени. Со нив веќе подолго време соработуваме на различни проекти, така што имаа комплетна доверба во соработката и паралелно си ги работиме повеќето филмови, меѓутоа на овој филм беше специфично што повеќе студија работеа на тие кадри, не само NPC, не само ние, затоа што тука имаше животни, имаше бранови и сите тие процеси ги работеа посебни студија. Беше интересно да учествуваме во еден поголем систем, каде не се оди на соработка еден на еден, туку беше соработка, да кажам, пет на пет, сите моравме да се синхронизираме. На крај сме задоволни од тоа што е излезено и што е сработено и тоа е едно искуство повеќе за нас во големата игра.

За филмот Терминатор 2 своевремено се сметаше дека ги помести границите за визуелни ефекти во кинематографијата. Какво е чувството сега да се работи на четвртото продолжение на филмот?

Уште од деца го гледавме тој филм и секогаш не фасцинираше како сето тоа е изработено. Како дете вие не го перцепирате тоа, повеќе е некоја илузија и нешто нестварно и полека, полека ве предизвикува да навлезете и да разоткривате како се постигнати тие ефекти и како се создадени тие работи. Во последниот Терминатор на којшто ние работевме едноставно целата магија ни стана стварност, бидејќи ние влеговме внатре во таа магија и беше едно посебно чувство дека си дел од нешто што си го сонувал, како дел од некој сон што си го имал.

Што е клучно за анимација и за визуелни ефекти, технологијата или имагинацијата на тој што ја раководи технологијата?

Технологијата е неизбежна во оваа работа, меѓутоа луѓето се тие што ги креираат ефектите. Не може да се каже кој тип на луѓе се потреби за оваа работа, бидејќи е потребен склоп од повеќе професии и повеќе вештини. Визуелните ефекти се мултидисциплинарна област, тука влегуваат и физика и математика и уметност и многу други работи коишто се изучуваат на различни места, меѓутоа склопени во еден систем каде што едноставно се добива некоја нова димензија и каде што сите заедно прават една нова магија, така што пред сè луѓето се најбитни во нашата работа.

Што е она што за Вас беше клучен момент за да се определите за оваа професија?

Тргнав со архитектура и сакав да се занимавам со тоа, меѓутоа во делот на архитектурата во еден момент некако дојдов до една граница каде што мислев дека она што го изучувавме и работевме е одвишно вклучено во некои мали, тесни рамки во Македонија и дека тоа не може многу лесно да се донесе на некое глобално ниво. Во 1995 година, уште додека студирав отидов во Америка на еден голем саем, на истиот оној саем на кој бевме после и во 2004-та година. На тој саем, Сиграф, кој се занимава со нови технологии во графиката ги открив новите вештини и сите можности кои таа графика се развива, бидејќи тоа е дисциплина која се развива од 1980-та година, значи многу свежа и нова дисциплина и после некои 15 години постоење во светот јас влегов таму и ги прегледав тие работи. Видов перспектива и можност во една друга насока каде многу побрзо и подобро ќе се развива графиката, генерално тоа ме фасцинира и затоа навлегов повеќе на таа страна, се насочив и влегов во анимацијата, визуелните ефекти и 3Д графиката.

Освен позитивните работи со кои се сретнавте во вашата работа на патот кон Холивуд, кои се негативните страни со коишто се соочивте во соработката со странските компании?

Не би рекол дека се негативни, туку се еден процес на осознавање и учење на работите. Ние културолошки се разликуваме од тој свет таму и се соочивме со некои работи кои на прв поглед не изгледаат страшни, но моравме да ги надминеме, особено нивната работна култура, работната етика, начинот на комуникација. Сите тие работи коишто гледани од наша страна, од Балканот, од Европа, се многу порелаксирани, луѓето се многу поопуштени. Таму работата е малтене доведена на прво место, а потоа доаѓа сè друго во животот. Дури и здравјето и нивниот физички и ментален склоп е подреден така што тие го одржуваат нивото за да може да работат, а кај нас принципот е обратен. Ние прво работиме за да може да живееме квалитетно. Тој компромис беше голем шок за нас и генерално требаше да се најде време и место како тоа да се надмине и како тоа да се синхронизира со нашите потреби и со нашиот начин на живеење и тоа сè уште го правиме и се надевам дека веќе наоѓаме добар компромис меѓу двете работи за да може да постигнеме и такви резултати, а притоа да го живееме овој живот.

Може ли да се направи една паралела меѓу соработката со македонските компании и соработката со странските компании? Соработувате со канадски, јапонски, американски компании. Паралела не само во начинот на работа, туку и во начинот на плаќање, однос, бизнис-контакти...

Дури и клиентите што ги имаме низ светот имаат различна филозофија и различен принцип на работа. Генерално на секој клиент треба да му пристапиш со сите тие доблести и маани коишто ги има и да најдеш начин на комуникација, да го изградиш поврзувањето и да биде тоа еден заеднички доверлив однос. Во споредба со Македонија, генерално во целиот тој западен свет работите се поорганизирани и се технички поиздржани, значи секогаш, бидејќи се работи за посериозни проекти со поголеми буџети, кај нив организацијата секогаш е на прво место и е многу прецизна. Кај нас не можеме да бидеме на тоа ниво, кога зборуваме за локални проекти, бидејќи пред сè немаме ни такви буџети, нити таква организација, ни такво искуство, ни па бекграунд во продукција или во такво нешто што ќе го поддржи тоа. Така што има разлика во односот. Тука во Македонија повеќе пријателски се одвиваат работите и се пријателски односите без разлика што се работи за бизнис. Тоа е главната разлика меѓу западниот свет, кога работиме на проекти со Англија или Америка, и кога работиме со домашните компании. Секако кога работиме проекти со домашни компании ни е помило, бидејќи некако сепак тука создавате нешто заедно со својата околина, без разлика што тоа можеби не се блокбастери, но луѓето со коишто соработувате ви се делумно и пријатели и тоа има една своја убавина. Ме прашавте и околу плаќањето. Во западниот свет во оваа работа не постои можност да не ви платат, односно не постои дискусија околу тоа кога, што, како, бидејќи сè додека тој производ не е платен, тој не е нивен. Најскапата варијанта ним им е да не ви платат. Прво им доаѓа да ви платат, па потоа ако не се задоволни може никогаш повеќе да не работат со вас, меѓутоа не си даваат шанса да не платат бидејќи тогаш производот не е нивен.

А во Македонија?

Немаме многу проекти што ги работиме во Македонија, а и тие што ги работиме, како што реков, се повеќе пријателски. Се обидуваме во оваа филмска индустрија во Македонија да помогнеме колку што може повеќе и на многу проекти влегуваме како копродукции и се тоа плаќање кога ќе можат и како ќе можат, така што гледаме колку што може да помогнеме. Тука не се однесуваме многу бизнис ориентирано, затоа што тоа можеби би било многу посурово. Гледаме тука да направиме нешто, тоа што го имаме како искуство и целиот капацитет што го имаме да го ставиме во функција да може да го користат локалните продукции. Сега засега сме задоволни од нивниот однос кон нас. Финансиски не може да се споредуваат работите, но затоа сме тука, финансиите не се секогаш најбитни.

Ќе останевте ли во овој бизнис ако не се промовиравте надвор и не остваревте контакт со фирми надвор од границите на Македонија?

Генерално, еве сега гледам наназад, се гледаме со колеги што работат на домашниот пазар и какви се нивните услови за работа. Ние почнавме во 1995 година и некаде до 2002-2003 година нашата компанија достигна до 20-30 луѓе. Тоа е максимумот што во Македонија можеше да се издржи и тогаш држевме 80 отсто од локалниот пазар. Нас тоа не засити. Нашата компанија и нашата желба за создавање беше компанијата да расте. Јас мислам дека моментот што компанијата не може повеќе да расте, дека не можете нови работи да измислувате, да правите и да ширите, мислам дека многу демотивирачки ќе влијаеше на нас и прашање е како тоа ќе го изигравме во тој контекст. Да, сигурно ќе постоевме во тој бизнис, меѓутоа немаше да биде тој ентузијазам и целата сила што сега ја имаме да не се одважевме и да не тргневме глобално.

Вашата компанија брои 120 вработени. Стигнавте до Холивуд, оскари, кој е вашиот следен професионален предизвик?

За годинава е планот да стигнеме до 150 вработени. Ние генерално секоја недела имаме по еден нов човек, разговори, преговори. Интензивно вработуваме луѓе, го шириме тимот, паралелно секој нов проект е ново усовршување. Би сакале што повеќе можеме да дадеме во Македонија да се развива филмската индустрија на повисоко ниво, барем да се оформи, бидејќи моментално сите работи се работат стихијно. На глобален план развиваме одлични врски, соработки со 4-5 најголеми студија во светот, имаме наши луѓе кои се отидени таму и веќе работат во тие студија и наскоро очекуваме да се вратат и да ги пренесат тие знаења. Очекуваме соработката со надворешните клиенти да се подигне на повисоко ниво, бидејќи довербата веќе ја заслуживме, капацитетите ги имаме. Од нас тие постојано бараат да растеме, бидејќи сакаат сè повеќе работа да ни префрлат за да може да соработуваме на едно повисоко ниво. Очекуваме дека во наредните четири години ќе бидеме на некоја бројка од 200-250 луѓе, дека ќе работиме паралелно со сите овие компании со кои работевме до сега, но нивото на партнерски односи да биде повисоко и дека ќе ја зголемиме, прошириме и стабилизираме инфраструктурата која ја развиваме во моментов и која секојдневно е во градење.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG