Достапни линкови

Не сите го сакаат новиот тим на Обама


Американскиот претседател Барак Обама го номинира поранешниот републикански сенатор Чак Хегел за нов секретар за одбрана, а советникот за контратероризам Џон Бренан за нов директор на ЦИА. И двајцата имаат многу контроверзи од минатото. Сепак, Белата куќа верува дека тие можат да минат во Сенатот.

Изборот на претседателот Барак Обама за највисоките места во американската национална безбедност, според некои конгресмени, може да доведе до жестоки сослушувања на предложените кандидати во Сенатот.

„Мојот прв критериум во донесувањето на овие одлуки беше едноставен. Кој најдобро ќе ја врши работата за безбедноста на Америка? Овие двајца лидери ги посветија нивните животи во заштитата на нашата земја. Убеден сум дека одлично ќе си ја вршат работата“, изјави Обама за Чак Хегел и за Џон Бренан при соопштувањето на нивната номинација.

Мојот прв критериум во донесувањето на овие одлуки беше едноставен. Кој најдобро ќе ја врши работата за безбедноста на Америка? Овие двајца лидери ги посветија нивните животи во заштитата на нашата земја. Убеден сум дека одлично ќе си ја вршат работата.
Барак Обама, претседател на САД
Уште пред да го стори тоа, неговиот избор на Хегел, поранешен републиканец и виетнамски ветеран, за секретар за одбрана беше оспорен од некои републикански сенатори, бидејќи тој бил против воведувањето санкции против Иран, но и за неговите коментари дека најмоќната специјална група во Вашингтон е произраелското лоби.

Хегел во 2007 година оцени дека тогашната администрација на претседателот Џорџ Буш била нечесна во правањето случај за воена интервенција во Ирак.

Селекцијата на Бренан, кој 25 години е во служба на ЦИА, е помалку контроверзна, но не и целосно ослободена од грижи со оглед на тоа што тој се залагал за поголема тортура во испитувањето на осомничените за тероризам. Токму ваквиот став беше причина зошто Бренан се повлече од кандидатското место за прв човек на ЦИА по доаѓањето на Обама на претседателската функција во 2008 година.

Со Џон Бренан, Џон Кери и Чак Хегел имате тим на јавни службеници кои имаат одреден респект во меѓународната заедница и во разузнавачките и одбранбените кругови. Тие долго време му се советници на претседателот, па веќе имаат воспоставено добри односи
Стефани Сенок, Центар за стратегиски и меѓународни студии.
За разлика од претходните двајца, изборот на Обама на сенаторот Џон Кери за државен секретар има широка поддршка во Сенатот.

Стефани Сенок од Центарот за стратегиски и меѓународни студии смета дека доколку тројцата кандидати бидат прифатени, тогаш новиот тим на Обама за национална безбедност ќе биде составен од луѓе кои добро се разбираат во нивните ресори.

„Со Џон Бренан, Џон Кери и Чак Хегел имате тим на јавни службеници кои имаат одреден респект во меѓународната заедница и во разузнавачките и одбранбените кругови. Тие долго време му се советници на претседателот, па веќе имаат воспоставено добри односи.“

Сенок предвидува дека триото би требало да го надгледува брзото повлекување на американските трупи од Авганистан, да ја ревидира политиката спрема осомничените за тероризам, да ја преиспита програмата за напади со беспилотни летала и да заговара мултилатерални акции за гасење на кризите во светот.

Со оглед на тоа што за одобрување на нивните номинации е потребно просто мнозинство во Сенатот, што впрочем Демократската партија на Барак Обама го има, посматрачите очекуваат извесен вербален огномет, кој сепак на крајот ќе заврши со одобрување на новиот тим кој е задолжен за американската национална безбедност.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG