Достапни линкови

Макрадули - Не сум жртвено јагне


Интервју со Јани Макрадули
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:22 0:00

Интервју со Јани Макрадули

СДСМ не настапува со случаен човек и сигурно СДСМ нема за влезе во борба, наводно да жртвува некој кој има еден влог и во општество и во партијата, вели Јани Макрадули, кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Беше ли вашата кандидатура производ на внатрепартиските математики–подобро врапче во рака, според кои Стевче Јакимовски останува кандидат за градоначалник на Карпош.

Па не. Одевме на варијанта да настапиме со најдобрите кандидати во општините и во градот Скопје. По таа логика не се отвора дилемата зошто ако е некој успешен градоначалник од ВМРО-ДМНЕ во една општина, да мора да се помести на друга позиција. На пример никој не кажува дали од општина Аеродром, Ѓорче Петров или било каде што има градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, тој да не биде градоначалник на Скопје. Таа логика не важи. Важи логиката градоначалникот кој си е успешен во својата општина и си продолжи со проектите кои ги започнал, сосема природно е да си продолжи како градоначалник на општината која и досега ја водел, како што е примерот со Стевче Јакимовски кој е најдоброто решение не на СДСМ и на опозицијата, тука за граѓаните на општина Карпош и тоа ќе се покаже на изборите.

Меѓутоа вие знаете дека вашата кандидатура е на некој начин изненадување, меѓу другото и партискиот секретар на прес конференција го заобиколи одговорот на прашањето дали вие сте воделе на внатрепартиските анкети за кандидат.

СДСМ на овие избори влегува за да победи, и социјалдемократскиот сојуз прави проценка, согласно своите внатрешни анализи, кое решение треба да го понуди. Од повеќето добри, одлични решенија, јас ја имам честа и привилегијата да бидам тој кој ќе учествува заедно со тимот и партиското раководството во оваа борба. За жал партиските кујни на ВМРО-ДПМНЕ ги заразија и медиумите и затоа и вие зборувате. Шпекулациите не зборуваат, бидејќи се шпекулации, затоа што нема вистинска информација што се случува внатре и како се водат анализите и затоа мислам дека тој производ на кујните на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги остави на страна медиумите да не веруваат секогаш во се што ќе слушнат од кујните на ВМРО-ДПМНЕ.

Прикаските за жртвено јагне потекнуваат и од таму што владејачката партија го држи својот рејтинг на висина дури и во Скопје, а од друга страна вие знаете дека тоа ќе биде една од главните цели-да го задржат Скопје.

Не знам како, ако дефиницијата за жртвено јагне ако ја побараме во енциклопедиите може да се поистовети со мене, затоа што зборуваме за кандидат којшто од 1996 до 2000 бил советник во советот на општина Центар, од 2001 сум пратеник, сум бил потпретседател на партијата, сум член на највисокото раководство како член на Извршниот одбор на партијата, потпретседател сум на Собранието, тоа не е случаен човек. СДСМ не настапува со случаен човек и сигурно СДСМ нема за влезе во борба, наводно да жртвува некој кој има еден влог и во општество и во партијата, туку напротив влегува во една битка за да победи со кандидатот и со сите кандидати во градот Скопје по општините.

Можете ли да го претпоставите вашиот противкандидат од владејачката партија?

Па не. Јас подготвувајќи се и во текот на кандидатурата внатре во партијата и во анализите и подготовките сега што ги правам се изненадив колку малку е направено од ветеното. За жал. И не знам дали некој кој ветил толку работи, а не ги реализирал ќе излезе на избори, но сепак тоа го оставам на страна. Мислам дека на Скопје итно му требаат промена на правецот во кој се развива, односно тој не се развива, туку стагнира на една локација во центарот на градот. Му треба проширување во целиот град и му треба една јасна отвореност кон Европа и кон светот.

Нели е малку нетактично што ги отворивте картите пред тоа да го направи власта во врска со своите кандидати, програми, настапи за локалните избори.

Граѓаните бараат да ги знаат кандидатите однапред. Во минатите години не критикувале дека доцна ги објавуваме кандидатите, сега пак не чини и кога многу рано ги објавуваме. Мислам дека одличен потег се направи со работно лето. СДСМ од први јули го промовираше својот прв кандидат за градоначалник. Тоа беше господинот Заев за Струмица. И сега пет месеци пред изборите граѓаните знаат кој е кандидатот на опозицијата и можат и да ја пратат активноста и да гледаат за што зборуваме и можат да дадат оценка за тоа дали некој кандидат ја заслужува довербата или не. Поголема транспарентност во интерес на граѓаните е барање на граѓаните да знаат кој е кандидатот, а не преку ноќ апансас да се случи тоа.

Од досегашните ваши изјави може да се види дека најмногу критики имате за проектот Скопје 2014-та, којшто во најголем дел е под ингеренции на општина Центар и преку неа се реализира. Што очекувате дека може да преземете во врска со овој проект?

Прво ќе дојде до расчистување на целата ситуација, бидејќи и вие како што рековте, дел од ингеренциите се во општина Центар. Овде во Собрание како одговор на пратеничко прашање, господинот Никола Груевски како премиер одговори дека проектот Скопје 2014 ќе чини 80 милиони евра од буџетот на град Скопје. Тоа е документирано, тоа го има во стенограми, тоа го има на видео снимка. Епа ќе видиме дали чини 80 милиони евра од буџетот на град Скопје, тоа е една од битните работи. Или градот Скопје со свои за жал потписи станал заложник на желбите на премиерот за тоа како да изгледа центарот на градот. Бидејќи имаме еден интересен феномен деновиве, во својот отчет за изминатата година, ниту градоначалникот на Центар, ниту градоначалникот на Скопје, зборуваат за проектот 2014-та. Никој не знае колку чини проктот Скопје 2014-та.

Ние велиме половина милијарда, гледаме дека странскиот печат манипулира или зборува, ја користи сумата дури од една милијарда евра. Никој во овој момент не знае, а мислам дека граѓаните имаат право да знаат. Зошто наместо да се подобрува нивниот живот и да се даваат пари за мерки против сиромаштијата, против невработеноста, некој на 200 квардатни метри во градот, уништил зеленило, уништил дух, а за тоа заработил многу пари.

Очекувате ли дека ќе можете да дојдете до некаво расчистување на евентуални финсиски маловерзации во врска со овој проект.

Апсолутно, апсолутно.

Евентулано и некој да заврши со кривична пријава?

Тоа не е моја задача, но јас ќе направам се, бидејќи и во Парламентот од 2006-та година се обидувам да се борам за вистината и за парите на граѓаните. Собранието нема да ја остварува својата уставна функција се додека транспарентно не се направи контрола како се трошат парите на граѓаните. И тоа кога ќе дојдеме на власт ако не го направиме и ние нема да ја исполниме таа функција на собранието.

Досегашните ваши настапи се состојат главно во критики на власта и тоа сублимирани во зборот кич. Дали е тоа најголемиот проблем на Скопје.

Не, најголем проблем е што е украден градот, украден е духот, а украден е поради бизнис интересите на урбаната мафија и на фамилијата.
Сите што го сакаме Скопје апсолутно не сакаме вака да изгледа градот, ниту сме сонувале дека вакво нешто може да му се случи.

На митингот во Скопје побаравте предвремени парламентарни избори и одржување на референдум во март, како партија подготвени ли сте за сето тоа?

Апсолутно и затоа и ги поднесовме предлог измените на изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, бидејќи со тоа ја демонстрираме нашата спремност да се соочиме на избори. Седумдесет илјади луѓе не доаѓаат за џабе на митинг, тие доаѓаат да го изразат својот револт и протест против владата. Енергијата што постоеше пред некој ден на плоштадот во Скопје ни даде за право заедно со нив да ја извојуваме оваа борба за различната Македонија за која ние мислиме дека треба да биде и во која треба да живееме.

Што ако власта не се согласи со вашиот предлог со оглед на тоа што и сега истакнува дека нема да исполнува желби на Црвенковски.

Не постои демократска држава во којашто кога лидерот на опозицијата ќе се обрати до премиерот да одговара неговиот кум, тоа е недозволиво. Ако го негуваме политичкиот дијалог и ги почитуваме демократските принципи ред е премиерот да одговори. Јасниот одговор треба да го даде премиерот. Ние не ни очекувавме тие да го прифатат, бидејќи тие знаат каква е ситуацијата во државата.

Постојат ли се уште некакви можности за предизборен договор со ДПА?

Ние на овие избори ќе одиме и ќе победиме, со или без ДПА ќе видиме. Штета е за опозиционата атмосфера, посебно во албанскиот политички блок, тие да не можат да се поистоветат со некоја партија којашто понекогаш често лавира, но ние немаме никава вина, СДСМ ништо не погрешил од договореното, но како голема партија и како партија која е матица на овој широк опозициски фронт што се создава, апсолутно сме подготвени и натаму да разговараме и сме отворени за соработка.
XS
SM
MD
LG