Достапни линкови

Невработеноста се намалува, сиромаштијата се зголемува


Илустрација.
Илустрација.

Државните органи покажуваат дека невработеноста се намалува, но се намалува и бројот на вработените во индустријата, а индексот на сиромаштија останува на исто ниво. Како се снаоѓаат граѓаните меѓу бројките?

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во третиот квартал од минатата година имало 652.498 вработени и 288.159 невработени, при што невработеноста е 30, 6 отсто.
Тоа зборува дека во Македонија постои една ендемска социјална трагедија поврзана со невработеноста и со тешката и длабока сиромаштија во државата, па оттука можеме да кажеме дека поголемиот број граѓани доста тешко се снаоѓаат или воопшто не можат да се снајдат со исполнување на основните потреби за живот.
Артан Садику, Солидарност.

Претходната 2011 година, имало 645.085 вработени и 294.963, со стапка на невработеност од 31,4 отсто. Во 2010 година вработени биле 637.855 луѓе, а 300.439, односно 32 отсто биле невработени. Претходната 2009 година, работеле 629.901 луѓе, а работа барале 298.873, односно 32,2 отсто од работоспособното население.

Тоа покажува дека во последните скоро 3 години, бројот на вработени се зголемил за повеќе од 20 илјади, а бројот на невработени се намалил за 10 илјади. Стапката на невработеност е намалена за скоро 2 отсто.

Во исто време, Според Државниот завод за статистика, бројот на вработените во индустријата од 2009 до 2012 година се намалил за 5,3 отсто.
Децата бараат работа, но нема, не можат да најдат, а било што да најдат, ама нема.
Анкетиран граѓанин.

Според податоците на Агенцијата за вработување, во декември 2012 година имало 243.403 невработени лица. Во јануари 2011 година, пак, евидентирани невработени биле 322.053 лица. Тоа значи дека за неполни две години, бројот на невработени, според Агенцијата за вработување, е намален за 80 илјади луѓе.

Бројките и статистиките кои ги објавуваат државните органи варираат од методологијата што се користи и од целта која е проектирана преку владини политики или пак преку политички одлуки, вели Артан Садику од левичарското движење Солидарност. Според него, иако има периоди кога бројките на Агенцијата за вработување
покажуваат намалување на невработеноста, од друга страна вработеноста не се зголемува и од трета страна бројките и индексот на сиромаштијата константно растат.

„Тоа зборува дека во Македонија постои една ендемска социјална трагедија поврзана со невработеноста и со тешката и длабока сиромаштија во државата, па оттука можеме да кажеме дека поголемиот број граѓани доста тешко се снаоѓаат или воопшто не можат да се снајдат со исполнување на основните потреби за живот.“

Друг индекс кој е многу важен за споредба на социјалните услови во една држава е џини индексот кој ја мери социјалната нееднаквост во државата, вели Садику. Тој вели дека Македонија има највисок индекс во цела Европа.

„Тоа покажува дека во Македонија постoи најголема нерамномерност во примањата помеѓу 20 отсто од најбогатите и останатите 80 проценти жители на оваа држава. Џини индексот константно се зголемувал во последната декада што укажува на фактот дека малиот дел на богати во оваа држава постојана се збогатува, а од друга страна постојано се продлабожува сиромаштијата на другите 80 отсто обични граѓани на оваа држава.“

Но луѓето единствени бројки кои ги интересираат се тие на нивните примања и како со тие пари да го истераат месецот.

„Немам дома ни јас, ни маж ми, да ме прашате еве солзи ми течат.“

„Основните потреби ги задоволуваме, за друго малку потешко.“

„Патиме сите, оваа држава не им помага на сиромашните, што зeмам 1.200 денари социјално.“

„Децата бараат работа, но нема, не можат да најдат, а било што да најдат, ама нема.“

Просечната плата во Македонија изгубила повеќе од 5 отсто од својата вредност во изминатите две години, според податоците на Државниот завод за статистика. Иако номиналната нето плата благо се зголемува, реалната плата во 2012 била за 2,9 отсто пониска отколку претходната година. Во 2011, пак, реалната плата била за 2,4 отсто пониска од таа во 2010 година.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG