Достапни линкови

Можно ли е „црногорско сценарио“ за Македонија?


На сите во ЕУ сега им е јасно дека ако Македонија не се помести од статус кво ситуацијата, може да ги очекуваме најлошите сценарија, не само во Македонија, туку на целиот Западен Балкан, вели Лидија Димова од МЦЕО.

Во очи утрешната дебата на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија, домашната експертска јавност ги анализира можните сценарија за таканаречениот „условен датум“ за Македонија. Шпекулациите дека и во нашиот случај може да се примени црногорското сценарио, односно одредување датум за преговори со услов до тогаш да се реши проблемот со името, за поранешниот дипломат Ристо Никовски е несоодветно, оти, како што вели, се работи за многу чувствително прашање кое не може да се реши во краток временски период.
Црногорското сценарио не е соодветно на Македонија бидејќи проблемот што е на маса е сложен и тешко може да се реши во таков краток рок.

„Црногорското сценарио не е соодветно на Македонија бидејќи проблемот што е на маса е сложен и тешко може да се реши во таков краток рок“, изјави Никовски.

Наспроти претпазливоста на која сугерира Никовски, Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование вели дека во суштина нема разлика меѓу предлогот на Филе за паралелни преговори и црногорскиот модел.

„Многу е извесно дека ако добиеме, што и да добиеме, и датум за датум, еве и зелено светло за почеток на преговори, во прво време ќе имаме преговори од поглавјата 23 и 24, значи судство и темелни права.“
Мислам дека на сите во ЕУ сега им е јасно дека ако Македонија не се помести од статус кво, ситуацијата е тотално неодржлива и дека може да очекуваме најлошите сценарија да се случат овде, не само во Македонија, туку на целиот Западен Балкан, бидејќи кризите на Западен Балкан имаат домино ефект.

Сè е подобро од ништо, вели Димова. Според неа, какво било решение кое ќе ни овозможи пристап до Европската унија ќе биде излез од моменталната статус кво позиција во која се наоѓа Македонија.

„Мислам дека на сите во ЕУ сега им е јасно дека ако Македонија не се помести од статус кво, ситуацијата е тотално неодржлива и дека може да очекуваме најлошите сценарија да се случат овде, не само во Македонија, туку на целиот Западен Балкан, бидејќи кризите на Западен Балкан имаат домино ефект“, вели Димова.

Но дури и ако се примени концептот на еврокомесарот Филе за добивање датум со услов спорот да се реши во раната фаза, Никовски вели дека земјава треба да биде многу внимателна, оти се работи за прашање кое е многу сложено и за кое поставувањето на временски рамки за негово решение може да биде деликатно.

„Ако Македонија го прифати тој принцип, значи се сложува дека името е услов за членство во ЕУ, тоа ќе значи игнорирање и негирање на Времената спогодба и второ ќе значи игнорирање на хашката пресуда. Целиот систем кој се гради сега е со многу опасности и Македонија треба да биде крајно внимателна да не заглави.“

Во меѓувреме, грчките медиуми пишуваат дека Атина е подготвена да и даде зелено светло на Македонија за почеток на пристапни преговори, но под одредени услови. Грчкото МНР го демантираше пишувањето на Та неа, испраќајќи јасна порака дека решавањето на спорот за името е главниот предуслов за да ја отвори вратата на Скопје. Во викенд изданието на весникот пишува дека доколку Атина успее да го обезбеди она што го бара, дека нема да добиеме датум без предуслови и временска рамка за решение, тогаш одговорноста за нов неуспех во преговорите се префрла на нашата страна. Македонската Влада е воздржана околу можниот исход од утрешната дискусија во Брисел.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG