Достапни линкови

logo-print

Кој е Џон Кери?


Американскиот претседател Барак Обама и сенаторот Џон Кери

Американскиот претседател Барак Обама и сенаторот Џон Кери

Американскиот претседател Барак Обама, објавувајќи ја номинацијата на сенаторот Џон Кери за иден државен секретар, оцени дека станува збор за човек кој има почит и доверба кај лидерите во светот. 69 годишниот Кери се очекува лесно да ја добие довербата и во Сенатот каде што е на служба скоро 30 години.

Сенаторот Џон Кери ќе го преземе Стејт департментот од Хилари Клинтон која реши да се повлече.

„Целиот живот на Кери беше подготовка за оваа функција и затоа нема да му биде потребен посебен тренинг“, изјави претседателот Барак Обама, додавајќи:


„Мислам дека е фер да се каже дека малкумина поединци знаат толку многу странски претседатели и премиери или толку ја сфаќаат нашата надворешна политика како Џон Кери и тоа го прави одличен избор за водење на американската дипломатија во наредните години.“

Номинацијата на Кери кој е шеф на моќниот сенатски Комитет за надворешни односи, доаѓа откако американскиот амбасадор во Обединетите нации Сузан Рајс се повлече поради големите критики од републиканците во Конгресот.

Мислам дека е фер да се каже дека малкумина поединци знаат толку многу странски претседатели и премиери или толку ја сфаќаат нашата надворешна политика како Џон Кери и тоа го прави одличен избор за водење на американската дипломатија во наредните години.


Кери кој во 2004 година како кандидат на демократите за американски претседател загуби од Џорџ Буш сакаше да биде државен секретар откако Обама во 2008 година стана претседател.

Сепак, таа функција ја доби Хилари Клинтон. Оттогаш Кери му беше претставник на Обама во неколку дипломатски мисии, меѓу другото и во Авганистан и Пакистан, како и во договорањето со Русија околу новиот договор за нуклеарно разоружување.

Кери е познат по неговата способност да ги смирува дипломатските тензии, како што стори со Пакистан по убиството на лидерот на Ал Каеда Осама бин Ладен. Тој исто така ја има поддршката и од двете партии во американскиот Конгрес.

Кери во 1991 година беше против војната во Заливот, а за време на годинашната претседателска кампања го критикуваше републиканскиот кандидат Мит Ромни, бидејќи зборувал за потенцијална војна со Иран.

Кери дипломирал на Универзитетот Јеил по што се пријавил како доброволец во виетнамската војна за што има добиено ордени, меѓу другото, и за повредни здобиени во битка.


По враќањето од Виетнам станува антивоен активист, а во сведочењето во еден сенатски комитет во 1971 година кое, впрочем ќе ја стартува неговата политичка кариера, тој изјави дека нему и на неговите другари им беше дадена шанса, како што рече, „да умрат за најголемото ништо во историјата“.

„Ние можеби сме најналутени за она што ни беше кажано за Виетнам, за мистичната војна против комунизмот. Многумина загинаа дури без да ја знаат разликата меѓу комунизмот и демократијата.“

Како јавен обвинител во Масачусетс тој беше одговорен за борбата против организираниот криминал, а во 1982 стана заменик гувернер по што беше избран за сентор.

Оженет е со Тереза Хајнц Кери, од семејството Хајнц кое го држи истоимениот бизнис со кечап. Заедно имаат две ќерки, тројца синови и три внуци.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG