Достапни линкови

Америка оди напред


Претседателот Барак Обама е реизбран. Противникот Мит Ромни и светот му честитаа. Тој порача дека Америка оди напред. Републиканците ја задржаа контролата врз Преставничкиот дом, а демократите врз Сенатот.

Ние сакаме нашите деца да живеат во Америка која не е изгорена од долгови, која не е ослабена од нееднаквост, на која не и се заканува глобалното затоплување. Сакаме да сме безбедни и почитувани во светот. Да сме народ бранет од најсилната армија на земјата, изјави пред поддржувачите во Чикаго американскиот претседател Барак Обама, кој по победата на претседателските избори порача дека Америка оди напред.
Вечерва на овие избори, вие американскиот народ, нè потсетивте дека додека нашиот пат е тежок, а нашето патување е долго, ние се бориме за тоа и во нашите срца знаеме дека за САД најдоброто допрва престои.
Барак Обама, претседател на САД.

„Вечерва на овие избори, вие американскиот народ, нè потсетивте дека додека нашиот пат е тежок, а нашето патување е долго, ние се бориме за тоа и во нашите срца знаеме дека за САД најдоброто допрва престои.“

Како што јавува нашиот дописник Хедер Махер, Барак Обама постигнал клучни победи во неколку т.н. неопределени држави. Тој победи во Ајова, Мичиген, Њу Хемпшир, Пенсилванија и Висконсин, а освоил повеќе електорски гласови и во Калифорнија, Орегон и Вашингтон, како и во државата на неговото детство, Хаваи. Обама доби 303, а Ромни 206 електориски гласови. Процентуално, пак, Американците гласаа 50 насто за него и 49 за противкандидатот Мит Ромни, кој му го честиташе реизборот на Барак Обама.

Ако претседателот сака да направи нешто во надворешната политика кое не во согласност со она што го сака јавноста тогаш тоа сериозно и наштетува на неговата партија. Тоа го видовме во вториот мандат на Џорџ Буш.
Кристофер Пребле, Като институт.
„Јас го повикав претседателот Обама и му честитав на победата. Неговите поддржувачи и неговата кампања заслужуваат честитки. Им посакувам добро на сите нив, а посебно на претседателот, на првата дама и на двете ќерки“, рече Ромни.

Републиканската партија ќе ја задржи контролата врз Претставничкиот дом, додека Демократската партија на претседателот Барак Обама ќе го задржи тесното мнозинство во Сенатот. Со тоа, двата дома на Конгресот повторно ќе бидат поделени меѓу партиите, што ќе продолжи да биде предизвик за Обама.
Потпретседателот Џо Бајден со сопругата ја прославува изборната победа.
Потпретседателот Џо Бајден со сопругата ја прославува изборната победа.

Очекувања од вториот мандат

Во вториот мандат, според Кристофер Пребле од Като Институтот, претседателите водат сметка за наследството што го оставаат. Сакаат да заминат во историјата како популарни личности, а тоа, пак, секогаш има реперкусии врз нивните партии.

„Ако претседателот сака да направи нешто во надворешната политика кое не во согласност со она што го сака јавноста тогаш тоа сериозно и наштетува на неговата партија. Тоа го видовме во вториот мандат на Џорџ Буш кога спротивно на јавноста тој ја прошири војната во Ирак што им наштети на републиканците во 2006 и 2008.“

Обама, велат, ќе се фокусира врз домашната економија, реформите во банкарскиот систем и климатските промени. Предизвиците како Кина, Иран, Авганистан, Русија и Азиско – пацифичкиот регион остануваат.

Обама за кабелската Ем-Ес-Ен-Би-Си изјави дека, ако биде реизбран, приоритет ќе биде планот за штедење и зголемување на даноците за богатите Американци.

Реакции од светот

Британскиот Премиер Дејвид Камерон беше меѓу првите странски лидери кои на Барак Обама му го честитаа реизборот за претседател на САД. Камерон на Твитер го опиша Обама како пријател со кој очекува да продолжи соработката. Од Брисел честитки упатија и претседателот на Европската унија Херман Ван Ромпуј и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен. Победата на Обама е поздравена и од пратениците во руската Дума. Тие оценија дека Барак Обама е подобра опција за Русија и изразија надеж дека таканаречениот „ресет“ во односите Вашингтон – Москва ќе продолжи. Честитки до Обама упати и официјален Пекинг.
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG